Приказна 103
Во една заклучена соба
ОТКАКО Петар и Јован заминале од гробницата во која било телото на Исус, Марија останала таму сама. Таа почнала да плаче. Потоа се наведнала и погледнала во гробницата, како што видовме на претходната слика. Таму таа видела два ангела! Тие ја прашале: ‚Зошто плачеш?‘
Марија одговорила: ‚Го однеле мојот Господар, и не знам каде го ставиле‘. Потоа Марија се свртела и видела еден човек. Тој ја прашал: ‚Кого бараш?‘
Марија помислила дека човекот е градинар и дека тој можеби го зел Исусовото тело. Затоа рекла: ‚Ако си го однел ти, кажи ми каде си го ставил‘. Но, всушност, тој човек бил Исус. Имал тело кое Марија не го препознала. Но, кога ја повикал по име, Марија знаела дека тоа е Исус. Таа отрчала и им кажала на учениците: ‚Го видов Господарот!‘
Истиот ден подоцна, додека двајца ученици оделе пеш кон селото Емаус, им се придружил еден човек. Учениците биле многу тажни поради тоа што Исус бил убиен. Но, додека оделе, човекот им објаснил многу работи од Библијата поради што се чувствувале подобро. На крајот, кога застанале да јадат, учениците препознале дека тој човек е Исус. Тогаш Исус исчезнал, а тие двајца ученици брзо се вратиле по истиот пат во Ерусалим за да им кажат на апостолите за него.
Додека тоа се случувало, Исус му се појавил и на Петар. Другите биле восхитени кога чуле за тоа. Потоа, овие двајца ученици отишле во Ерусалим за да ги најдат апостолите. Тие им кажале дека и ним Исус им се појавил на патот. И додека тие раскажувале, знаеш ли какво чудо се случило?
Види на сликата. Исус се појавил токму таму во собата, иако вратата била заклучена. Колку среќни биле учениците! Зарем тоа не бил еден возбудлив ден? Можеш ли да преброиш колку пати досега Исус им се појавил на своите следбеници? Дали изброи пет пати?
Апостолот Тома не бил со нив кога Исус се појавил. Затоа учениците му раскажале: ‚Го видовме Господарот!‘ Но Тома рекол дека самиот ќе мора да го види Исус пред да поверува. Осум дена подоцна, учениците биле повторно заедно во една заклучена соба, но тогаш со нив бил и Тома. Наеднаш, Исус се појавил токму таму во собата. Тогаш Тома поверувал.
Јован 20:11-29; Лука 24:13-43.