Заводливоста на рекламите
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ПОЛСКА
Загледан во телевизорот, Томек е како маѓепсан. Целиот е претворен во уво додека една рекламна порака ги убедува слушателите со следниве зборови: „Ако сакате Вашиот син да биде силен, да има одлична кондиција и да биде популарен, не одложувајте! Купете ја [оваа облека] веднаш!“ Томек брзо оди кај татко му, и си ја потпевнува мелодијата од рекламата. „Тато, ќе ми го купиш ли ова?“ — прашува тој.
◼ Зошто децата ги посакуваат рекламираните производи? Еден педагог, чија изјава се појави во полското списание Rewia, го вели следново: „Сакаат да го имаат она што го имаат и другите. Се плашат дека, во спротивно, ќе бидат отфрлени“. Кога детето ги моли, плаче и се мурти, некои родители попуштаат и им удоволуваат.
Зошто рекламите чија главна мета се децата се толку заводливи? Во нив „не се става акцент на цената, квалитетот или практичноста на производот“, објаснува психологот Јоланта Вонс. Целта на рекламата е „да влијае врз чувствата“. Таа понатаму вели: „Малите деца не би ја анализирале содржината на рекламата... Тие не ја споредуваат добиената информација со она што веќе го знаат“. А дури и да се обидат да го сторат тоа, нивното разбирање може да биде премногу ограничено за исправно да проценат одреден производ.
Како можеш да го заштиш своето дете од заводливоста на рекламите? Како прво, „мораш да одвојуваш време за [него] и постојано да му објаснуваш дека вредноста на една личност не се мери по тоа каква марка патики [или облека] носи“, пишува Rewia. Поучи го своето дете дека може да има среќно детство и без најновите играчки. Како второ, самите родители треба да бидат свесни колкаво влијание можат да имаат рекламите врз нивните деца. Најважно е да не „дозволиме рекламите да ни кажуваат што му треба на нашето дете“, вели Вонс.
Освен тоа, сите родители можат да имаат корист од советите во Библијата. Апостол Јован напишал: „Сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот“ (1. Јованово 2:15, 16).
Зарем не се согласуваш дека многу реклами апелираат на „желбата на очите“ и дека поттикнуваат и млади и стари да го ‚истакнуваат својот имот‘? Интересно е она што апостол Јован го кажал во продолжение на овој совет. Тој рекол: „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“ (1. Јованово 2:17).
Родителите кои редовно одвојуваат време за да разговараат со своите деца за корисни работи се во најдобра положба да им ги всадат во срцето позитивните Божји вредности и начела (5. Мојсеева 6:5-7). Тоа ќе им помогне на децата да не станат лесен плен на заводливите реклами од овој свет, кои ги поттикнуваат да им вршат притисок на родителите за да им купат одреден производ.