Езра
1 Во првата година од владеењето на персискиот цар Кир,* за да се исполнат зборовите кои Јехова ги кажа преку Еремија, Јехова го поттикна* персискиот цар Кир да го напише и да го објави следниов проглас низ целото свое царство:
2 „Ова го вели Кир, царот на Персија: ’Јехова, небесниот Бог, ми ги даде сите царства на земјата и ми заповеда да му изградам дом во Ерусалим, во Јуда. 3 Кој од вас е од неговиот народ? Неговиот Бог нека биде со него и нека оди во Ерусалим, во Јуда, за повторно да го изгради домот на Јехова, Богот на Израел — вистинскиот Бог — чиј дом беше во Ерусалим.* 4 На сите што живеат како дојденци, каде и да се, нивните соседи* нека им помогнат така што ќе им дадат сребро, злато, разни добра и добиток, како и доброволни прилози за домот на вистинскиот Бог во Ерусалим‘“.
5 Тогаш родовските поглавари на Јуда и на Венијамин, свештениците и левитите, како и сите други кои ги поттикна вистинскиот Бог,* се подготвија да тргнат и повторно да го изградат домот на Јехова во Ерусалим. 6 Сите во нивната околина им помогнаа така што, покрај доброволните прилози за Божјиот дом, им даваа и предмети од сребро и од злато, разни добра, добиток и други скапоцености.
7 Цар Кир заповеда да им се даде и приборот кој му припаѓаше на домот на Јехова што Навуходоносор го зеде од Ерусалим и го стави во храмот на својот бог. 8 Персискиот цар Кир нареди да се изнесе приборот под надзор на ризничарот Митредат, кој го попиша и му го предаде на Сасавасар,* поглаварот на Јуда.
9 Ова е пописот на предметите: 30 златни длабоки садови, 1.000 сребрени длабоки садови, 29 резервни садови, 10 30 мали златни чинии, 410 мали сребрени чинии и 1.000 други предмети. 11 Имаше вкупно 5.400 златни и сребрени предмети, кои Сасавасар ги понесе со себе кога заедно со изгнаниците се врати од Вавилон во Ерусалим.