ПОГЛАВЈЕ 21
Треба ли да се фалиме за нешто?
ШТО значи некој да се фали? Знаеш ли?— Еве еден пример. Си пробал ли некогаш да направиш нешто за кое не те бидува многу? Можеби си пробал да шутнеш фудбалска топка. Или, пак, можеби си пробала да скокаш на јаже. Дали некој ти се смеел: „Ха! Ха! Ха! Јас можам да го направам тоа подобро од тебе“?— Па, тој се фалел.
Како се чувствуваш кога другите се фалат? Убаво ли ти е?— Тогаш, што мислиш, како се чувствуваат другите кога ти се фалиш?— Дали е убаво на некого да му кажеш: „Јас сум подобар од тебе“?— Дали Јехова ги сака луѓето што прават така?—
Големиот Учител познавал луѓе што мислеле дека се подобри од другите. Тие се фалеле и на сите други гледале од високо. Затоа, еден ден, Исус им раскажал приказна за да им покаже колку е погрешно да се фалат. Да ја слушнеме.
Приказната е за еден фарисеј и за еден даночник. Фарисеите биле верски учители и често постапувале како тие да биле поправедни или посвети од другите луѓе. Фарисејот од приказната на Исус отишол во Божјиот храм во Ерусалим за да се моли.
Исус рекол дека и еден даночник отишол да се моли во храмот. Повеќето луѓе не ги сакале даночниците. Тие сметале дека даночниците се обидуваат да ги измамат. И точно е дека многу даночници не биле секогаш чесни.
Во храмот, фарисејот почнал да му се моли на Бог вака: ‚О Боже, ти благодарам што не сум грешник како другите луѓе. Не ги лажам луѓето и не им правам лошо. Не сум како оној даночник таму. Јас сум праведен човек. Не јадам двапати седмично, и така имам повеќе време да размислувам за тебе. И во храмот давам десеток од сѐ што добивам‘. Фарисејот навистина мислел дека е подобар од другите, нели?— А тоа му го кажал и на Бог.
Но, даночникот не бил таков. Тој дури не ги ни подигнал очите кон небото кога се молел. Останал да стои подалеку со наведната глава. На даночникот му било многу жал за неговите гревови, и од жал се удирал во градите. Не се обидел да му каже на Бог колку е добар. Наместо тоа, се молел: ‚О Боже, биди љубезен кон мене грешникот‘.
Што мислиш, кој од овие двајца му се допаднал на Бог? Дали фарисејот, оној што мислел дека е многу добар, или даночникот, оној на кого му било жал за гревовите?—
Исус рекол дека на Бог му се допаднал даночникот. Зошто? Исус објаснил: ‚Затоа што секој што се обидува да изгледа дека е подобар од другите ќе биде понижен. Но, оној што е мал во свои очи, ќе биде издигнат‘ (Лука 18:9-14).
Која била поуката што ја дал Исус во својата приказна?— Тој поучувал дека е погрешно да мислиме дека сме подобри од другите. Можеби нема да речеме дека мислиме дека сме подобри, но со начинот на кој постапуваме би можеле да покажеме дека мислиме дека сме подобри. Дали некогаш си постапил така?— Размисли за апостол Петар.
Кога Исус им рекол на апостолите дека сите ќе го напуштат кога ќе биде уапсен, Петар се фалел: ‚Дури и сите други да те напуштат, јас нема никогаш да го сторам тоа!‘ Но, Петар не бил во право. Бил премногу сигурен во себе. Тој навистина го напуштил Исус. Меѓутоа, се вратил, како што ќе видиме во 30. поглавје од оваа книга (Матеј 26:31-33).
Да земеме еден пример од нашето време. Можеби тебе и на некое другарче ви поставуваат некои прашања на училиште. Што ако ти можеш веднаш да одговориш, но другиот ученик не може? Се разбира, убаво ти е кога ги знаеш одговорите. Но, дали би било убаво да се споредуваш со оној што не може да одговори брзо?— Дали е исправно да се обидуваш да покажеш дека си подобар со тоа што ќе направиш другиот да изгледа полош?—
Тоа е она што го направил фарисејот. Тој се фалел дека е подобар од даночникот. Но, Големиот Учител рекол дека фарисејот не бил во право. Точно е дека некој може да направи извесна работа подобро од некој друг. Но, тоа не значи дека тој навистина е подобар човек.
Значи, ако знаеме повеќе од некој друг, дали е тоа исправна причина да се фалиме?— Размисли за тоа. Дали ние сме си го направиле мозокот?— Не, Бог е тој што му дал мозок на секого од нас. И повеќето од работите што ги знаеме, сме ги научиле од некој друг. Можеби сме ги прочитале во некоја книга или можеби некој ни ги кажал. Дури и ако самите сме смислиле нешто, како сме го направиле тоа?— Да, користејќи го мозокот што Бог ни го дал.
Кога некој човек многу се труди, убаво е да му кажеме нешто за да се чувствува добро. Кажи му дека ти се допаѓа тоа што го направил. Можеби дури можеш да му помогнеш за да го направи подобро. Тоа е она што ти би сакал другите да го прават за тебе, нели?—
Некои луѓе се посилни од другите. Што ако ти си посилен од брат ти или од сестра ти? Дали е тоа причина да се фалиш?— Не, не е. Храната што ја јадеме е тоа што ни помага да станеме силни. А Бог ги дава сончевата светлина, и дождот и сѐ друго што е потребно за храната да расте, нели?— Значи, Бог е тој на кого треба да му благодариме ако сме силни (Дела 14:16, 17).
Никој од нас не сака да слуша кога некој се фали, нели?— Да се сетиме на зборовите на Исус: ‚Како што сакате другите да ви прават вам, исто така правете им и вие‘. Ако правиме така, нема никогаш да бидеме како фарисејот што се фалел, од приказната на Големиот Учител (Лука 6:31).
Еднаш некој го нарекол Исус добар. Дали Големиот Учител рекол: ‚Да, јас сум добар‘?— Не, не рекол така. Наместо тоа, рекол: „Никој не е добар, освен еден — Бог“ (Марко 10:18). Иако бил совршен, Големиот Учител не се фалел. Наместо тоа, целата фалба му ја дал на својот Татко, Јехова.
Тогаш, има ли некој со кого можеме да се фалиме?— Да, има. Можеме да се фалиме со нашиот Творец, Јехова Бог. Кога гледаме убав залез на сонцето или некое друго чудо на создавањето, можеме на некого да му речеме: ‚Нашиот прекрасен Бог, Јехова, го направил ова!‘ Да бидеме секогаш спремни да зборуваме за големите работи што Јехова веќе ги направил и за оние што ќе ги направи во иднина.
Прочитај што вели Писмото за фалењето, и научи како треба да избегнуваме да се фалиме: Пословици 16:5, 18; Еремија 9:23, 24; 1. Коринќаните 4:7 и 13:4.