Приказна 59
Зошто Давид мора да бега
ОТКАКО Давид го убил Голијат, израелскиот заповедник Авенир го довел кај Саул. Саул бил многу задоволен со Давид. Тој го поставил за заповедник на својата војска и го зел да живее во царскиот дом.
Подоцна, кога војската се враќала по победата над Филистејците, жените пееле: ‚Саул уби илјади, но Давид десетици илјади‘. Саул станал љубоморен бидејќи на Давид му укажале поголема чест отколку нему. Но, Сауловиот син Јонатан не бил љубоморен. Тој многу го сакал Давид, а и Давид го сакал Јонатан. Затоа обајцата си ветиле еден на друг дека засекогаш ќе бидат пријатели.
Давид многу добро свирел на харфа, а на Саул многу му се допаѓала неговата музика. Но еден ден, Саул од љубомора направил нешто страшно. Додека Давид свирел на харфа, Саул го зел копјето и го фрлил, велејќи си: ‚Ќе го приковам Давид за ѕидот!‘ Но, Давид отскокнал настрана, и копјето го промашило. Подоцна Саул повторно го промашил Давид со своето копје. Така Давид знаел дека мора да биде многу внимателен.
Се сеќаваш ли на ветувањето што го дал Саул? Тој рекол дека ќе му ја даде својата ќерка за жена на оној што ќе го убие Голијат. Саул на крајот му рекол на Давид дека ќе му ја даде својата ќерка Михала, но прво мора да убие 100 Филистејци, кои им биле непријатели. Замисли! Саул, всушност, се надевал дека Филистејците ќе го убијат Давид. Но тие не го убиле, па затоа Саул му ја дал на Давид својата ќерка за жена.
Еден ден, Саул им кажал на Јонатан и на сите свои слуги дека сака да го убие Давид. Но Јонатан му рекол на татко си: ‚Не прави му ништо лошо на Давид. Тој никогаш не ти погрешил. Напротив, сѐ што направи беше од голема помош за тебе. Го ризикуваше својот живот кога го уби Голијат, а тебе ти беше мило кога го виде тоа‘.
Саул го послушал својот син и ветил дека нема да му направи ништо лошо на Давид. Тогаш го довеле назад, и Давид повторно му служел на Саул во неговиот дом исто како порано. Но, еден ден, додека Давид свирел, Саул повторно го гаѓал со копје. Давид отскокнал настрана, и копјето удрило во ѕидот. Ова било третпат! Давид сега знаел дека мора да бега!
Таа ноќ Давид си отишол дома. Но, Саул испратил неколку луѓе за да го убијат. Михала знаела што планирал татко ѝ, па затоа му рекла на својот маж: ‚Ако не побегнеш ноќеска, утре ќе бидеш мртов‘. Таа ноќ Михала му помогнала на Давид да избега низ прозорец. Околу седум години Давид морал да се крие од едно место во друго за Саул да не го најде.
1. Самоилова 17:55-58; 18:1-30; 19:1-18.