ПОГЛАВЈЕ 18
Дали не забораваш да кажеш „благодарам“?
ЈАДЕШЕ ЛИ денес?— Знаеш ли кој го зготви јадењето?— Можеби мама или некој друг, но зошто треба да му се заблагодариме на Бог за него?— Затоа што Бог е оној што овозможува храната да расте. Сепак, треба да му се заблагодариме и на оној што го зготвил јадењето или на оној што ни го поставил на масата.
Понекогаш забораваме да кажеме „благодарам“ кога другите прават љубезни работи за нас, нели? Кога Големиот Учител бил на земјата, имало некои лепрозни што заборавиле да му кажат „благодарам“.
Знаеш ли што значи лепрозен?— Лепрозен е човек што има болест која се вика лепра. Ако некој ја има таа болест може дури да му отпаѓаат делови од телото. Кога Исус живеел на земјата, лепрозните морале да живеат одвоено од другите луѓе. А ако некој лепрозен видел како доаѓа друг човек, морал да вика за да го предупреди човекот да не му се приближува. Ова се правело за другите луѓе да не дојдат премногу близу и случајно и тие да не ја добијат таа болест.
Исус бил многу љубезен со лепрозните. Еден ден, кога одел кон Ерусалим, Исус морал да помине низ еден мал град. Кога се приближил до градот, излегле десет лепрозни за да го видат. Тие слушнале дека Исус има моќ од Бог да лекува секакви болести.
Лепрозните не му се приближиле на Исус. Стоеле далеку од него. Но, верувале дека Исус би можел да им ја отстрани лепрата. Затоа, кога лепрозните го виделе Големиот Учител, повикале: ‚Исусе, Учителе, помогни ни!‘
Дали ти е жал за луѓето што се болни?— На Исус му било жал. Тој знаел колку е жално да се биде лепрозен. Затоа им одговорил и им рекол: „Одете и покажете им се на свештениците“ (Лука 17:11-14).
Зошто Исус им рекол да го направат ова? Поради законот што Јехова му го дал на својот народ во врска со лепрозните. Според овој закон, Божјиот свештеник требало да го прегледа телото на лепрозниот. Свештеникот ќе кажел кога лепрозниот сосема оздравел од болеста. Штом ќе оздравел, тој можел повторно да живее со здравите луѓе (Левит 13:16, 17).
Но, овие лепрозни сѐ уште си ја имале болеста. Тогаш, дали отишле кај свештеникот, токму како што им рекол Исус?— Да, отишле, и тоа веднаш. Овие мажи сигурно верувале дека Исус ќе им ја отстрани болеста. Што се случило?
Па, додека биле на пат кон свештеникот, болеста ја снемало. Нивното тело било излекувано. Биле оздравени! Нивната вера во моќта на Исус била наградена. Колку само биле радосни! Но сега, што требало да направат за ја покажат својата благодарност? Што ќе си направел ти?—
Еден од оние што биле излекувани се вратил кај Исус. Почнал да му оддава слава на Јехова, кажувајќи добри работи за Бог. Тоа било исправно затоа што моќта со која бил излекуван дошла од Бог. Исто така, човекот клекнал и пред нозете на Големиот Учител и му се заблагодарил. Бил навистина многу благодарен за она што го сторил Исус.
Но, што е со другите деветмина? Исус прашал: ‚Оздравеа десет лепрозни, зарем не? Каде се другите деветмина? Зарем само еден се врати да му даде слава на Бог?‘
Да, точно. Само еден од тие десетмина му дал слава, односно фалба, на Бог и се вратил да му се заблагодари на Исус. А тој бил Самарјанин, човек од друга земја. Другите деветмина не му се заблагодариле на Бог ниту, пак, на Исус (Лука 17:15-19).
Како кој од овие луѓе си ти? Ние сакаме да бидеме како Самарјанинот, зарем не?— Затоа, кога некој прави нешто љубезно за нас, што не треба да заборавиме?— Не треба да заборавиме да ја изразиме нашата благодарност. Луѓето често забораваат да кажат „благодарам“. Но, добро е да се каже „благодарам“. Кога правиме така, тоа им се допаѓа на Јехова Бог и на неговиот Син, Исус.
Ако размислиш, ќе се сетиш дека луѓето направиле многу работи за тебе. На пример, дали некогаш си бил болен?— Можеби никогаш не си бил толку болен како тие десет лепрозни, но можеби си бил многу настинат или те болел стомакот. Дали некој се грижеше за тебе?— Можеби ти даде некој лек и направи други работи за тебе. Дали ти беше мило што ти помогна да оздравиш?—
Самарјанинот му се заблагодарил на Исус поради тоа што го излекувал, и тоа го израдувало Исус. Што мислиш, дали мама или тато ќе се радуваат ако им кажеш „благодарам“ кога прават нешто за тебе?— Да, ќе се радуваат.
Некои луѓе прават нешто за тебе секој ден или секоја седмица. Можеби тоа им е работа. Можеби дури и се радуваат што го прават тоа. Но, можеби ти забораваш да им кажеш „благодарам“. Можеби твојата учителка многу се труди да ти помогне да учиш. Тоа ѝ е работа. Но, ќе ѝ биде мило ако и се заблагодариш за тоа што ти помага да учиш.
Понекогаш луѓето прават само некои мали работи за тебе. Дали некој ти ја отворил вратата за да влезеш? Дали некој ти подал јадење на масата? Добро е да кажеш „благодарам“ дури и за овие мали работи.
Ако не забораваме да им кажеме „благодарам“ на луѓето на земјата, тогаш уште поверојатно е дека нема да заборавиме да му кажеме „благодарам“ на нашиот Татко на небото. Колку многу работи има за кои можеме да бидеме благодарни на Јехова! Тој ни дал живот и сите добри работи што ни го прават животот пријатен. Затоа, ја имаме секоја причина да му дадеме слава на Бог, така што секој ден ќе кажуваме добри работи за него.
Во врска со изразувањето благодарност, прочитај Псалм 118:29; Ефешаните 5:20; Колошаните 3:17 и 1. Солуњаните 5:18.