1. Самоилова
20 Давид побегна+ од Најот во Рама и дојде пред Јонатан, па го праша: „Што сум направил?+ Каква е мојата вина и што сум му згрешил на татко ти, па да ја бара мојата душа?“ 2 А тој му одговори: „Ти во никој случај нема да умреш!+ Еве, татко ми не прави ништо, ни големо ни мало, без да ми каже мене.+ Зошто татко ми би криел такво нешто од мене?+ Тоа нема да се случи“. 3 Но Давид уште се заколна+: „Татко ти сигурно знае дека сум ја стекнал твојата наклоност,+ па вели: ‚Јонатан не треба да знае ништо за тоа, за да не се жалости‘. Но како што е жив Јехова+ и како што е жива твојата душа,+ само чекор ме дели од смртта“.+
4 Тогаш Јонатан му рече на Давид: „Ќе направам сѐ што сака твојата душа“. 5 А Давид му рече на Јонатан: „Еве, утре е млада месечина+ и јас би морал да седам со царот на трпеза и да јадам. Но ти пушти ме да одам, да се кријам+ во полето до задутре навечер. 6 Ако забележи татко ти дека ме нема, кажи му вака: ‚Давид упорно ме молеше да го пуштам веднаш да појде во својот град Витлеем,+ зашто таму се одржува годишната жртва за целото негово семејство‘.+ 7 Ако рече: ‚Добро!‘ — тогаш твојот слуга може да биде мирен. Но, ако се разгневи, знај дека ми готви зло.+ 8 Покажи му милост* на својот слуга,+ зашто со својот слуга склучи сојуз+ пред Јехова. Но, ако нешто сум згрешил,+ убиј ме ти! Зошто да ме водиш кај својот татко?“
9 А Јонатан му одговори: „Никогаш не би ти направил такво нешто! Зарем не би ти јавил кога би дознал дека татко ми ти готви зло?“+ 10 Тогаш Давид го праша Јонатан: „Кој ќе ми јави ако твојот татко ти одговори остро?“ 11 А Јонатан му одговори на Давид: „Дојди, да излеземе в поле“. Така двајцата излегоа во полето. 12 И Јонатан му рече на Давид: „Јехова, Богот на Израел,+ нека биде сведок+ дека до утре или задутре ќе откријам што мисли татко ми. Ако татко ми е наклонет кон тебе, како тогаш да не пратам некого кај тебе за да ти јавам? 13 Јехова нека ми направи така мене и уште нека ми додаде+ ако не ти јавам дека татко ми ти готви зло и ако не те пуштам да одиш во мир. Јехова нека биде со тебе,+ како што беше со татко ми!+ 14 А ако бидам уште жив,+ нема ли тогаш ти мене да ми покажеш таква милост каква што покажува Јехова за да не загинам?+ 15 И не скратувај му ја својата милост на мојот дом довека.+ Ниту тогаш кога Јехова ќе ги истреби од лицето на земјата сите непријатели на Давид, 16 нека не исчезне од Давидовиот дом името на Јонатан!+ Јехова нека им се одмазди на непријателите на Давид“. 17 Така Јонатан уште еднаш му се заколна на Давид поради својата љубов кон него, зашто го сакаше како својата душа.+
18 Јонатан му рече: „Утре е млада месечина+ и сигурно ќе забележат дека те нема, зашто твоето место ќе биде празно. 19 А задутре уште повеќе ќе забележат дека те нема. Затоа појди на местото каде што се криеше+ пред некој ден* и остани таму кај каменот. 20 А јас ќе фрлам три стрели покрај каменот, како да гаѓам во мета. 21 И еве, ќе го испратам слугата и ќе му речам: ‚Оди! Пронајди ги стрелите!‘ Ако му кажам на слугата: ‚Гледај, стрелите ти се од оваа страна, донеси ги!‘ — тогаш ти дојди зашто, како што е жив Јехова,+ сѐ е добро за тебе и нема опасност. 22 Но, ако му речам на момчето: ‚Гледај, стрелите се таму подалеку од тебе!‘ — тогаш ти оди, зашто Јехова те испраќа одовде. 23 А за овие зборови што си ги кажавме+ јас и ти, сведок нека биде Јехова меѓу мене и тебе довека“.+
24 И Давид се скри во полето.+ Кога дојде младата месечина, царот седна на трпезата да јаде.+ 25 Царот седна на своето вообичаено место, на местото покрај ѕидот, Јонатан беше спроти него, Авенир+ седеше покрај Саул, а местото на Давид беше празно. 26 И Саул не рече ништо во оној ден, зашто помисли: „Нешто му се случило, па не е чист,+ сигурно не се исчистил“. 27 А на следниот ден по младата месечина, на вториот ден, местото на Давид и понатаму беше празно. Тогаш Саул го праша својот син Јонатан: „Зошто не дојде на ручек синот на Јесеј+ ни вчера ни денес?“ 28 А Јонатан му одговори на Саул: „Давид упорно ме молеше да го пуштам да појде во Витлеем.+ 29 Рече: ‚Те молам, пушти ме зашто во градот имаме семејна жртва и брат ми ми заповеда да дојдам. Затоа, ако сум ја стекнал твојата наклоност, те молам, пушти ме да отидам и да ги видам своите браќа‘. Затоа не дојде на царската трпеза“. 30 Тогаш Саул многу се разгневи+ на Јонатан, па му рече: „Бунтовнику!*+ Зар мислиш дека не знам дека си се здружил со синот на Јесеј за свој срам и за срам на својата мајка?+ 31 Зашто, сѐ додека е жив на земјата синот на Јесеј, нема да се утврдиш ни ти ни твоето царство.+ Затоа сега испрати луѓе и доведи ми го ваму, зашто мора да умре!“+
32 Но Јонатан му одговори на својот татко Саул: „Зошто мора да умре?+ Што направил?“+ 33 Тогаш Саул го фрли своето копје на него за да го прободе.+ И Јонатан виде дека татко му решил да го убие Давид.+ 34 Тогаш Јонатан стана од трпезата многу разгневен+ и не јадеше ништо на тој втор ден од месецот, зашто беше жалосен поради Давид,+ бидејќи татко му го понижи.+
35 И Јонатан изутрината излезе в поле, таму каде што се договори со Давид,+ а со него одеше и неговиот млад слуга. 36 И тој му рече на слугата: „Те молам, отрчај и пронајди ги стрелите што ќе ги фрлам!“+ Слугата отрча, а тој ја фрли стрелата, така што таа прелета преку него. 37 Кога слугата дојде до местото каде што беше стрелата која ја фрли Јонатан, Јонатан викна по него: „Не е ли стрелата подалеку од тебе?“+ 38 И Јонатан викаше по слугата: „Брзо! Побрзај! Не стој!“ И слугата на Јонатан ги собра стрелите и се врати кај својот господар. 39 А слугата не знаеше ништо, само Јонатан и Давид знаеја за што станува збор. 40 Тогаш Јонатан му го даде оружјето на својот слуга и му рече: „Оди, однеси го ова во градот!“
41 Кога си отиде слугата, Давид стана од местото каде што беше, од јужната страна, падна ничкум на земја+ и се поклони три пати. Потоа се избакнаа+ и плачеа и двајцата, а особено Давид.+ 42 А Јонатан му рече на Давид: „Оди во мир!+ Зашто, обајцата се заколнавме+ во името на Јехова: ‚Јехова е сведок меѓу мене и тебе и меѓу моето потомство и твоето потомство довека‘ “.+
Потоа Давид стана и отиде, а Јонатан се врати во градот.