Поглавје 64
Поука за простувањето
ИЗГЛЕДА дека Исус сѐ уште е во куќата во Капернаум заедно со своите ученици. Разговара со нив за тоа како да ги решаваат проблемите меѓу браќата, па затоа Петар прашува: „Господи, колкупати може брат ми да ми згреши, а јас да му простам?“ Бидејќи еврејските верски водачи предлагаат да се простува до трипати, Петар веројатно смета дека е многу великодушно ако предложи „до седумпати?“
Но, целата идеја да се води таква евиденција е погрешна. Исус го исправа Петар: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесет и седумпати“. Тој покажува дека не треба да се става граница за тоа колку пати Петар ќе му прости на својот брат.
За да ја всади во учениците обврската да простуваат, Исус им раскажува илустрација за еден цар кој сака да ги среди сметките со своите робови. Му доведуваат еден роб кој му должи огромна сума од 60.000.000 денарии. Не постои никаква веројатност дека ќе ги плати. Затоа, како што објаснува Исус, царот наредува тој, неговата жена и деца да бидат продадени за да се изврши исплатата.
Притоа робот паѓа пред нозете на господарот и го преколнува: „Биди стрплив со мене и сѐ ќе ти отплатам“.
Трогнат од сожалување кон него, господарот милостиво го поништува огромниот долг на тој роб. Но, недолго после тоа, продолжува Исус, тој роб оди и пронаоѓа еден сороб кој му должи само 100 денарии. Човекот го зграпчува соробот за врат и почнува да го дави, велејќи: „Врати ми сѐ што должиш“.
Но, тој сороб нема пари. Затоа паѓа пред нозете на робот на кого му е должен и го моли: „Биди стрплив со мене и ќе ти отплатам“. За разлика од својот господар, тој роб е немилосрден и го фрла својот сороб в затвор.
Па, продолжува Исус, другите робови кои виделе што се случило, одат и му го раскажуваат тоа на господарот. Тој налутено го повикува робот. „Зол робу“, вели тој, „јас ти го поништив целиот тој долг кога ти ме преколнуваше. Зарем не требаше и ти да бидеш милосрден кон својот сороб, како што јас бев милосрден кон тебе?“ Разгневен, господарот им го предава немилосрдниот роб на темничарите сѐ додека не отплати сѐ што должи.
Потоа Исус заклучува: „На сличен начин и мојот небесен Татко ќе постапи со вас ако секој од срце не му прости на својот брат“.
Каква прекрасна поука за простувањето! Во споредба со огромниот долг на грев што Бог ни го простува, навистина е мал секој престап што може да го направи против нас еден христијански брат. Освен тоа, Јехова Бог ни простил илјадници пати. Честопати не сме ни свесни за нашите гревови против него. Затоа, зарем не можеме да му простиме на нашиот брат неколкупати, дури и ако имаме оправдана причина за жалење? Запомни, како што поучувал Исус во Проповедта на гората, Бог ќе ни ги „прости долговите, како што и ние им простивме на нашите должници“. Матеј 18:21—35; 6:12; Колошаните 3:13.
▪ Што го наведува Петар да праша за простувањето на својот брат, и зошто можеби мисли дека неговиот предлог да се прости некому седумпати е великодушен?
▪ Како реакцијата на царот на молбата на неговиот роб за милост се разликува од реакцијата на робот на молбата на еден сороб?
▪ Што учиме од Исусовата илустрација?