Лука
19 Исус влезе во Ерихон и поминуваше низ градот. 2 А таму имаше еден човек по име Закхеј. Тој беше главен даночник и беше богат. 3 Сакаше да види кој е тој Исус, но од мноштвото не можеше, бидејќи беше низок. 4 Затоа отрча напред, каде што Исус требаше да помине, и се качи на една дива смоква за да го види. 5 Кога стигна на тоа место, Исус погледна нагоре и му рече: „Закхеј, слези брзо, зашто денес ќе бидам гостин во твојата куќа“. 6 И тој брзо слезе и со радост го прими на гости. 7 Кога го видоа тоа, сите почнаа да негодуваат: „Отиде на гости кај човек кој е грешник“. 8 А Закхеј стана и му рече на Господарот: „Еве, Господару, половина од мојот имот ќе им го дадам на сиромашните, а на секого од кого сум изнудил пари,* ќе му вратам четири пати повеќе“. 9 Тогаш Исус му рече: „Денес дојде спасението на оваа куќа, бидејќи и ти си син на Авраам. 10 Зашто, Синот човечки дојде да го бара и да го спаси она што е изгубено“.
11 Додека учениците го слушаа тоа, им раскажа уште една споредба. Го направи тоа бидејќи беше близу до Ерусалим, а тие мислеа дека, кога тој ќе стигне таму, Божјето Царство ќе дојде веднаш. 12 Затоа рече: „Еден човек со благородничко потекло требаше да отпатува во далечна земја за да добие царска власт и потоа да се врати. 13 Па повика 10 свои робови, им даде 10 мини* и им рече: ’Тргувајте со нив додека да дојдам‘. 14 Но неговите сонародници го мразеа и испратија по него пратеници да му кажат: ’Не сакаме ти да ни бидеш цар‘.
15 Кога ја доби царската власт, се врати и ги повика робовите на кои им ги беше дал парите* за да види колку заработиле. 16 Тогаш пристапи првиот и рече: ’Господару, со твојата мина заработив 10 мини‘. 17 А тој му рече: ’Одлично, добар робу! Затоа што беше верен во толку мала работа, ти давам власт над 10 градови‘. 18 Потоа дојде вториот и рече: ’Господару, со твојата мина заработив пет мини‘. 19 И нему му рече: ’Тебе ти давам власт над пет градови‘. 20 А третиот дојде и рече: ’Господару, еве ја твојата мина. Ја чував во крпче. 21 Се плашев од тебе бидејќи си строг човек, го земаш она што не си го вложил и го жнееш она што не си го посеал‘. 22 А тој му одговори: ’Со твоите зборови ќе ти судам, злобен робу. Значи, знаеше дека сум строг човек, дека го земам она што не сум го вложил и дека го жнеам она што не сум го посеал? 23 Тогаш, зошто не ги стави моите пари во банка? Така, кога ќе дојдев, ќе ги подигнев со камата‘.
24 Тогаш им рече на оние што стоеја таму: ’Земете му ја мината и дајте му ја на оној што има 10 мини‘. 25 Но тие му рекоа: ’Господару, тој веќе има 10 мини!‘ 26 А тој одговори: ’Ви велам, на секој што има, ќе му се даде уште, а на оној што нема, ќе му се одземе и она што го има. 27 А оние мои непријатели што не сакаа да им бидам цар, доведете ги ваму и погубете ги пред мене‘“.
28 Откако го кажа тоа, Исус продолжи кон Ерусалим. 29 Кога се приближи до Витфага и Витанија, кои се наоѓаат на Маслинската Гора, испрати двајца ученици 30 и им рече: „Појдете во селото што го гледате пред вас. Кога ќе влезете во него, ќе најдете врзано магаре на кое уште никој не седнал. Одврзете го и доведете го. 31 А ако некој ве праша: ’Зошто го одврзувате?‘, речете му: ’Му треба на Господарот‘“. 32 И така тие двајца отидоа и најдоа сѐ како што им рече. 33 Додека го одврзуваа магарето, неговите сопственици ги прашаа: „Зошто го одврзувате магарето?“ 34 Тие одговорија: „Му треба на Господарот“. 35 И го доведоа кај Исус. Потоа ги фрлија своите наметки врз магарето, и тој седна на него.
36 Додека поминуваше, луѓето ги постилаа своите наметки по патот. 37 И штом се приближи до патот што се спушта од Маслинската Гора, целото мноштво ученици почнаа да се радуваат и на сиот глас да го фалат Бог поради сите чуда што ги видоа: 38 „Благословен да е оној што доаѓа како Цар во името на Јехова! Мир на небото и слава на висините!“ 39 А некои фарисеи кои беа во толпата му рекоа: „Учителе, заповедај им на твоите ученици да замолчат“. 40 Тогаш тој им рече: „Ви велам, ако тие замолчат, камењата ќе викаат“.
41 Кога се приближи до Ерусалим, го погледна градот и заплака за него. 42 И рече: „Камо денес да сфатеше што треба да правиш за да имаш мир! Но сега тоа е скриено од твоите очи. 43 Зашто, ќе дојдат денови кога твоите непријатели ќе подигнат околу тебе ограда од зашилени колци, и ќе те опколат, и ќе те држат под опсада.* 44 Ќе те срамнат со земја и ќе ги уништат сите твои деца. И нема да остават во тебе ни камен на камен, бидејќи не го препозна времето во кое Бог дојде да ти суди“.
45 Потоа влезе во храмот и почна да ги истерува оние што продаваа таму, 46 велејќи им: „Напишано е: ’Мојот дом ќе биде дом на молитвата‘, а вие од него направивте разбојничко дувло“.
47 И секој ден поучуваше во храмот. А главните свештеници, познавачите на Законот* и влијателните луѓе од народот сакаа да го убијат, 48 но не можеа ништо да направат, зашто целиот народ постојано беше покрај него за да го слуша.