Езра
4 Кога непријателите на Јуда и на Венијамин слушнаа дека оние што се вратија од изгнанство му градат храм на Јехова, Богот на Израел, 2 веднаш дојдоа кај Зоровавел и кај родовските поглавари и им рекоа: „Дозволете ни да градиме со вас бидејќи и ние го обожаваме* вашиот Бог и му принесуваме жртви уште од времето на асирскиот цар Есар-Адон, кој нѐ доведе овде“. 3 Но, Зоровавел и Исус, како и останатите родовски поглавари на Израел, им рекоа: „Вие немате право да му градите дом на нашиот Бог заедно со нас! Сами ќе го изградиме домот на Јехова, Богот на Израел, како што ни заповеда персискиот цар Кир“.
4 Тогаш тамошните жители почнаа да ги обесхрабруваат Јудејците и да ги заплашуваат со цел да ја спречат изградбата. 5 Плаќаа и советници за да ги осуетат нивните планови. Го правеа ова за сето време додека владееше персискиот цар Кир, сѐ додека со Персија не завладеа цар Дариј. 6 А кога почна да владее Ахасвер, напишаа писмо во кое изнесоа обвиненија против жителите на Јуда и на Ерусалим. 7 Освен тоа, додека Артаксеркс беше цар на Персија, Вислам и Митредат, како и Тавеил и неговите соработници, му испратија писмо на царот, кое го преведоа на арамејски јазик и го напишаа со арамејски букви.*
8 * Реум, кој беше висок службеник во царството, и писарот Симсај му напишаа на цар Артаксеркс писмо против Ерусалим. 9 (Писмото го испратија високиот службеник Реум, писарот Симсај и нивните соработници, односно судиите и нижите управители, писарите, луѓето од Ерех, Вавилонците, жителите на Суза, односно Еламците, 10 и останатите народи кои великиот и славен Асенафар* ги одведе во изгнанство и ги насели по градовите на Самарија, како и другите што живеат во областа западно од реката Еуфрат.*) 11 Ова е препис на писмото што го испратија:
„До цар Артаксеркс, од неговите слуги кои живеат во областа западно од реката Еуфрат:* 12 Сакаме да Ве известиме, царе, дека Евреите кои заминаа од кај Вас и дојдоа овде кај нас, пристигнаа во Ерусалим. Тие повторно го градат овој град, кој е полн со бунтовници и со злобни луѓе, ги подигаат ѕидовите и ги поправаат темелите. 13 Треба да знаете, царе, дека, ако го обноват градот и ако ги изградат ѕидовите, тие нема да плаќаат ни данок, ни давачки, ни царина, и со тоа царската ризница ќе биде во загуба. 14 Бидејќи примаме плата од дворецот* и не е во ред да гледаме како му се нанесува штета на царот, испраќаме писмо со цел да Ве известиме за ова. 15 Нека се истражат летописите на царевите што владееја пред Вас.* Од нив ќе дознаете и ќе се уверите дека тоа е бунтовнички град, кој им нанесува штета на царевите и на покраините, и дека во него уште од дамнина се кревале бунтови. Затоа и беше опустошен. 16 Сакаме да Ви ставиме до знаење дека, ако се обнови овој град и ако се изградат неговите ѕидови, тогаш царот ќе ја изгуби својата власт над областа западно од реката Еуфрат“.*
17 Царот им го испрати следниов одговор на високиот службеник Реум, на писарот Симсај и на нивните соработници кои живееја во Самарија, како и на другите луѓе во областа западно од реката Еуфрат:*
„Царот ви посакува мир! 18 Службеното писмо што ни* го испративте ми беше прочитано јасно и гласно.* 19 Затоа издадов наредба да се истражи тоа, и се утврди дека тој град уште од дамнина се кревал против царевите и дека во него се дигале бунтови и востанија. 20 Во Ерусалим имало моќни цареви кои владееле над целата област западно од реката Еуфрат* и на кои им се плаќале данок, давачки и царина. 21 Затоа, заповедајте да се прекине работата. Не смее да се продолжи со изградбата на градот сѐ додека јас не издадам поинаква наредба. 22 Преземете сѐ што е потребно за повеќе да не му се нанесува штета на царот“.
23 Штом преписот на службеното писмо од цар Артаксеркс им беше прочитан на Реум, на писарот Симсај и на нивните соработници, тие брзо отидоа кај Евреите во Ерусалим и присилно ја запреа работата. 24 Тогаш беше прекината изградбата на Божјиот дом во Ерусалим, и така беше сѐ до втората година од владеењето на персискиот цар Дариј.