Што содржи книгата
Некому кој првпат влегува во библиотека може да му се чини дека изборот книги е збунувачки. Но, со мало објаснување за тоа како се подредени книгите, тој наскоро ќе научи како да ги пронаоѓа работите. Слично на тоа, полесно е да се снајдете во Библијата доколку разбирате како е подредена нејзината содржина.
ЗБОРОТ „Библија“ потекнува од грчкиот збор библи́а, кој значел „свитоци од папирус“ или „книги“.1 Библијата, всушност, е збирка — библиотека — од 66 поединечни книги, чие пишување опфаќало околу 1.600 години, од 1513 пр. н. е. до приближно 98 н. е.
Првите 39 книги, околу три четвртини од содржината на Библијата, се познати како Хебрејски списи, бидејќи повеќето се напишани на тој јазик. Овие книги може воглавно да се поделат на три групи: 1) Историски, од 1. Мојсеева до Естир, 17 книги; 2) Поетски, од Јов до Песна над песните, 5 книги и 3) Пророчки, од Исаија до Малахија, 17 книги. Хебрејските списи ја опфаќаат раната историја на Земјата и на човештвото, како и историјата на древниот народ Израел од неговиот зачеток па сѐ до петтиот век пр. н. е.
Останатите 27 книги се познати како Христијански грчки списи, бидејќи биле напишани на грчки, кој бил меѓународен јазик во тоа време. Во основа, тие се подредени според темата: 1) 5 историски книги — евангелијата и Дела, 2) 21 писмо и 3) Откровението. Христијанските грчки списи се сосредоточуваат на учењата и активностите на Исус Христос и неговите ученици во првиот век н. е.