2. Мојсеева
29 Вака направи за да ми ги посветиш за свештеничка служба: земи еден јунец и два овна+ без недостаток,+ 2 бесквасен леб, потоа бесквасен тркалезен леб замесен со масло и бесквасни кори намачкани со масло.+ Направи ги од фино пченично брашно. 3 Стави ги во една кошница и принеси ги во таа кошница,+ а заедно со нив и јунецот и двата овна.
4 Доведи ги Арон и неговите синови на влезот+ од шаторот на средбата и измиј ги со вода.+ 5 Потоа земи ја одеждата,+ па облечи му ги на Арон долгата кошула, туниката без ракави што се носи под ефодот, ефодот и наградникот, а ефодот затегни го со неговиот појас.+ 6 Стави му го турбанот на глава, а на турбанот прицврсти го светиот знак на предаденоста.+ 7 Потоа земи го маслото за помазание,+ излеј му го врз главата и помажи го.+
8 Потоа доведи ги неговите синови и облечи ги во долгите кошули.+ 9 Препаши ги со појасите, Арон и неговите синови, и околу главата завиткај им покривало како капа. Свештеничката служба нека им припаѓа со трајна одредба.+ Така ќе ги овластиш Арон и неговите синови да служат како свештеници.*+
10 Потоа доведи го јунецот пред шаторот на средбата, а Арон и неговите синови нека ги положат рацете врз главата на јунецот.+ 11 И заколи го јунецот пред Јехова, на влезот од шаторот на средбата.+ 12 Земи од крвта на јунецот+ и со прстот стави на роговите од жртвеникот,+ а сета останата крв излеј ја во подножјето на жртвеникот.+ 13 Земи го сиот лој+ што ги покрива цревата,+ кошулката околу дробот,+ двата бубрега и лојот што е на нив, па изгори ги на жртвеникот.+ 14 А месото од јунецот, неговата кожа и лепешките изгори ги во оган надвор од логорот.+ Тоа е жртва за грев.
15 Потоа земи еден овен,+ па Арон и неговите синови нека ги положат рацете врз главата на овенот.+ 16 И заколи го овенот, земи ја неговата крв и попрскај го со неа жртвеникот од сите страни.+ 17 Исечи го овенот на парчиња, измиј му ги цревата+ и потколениците, и нареди ги неговите парчиња едно до друго сѐ до главата. 18 Тогаш изгори го целиот овен на жртвеникот. Тоа е жртва паленица+ за успокојувачки мирис+ за Јехова. Тоа е жртва палена за Јехова.
19 Потоа земи го другиот овен, па Арон и неговите синови нека ги положат рацете врз главата на овенот.+ 20 Заколи го овенот, па земи од неговата крв и стави на ресичката од Ароновото десно уво, на ресичката од десното уво на неговите синови, на палецот од нивната десна рака и на палецот од нивната десна нога,+ а со останатата крв попрскај го жртвеникот од сите страни. 21 Потоа земи од крвта што е на жртвеникот и од маслото за помазание,+ па попрскај ги Арон и неговата одежда, и со него неговите синови и нивните одежди, за да бидат свети тој и неговата одежда, и со него неговите синови и нивните одежди.+
22 Земи ги од овенот лојот, мрсната опашка,+ лојот што ги покрива цревата, кошулката од дробовите, двата бубрега и лојот што е на нив, како и десниот бут+ — зашто тоа е овен што се принесува за поставување во свештеничка служба*+ — 23 потоа еден тркалезен леб, еден прстенест леб направен со масло и една кора од кошницата со бесквасни лебови што стои пред Јехова.+ 24 Сето тоа стави им го в раце на Арон и на неговите синови,+ па занишај го пред Јехова како нишана жртва.+ 25 Потоа земи го тоа од нивните раце и изгори го на жртвеникот врз жртвата паленица, за успокојувачки мирис пред Јехова.+ Тоа е жртва палена за Јехова.+
26 Земи ги градите од овенот, кој е принесен за да се постави Арон во свештеничка служба,+ па занишај ги пред Јехова како нишана жртва. Тоа нека биде твојот дел. 27 Посвети ги градите+ што се принесени како нишана жртва, како и бутот што е принесен како посветен дел, сето она што е земено од овенот, кој е принесен за да бидат поставени Арон и неговите синови во свештеничка служба.+ 28 Тоа нека им припаѓа на Арон и на неговите синови со трајна уредба, која ќе ја извршуваат синовите на Израел, зашто тоа е посветен дел.+ Тоа е посветен дел што синовите на Израел ќе го даваат од своите жртви на заедништвото,+ како дел посветен за Јехова.
29 Ароновата света одежда+ нека им припадне на неговите синови+ по него за да бидат помазани+ во неа и во неа да бидат овластени да служат како свештеници.+ 30 Седум дена+ нека ја носи оној негов син што ќе го наследи како свештеник и што ќе влегува во шаторот на средбата за да служи на светото место.
31 А ти земи го овенот што се принесува за поставување во свештеничка служба и свари го неговото месо на свето место.+ 32 А Арон и неговите синови нека ги јадат+ месото од овенот и лебот што е во кошницата на влезот од шаторот на средбата. 33 Нека го јадат она што послужило за нивно очистување, за да бидат овластени да служат како свештеници и да бидат посветени.+ Но, никој од обичниот народ не смее да јаде од тоа, зашто е свето.+ 34 Ако остане до утрото нешто од месото на жртвата што се принесува за поставување во свештеничка служба и од лебот, тогаш тоа што останало да се изгори во оган.+ Не смее да се јаде, зашто е свето.
35 Направи за Арон и за неговите синови сѐ така како што ти заповедав.+ Ќе ти бидат потребни седум дена за да ги овластиш да служат како свештеници.+ 36 Секој ден принесувај по еден јунец како жртва за грев заради очистување.+ Очисти го жртвеникот од грев, вршејќи над него обред на очистување, а потоа помажи+ го за да го посветиш. 37 Седум дена врши го обредот на очистување над жртвеникот и посветувај+ го жртвеникот за да биде нешто најсвето.+ Секој што се допира до жртвеникот мора да биде свет.+
38 А ова принесувај го на жртвеникот: по два млади едногодишни овна, секој ден без прекин.+ 39 Едниот овен принесувај го наутро,+ а другиот принесувај го приквечер.*+ 40 Со првиот овен принесувај десеттина ефа* фино брашно+ замесено со четврт ин* масло од толчени маслинки, како и жртва налевница+ од четврт ин вино. 41 Другиот овен принесувај го приквечер. Принесувај го исто како наутро, со житна жртва+ и со жртва налевница за успокојувачки мирис, како жртва палена за Јехова. 42 Тоа нека се принесува редовно+ пред Јехова како жртва паленица од поколение до поколение на влезот од шаторот на средбата, каде што ќе се среќавам со вас за да зборувам таму со тебе.+
43 Тука ќе се среќавам со синовите на Израел и тоа место ќе биде посветено со мојата слава.+ 44 Ќе го посветам шаторот на средбата и жртвеникот, ќе ги посветам+ Арон и неговите синови за да ми служат како свештеници. 45 Ќе живеам меѓу синовите на Израел и ќе бидам нивни Бог.+ 46 И тие ќе знаат дека јас сум Јехова, нивниот Бог, кој ги изведе од египетската земја за да живее меѓу нив.+ Јас сум Јехова, нивниот Бог.+