Тој не се предал
НА 5 октомври 1995, 14-годишниот Мат Тапио беше опериран од тумор на ’рбетниот мозок. Туморот бил малигнен. Таа операција беше прва од многуте на кои се подложи во следните две и пол години. Следеше лекување со хемиотерапија и радијација.
Мат живееше во Мичиген (САД), каде што одеше на училиште и на христијански состаноци. Користеше прилики да разговара со наставниците и со другите ученици за своите верувања, како и да ги посетува другите луѓе во јавната служба. Во текот на неговите чести престои во болницата — 18 месеци од последните две и пол години од својот живот помина по болниците — тој остави стотици примероци библиска литература кај оние што ги сретна таму.
Многу пати изгледало дека Мат нема да преживее, но секојпат се опоравуваше. Еднаш, кога одел накај болницата, добил напад и престанал да дише. Се започнало со кардиопулмонарно оживување и тој се повратил во живот. Кога се освестил, почнал да плаче и гласно викал: „Јас сум борец! Јас сум борец! Не се предавам!“ Луѓето велеа дека верата на Мат во Бог била таа што го одржала да живее толку долго.
На 13 јануари 1996, на Мат му се исполни една долго негувана желба кога се крсти како симбол на своето предание на Јехова Бог. Крштавањето се изврши во посебен базен поради ризикот од инфекција. После неколку дена, се врати во болницата за понатамошна операција. Во август 1997, Мат со недели постојано повраќаше, но после понатамошните операции се стабилизира.
Низ сето тоа, Мат задржа добра смисла за хумор, шегувајќи се со лекарите и со медицинските сестри. Тие не можеа да сфатат како може да има таква смисла за хумор. Еден од лекарите му рекол: „Мат, да бев на твое место, ќе ја тргнев завесата околу креветот, ќе ја покриев главата и на сите ќе им речев да се губат“.
Во февруари 1998 Мат последен пат се врати дома од болница. Толку беше восхитен од тоа што е жив и што е дома што веднаш штом влезе, рече: „Толку сум среќен! Ајде да се помолиме“. Тогаш му ја изрази на Јехова својата среќа во молитва. После два месеца, на 19 април, конечно му подлегна на ракот.
Претходно, на еден состанок на Јеховините сведоци во локалната Сала на Царството беше пуштено едно снимено интервју со Мат. Беше запрашан: „Што би им рекол за службата и за христијанските состаноци на оние од нас кои имаат прилично добро здравје?“
Мат одговори: „Сега правете што можете . . . Никогаш не се знае што ќе се случи . . . Но, што и да се случи, никогаш не престанувајте да сведочите за Јехова“.