Чудесен пустински борец
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НАМИБИЈА
ОВДЕ, во пустината Намиб во југозападна Африка, воздухот е чист и свеж. Денот е ведар. Како што се крева сонцето, така се крева и температурата. Ова е свет на песочни дини и низини биени од ветрот. Зачудено гледаме околу себе. Каков е оној куп од зелено лисје во далечината? Кога погледнуваме одблизу, увидуваме дека сме наишле на едно од најчудните растенија во светот — Welwitschia mirabilis. Вториот збор од тоа научно име на латински значи „чудесно“.
Во дивината, ова растение го има само во пустинските предели на Ангола и Намибија. Толку се разликува од сите други растенија што научниците го класификуваат како посебна фамилија и посебен род што се состои од само еден вид. „Од приближно 375.000 видови растенија што му се познати на човекот, ниедно друго растение не успеало да предизвика толкав интерес меѓу ботаничарите како Welwitschia; исто така, ниедно друго растение не му задало толкава мака на човекот, кој има обичај да класификува“, пишува Крис Борнман во својата книга Welwitschia—Paradox of a Parched Paradise (Welwitschia — парадокс на спржениот рај).
Ова растение можеби личи на куп листови околу една пенушка, но всушност, тоа има само два листа. Пустинските ветрови ги расцепуваат тие листови надве. Неговото име на јазикот африканс, tweeblaarkanniedood, дословно значи „дволисникот не умира“. Колку само е соодветно тоа име! Дневните температури овде понекогаш достигнуваат 40 степени Целзиусови, а ноќите можат да бидат многу студени и нема никакви дрвја што ќе ги запрат силните ветришта. Додека повеќето растенија во потполност зависат од своите корења што апсорбираат вода од почвата, кај Welwitschia тоа не е случај. Во Намиб просечно паѓа помалку од 25 милиметри дожд годишно, а понекогаш не врне со години! Во такви услови, ова растение и понатаму расте и неговите лисја секогаш се зелени. Научниците долго време се прашувале како е можно ова. Изгледа дека одговорот лежи во тоа што листовите на Welwitschia ја впиваат утринската магла што во пустината ја носат вообичаените крајбрежни ветрови.
Кај Welwitschia лисјата не паѓаат за да ѝ пораснат нови. Првобитните два листа растат во текот на целиот живот на ова растение. Кога бил одвиткан, еден лист имал должина од 8,8 метри! Замислете си само што би се случило ако краевите на листот на Welwitschia не умираат и не отпаѓаат малку по малку! „Во својот животен век од 1.500 години“, објаснува научното списание Veld & Flora, „Welwitschia би можела да има лист долг 225 метри.“ Но, дали ова растение навистина може да живее толку долго? „Растението Welwitschia расте бавно и често живее 1.000 до 2.000 години“, потврдува The World Book Multimedia Encyclopedia.
Welwitschia навистина е чудесен пустински борец. Како може ова необично растение да живее толку долго во толку тешки услови во пустината? Во основа, мораме да му се заблагодариме на семудриот Конструктор и Творец Јехова Бог, оној што прави да никне „зеленчук за потребите на човекот“ (Псалм 104:14).