Захарија
6 Потоа пак погледнав нагоре и видов четири кочии кои излегуваа меѓу две планини, а тие планини беа од бакар. 2 Во првата кочија беа впрегнати црвени коњи, а во втората црни коњи. 3 Во третата кочија беа впрегнати бели коњи, а во четвртата дамчести и пегави коњи.
4 Тогаш го прашав ангелот кој зборуваше со мене: „Што претставуваат овие кочии, господару мој?“
5 А ангелот ми одговори: „Тоа се четирите небесни духови кои доаѓаат откај Господарот на целата земја. 6 Кочијата со црните коњи оди кон северната земја, белите коњи одат кон западната земја,* а дамчестите кон јужната земја. 7 Пегавите коњи едвај чекаат да тргнат за да го обиколат својот дел од земјата“. Потоа им рече: „Одете, обиколете ја земјата!“ И тие тргнаа да ја обиколуваат земјата.
8 Тогаш ангелот ми довикна: „Гледај! Коњите што отидоа во северната земја го смирија Јеховиниот дух во северната земја“.
9 Јехова повторно ми се обрати со следниве зборови: 10 „Земи го од Хелдај, Товија и Једај она што го донесоа од изгнаниците, па истиот ден појди во домот на Јосија, синот на Софонија, заедно со оние што дојдоа од Вавилон. 11 Потоа земи сребро и злато, направи круна* и стави ја на главата на првосвештеникот Исус, синот на Јоседек. 12 И речи му:
’Вака вели Јехова над војските: „Еве го човекот кој е наречен Изданок. Тој ќе изникне од своето место и ќе го изгради Јеховиниот храм. 13 Тој е оној што ќе го изгради Јеховиниот храм и нему ќе му биде укажана голема чест. Ќе седне на својот престол и ќе владее како цар, а од својот престол ќе служи и како свештеник. Овие две служби ќе бидат во потполн склад.* 14 А круната* ќе остане во храмот на Јехова во спомен на Хелем,* Товија, Једај и Хен,* синот на Софонија. 15 И оние што се далеку ќе дојдат и ќе учествуваат во изградбата на Јеховиниот храм“. И ќе знаете дека Јехова над војските ме испрати кај вас. Така ќе биде ако го слушате гласот на Јехова, вашиот Бог‘“.