Бесплатни деликатеси од шумата
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ФИНСКА
ВО СКАНДИНАВСКИТЕ земји, многу семејства уживаат да шетаат низ шумите и да берат диви бобинки. На пример, во Финска, вљубениците во шумата имаат право слободно да се шетаат во природа — дури и на приватни имоти — под услов да не ја уништуваат околината и да не се приближуваат премногу до нечиј дом. Ова право не постои како пишан закон, туку потекнува од старата скандинавска традиција. Со ова право секој може да бере полско цвеќе, печурки и бобинки речиси секаде каде што ги има.
Во Финска има околу 50 видови шумски бобинки, а повеќето од нив може да се јадат. Трите видови што најчесто се среќаваат се боровинките, дивата капина и мечкиното грозје.a (Види ги придружните рамки.)
Бобинките, кои ги има во најразлични бои и со најразлични вкусови, ја збогатуваат храната и се многу здрави за јадење. Во книгата Прирачник за дивите бобинки (Luonnonmarjaopas) се вели: „Скандинавските бобинки, кои узреваат за време на долгите сончеви [летни] денови, имаат изразита боја и мирис и се богати со минерали и витамини“. Освен тоа, бобинките содржат растителни влакна кои го нормализираат шеќерот во крвта и го намалуваат холестеролот. Тие содржат и флавони, фенолни соединенија за кои се смета дека го подобруваат здравјето.
Дали се исплаќа да се оди в шума за да се берат бобинки? „Со тоа многу се заштедува, зашто бобинките во продавниците се многу скапи. А кога сам ќе си ги набереш, барем знаеш дека се свежи“, вели Јука, кој ужива да бере бобинки. Неговата жена, Нина, укажува на уште една добра страна: „Кога одиме да береме бобинки, имаме можност да си направиме убав семеен излет во шумата“.
Но, Нина уште вели: „Ако децата се со вас, многу е важно постојано да ви бидат пред очи за да не залутаат и да не каснат некои бобинки за кои не сте сигурни дали се штетни“. Мора да се биде претпазлив, зашто некои бобинки се отровни.
Како и повеќето Скандинавци, Јука и Нина многу уживаат кога се во природа. „Многу ја сакам шумата“, вели Нина. „Таму можам да најдам мир и да се изнадишам свеж, чист воздух. Шумата ми го окрепнува умот. А и на децата им е убаво в шума.“ Јука и Нина увиделе дека мирот во шумата е идеален за размислување и за семејни разговори.
Бобинките се највкусни и најхранливи кога се свежо набрани. Но, не остануваат свежи за долго. За да можеме да се насладуваме со бобинките и во зима, мора да ги конзервираме. Порано луѓето ги чувале бобинките во визбите, но сега обично се чуваат во ладилници. Од многу видови бобинки се прават мармалади и сокови.
Сигурно ќе се согласиш со зборовите на еден шведски писател кој, во својата Книга за бобинките во Шведска (Svenska Bärboken), напишал: „Колку е убаво кога во студените зимски денови ќе си отвориш тегла полна со вкус на лето! Одеднаш ти се враќаат спомените од летото што поминало и ти се раѓа копнеж по летото што доаѓа“. Бобинките имаат најразлични намени. За појадок многу убаво одат со јогурт, мусли или овесна каша. Од шумските бобинки се прават вкусни десерти и печива. А пирето или желето од бобинки многу ги разубавуваат некои јадења.
Многу луѓе си купуваат бобинки од најблискиот дуќан. Но, замисли дека си во шумата: денот е ведар, свежиот воздух ти ги исполнува градите, насекаде околу тебе владее мир и спокој, а ти береш разнобојни, слатки бобинки. Е, тоа не би бил лош начин да си ја збогатиш трпезата со бесплатни деликатеси! Во мислите ни се враќаат зборовите на псалмистот: „Колку се многубројни твоите дела, Јехова! Сите мудро си ги направил, полна е земјата со твоите творби“ (Псалм 104:24).
[Фуснота]
a Зборот „бобинка“ е општ назив за секој зрнест ситен плод.
[Рамка/слики на страници 24 и 25]
БОРОВИНКИ (Vaccinium myrtillus)
Овие омилени слатки бобинки уште се викаат и диво грозје. Од боровинките обично се прави сос, пудинг, мармалад или сок. Може да се стават и во разни слатки како, на пример, во торта од боровинки. Свежите боровинки се многу вкусни со млеко. Но, не ни помислувај да ги јадеш скришум, зашто од боровинките устата и јазикот ќе ти станат модри. Во Скандинавија на шега уште ги викаат и „тужибаби“.
[Рамка/слики на страница 25]
ДИВА КАПИНА (Rubus chamaemorus)
Овие бобинки растат во зафрлени, мочурливи места. Во Финска, најмногу ги има на север. Дивите капини, кои се преполни со витамин А и Ц, се сочни и хранливи. Содржат три до четири пати повеќе витамин Ц отколку портокалот. Дивите капини се многу ценети — понекогаш ги викаат и злато од мочуриштата. Овие бобинки им даваат посебна сласт на разни десерти, а од нив се прави и многу убав ликер.
[Извор на слика]
Reijo Juurinen/Kuvaliiteri
[Рамка/слики на страница 25]
МЕЧКИНО ГРОЗЈЕ (Vaccinium vitis-idaea)
Луѓето во Финска и во Шведска многу го сакаат мечкиното грозје кое е сродно со брусницата. Пиреата и желеата од овие бобинки ја збогатуваат трпезата. Од овие светлоцрвени бобинки се прават и сосови, пудинзи, сокови и печива. Мечкиното грозје не се расипува брзо затоа што содржи природни киселини кои дејствуваат како конзерванси. Големото присуство на киселини им дава на бобинките остар, красат вкус на кој човек треба да се привикне.
[Рамка на страница 25]
Не е само уживанција!
Берењето диви бобинки може да биде убаво и пријатно доживување.b Но, не е секогаш лесно. Паси и Туири се брачен пар од Лапланд. Тие берат бобинки и за дома и за продавање. Понекогаш, додека берат, околу нив врие од досадни инсекти, како што се комарците и мувите. „Многу се досадни. Дури ти влегуваат во уста и во очи“, со грозење вели Туири. Но, за среќа, донекаде можеш да се заштитиш ако носиш исправна облека или ако користиш средство против инсекти.
Ни одењето низ шумата не е секогаш лесно — особено ако одиш низ мочурливи предели. Понекогаш ти се чини дека тлото е цврсто, а всушност е жива кал. Освен тоа, како што велат Паси и Туири, и самото берење може да биде прилично напорно. Кога береш бобинки, со часови си наведнат или клекнат, а од тоа после те болат грбот и нозете.
Не е лесно ни да се најдат бобинките. Паси вели: „Мора да си многу упорен за да најдеш добро место“. „Многупати повеќе се уморуваме од барањето отколку од самото берење“, додава Туири. Но, со берењето не завршува работата — бобинките мора да се исчистат и да се измијат.
Имајќи ја на ум целата оваа работа, некои попрво би ги оставиле рунтавите шумски жители да се насладуваат со бобинките. Сепак, има многу луѓе, како Паси и Туири, кои сакаат да берат бобинки, па затоа секоја година тргнуваат на берба во шумите и по мочуриштата. За нив, радоста што ја чувствуваат кога берат диви бобинки ги надминува сите маки.
[Фуснота]
b Сите бобинки не се за јадење. Некои видови се отровни. Пред да одиш да береш бобинки, научи кои може да се јадат.