ПОГЛАВЈЕ 42
Зошто треба да работиме
ШТО сакаш повеќе, да работиш или да си играш?— Сигурно, не е погрешно да си играш. Библијата зборува дека Ерусалим бил ‚исполнет со момчиња и девојчиња, кои играле по неговите улици‘ (Захарија 8:5).
Големиот Учител се радувал кога гледал како децата си играат. Пред да дојде на земјата, тој рекол: „Бев крај [Бог] како вешт градител . . . и се веселев пред него цело време“. Тоа што Исус е наречен „вешт градител“ значи дека тој работел заедно со Јехова на небото. А кога бил таму, тој рекол: „Радост ми беа синовите човечки“. Да, како што научивме порано, Големиот Учител бил вистински заинтересиран за сите, што значи и за малите (Пословици 8:30, 31, NW).
Што мислиш, дали Исус си играл кога бил дете?— Најверојатно. Но, бидејќи бил „вешт градител“ на небото, дали работел и на земјата?— Па, Исус бил наречен „синот на дрводелецот“. Но, тој исто така бил наречен и „дрводелецот“. Што покажува ова?— Јосиф, кој го одгледал Исус како свој син, сигурно го научил на занаетот. Така и Исус станал дрводелец (Матеј 13:55; 6:3).
Каков дрводелец бил Исус?— Па ако бил вешт градител на небото, зарем не мислиш дека станал вешт дрводелец и на земјата?— Размисли само колку било тешко да се работи како дрводелец во тоа време. Веројатно Исус морал да оди и да пресече едно дрво, да го исече дрвото на парчиња, да ги однесе парчињата дома и потоа да ги обликува за да направи од нив маси, клупи и други работи.
Што мислиш, дали Исус уживал во оваа работа?— Дали ти би бил среќен кога би можел да правиш убави маси и столови и други работи што луѓето ќе ги користат?— Библијата вели дека е добро човек да ‚се весели во она што го работи‘. Работата донесува такво задоволство какво што не може да се добие од играњето (Проповедник 3:22).
Навистина, работата е добра и за нашиот ум и за нашето тело. Многу деца само седат и гледаат телевизија или играат видеоигри. Тие премногу се здебелуваат и немаат сила, и, всушност, не се вистински среќни. А не ги прават среќни ни другите. Што треба да правиме ние за да бидеме среќни?—
Во 17. поглавје од оваа книга научивме дека тоа што им даваме на другите и правиме нешто за да им помогнеме на другите донесува среќа (Дела 20:35). Библијата го нарекува Јехова „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). И, како што читавме во Пословици, Исус ‚се веселел пред него цело време‘. Зошто Исус бил среќен?— Па, тој кажал една од причините кога рекол: „Мојот Татко работи сѐ досега, и јас работам“ (Јован 5:17).
Кога бил на земјата, Исус не работел цел живот како дрводелец. Јехова Бог имал една посебна работа за него на земјата. Дали знаеш која била таа?— Исус рекол: ‚Морам да ја објавувам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен‘ (Лука 4:43). Понекогаш кога Исус им проповедал на луѓето, тие му верувале и им ги кажувале и на други работите што тој ги кажал, како што направила и Самарјанката што ја гледаш овде (Јован 4:7-15, 27-30).
Што чувствувал Исус кога ја вршел оваа работа? Што мислиш, дали сакал да ја врши?— Исус рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној кој ме испрати и да го довршам неговото дело“ (Јован 4:34). Колку многу сакаш да го јадеш твоето омилено јадење?— Ова може да ти помогне да сфатиш колку Исус ја сакал работата што Бог му ја дал да ја изврши.
Бог нѐ направил така, што ако учиме да работиме, тоа ќе ни помогне да станеме среќни. Тој вели дека Негов дар за човекот е тој ‚да се радува поради својот труд‘. Затоа, ако научиш да работиш додека си млад, целиот живот ќе ти биде порадосен (Проповедник 5:19).
Тоа не значи дека едно мало дете може да ја врши работата на постар човек, но сите можеме нешто да работиме. Можеби твоите родители секој ден одат на работа за да заработат пари со цел твоето семејство да има храна за јадење и дом за живеење. И, како што би требало да знаеш, има многу работи кои треба да се завршат низ дома за да биде чисто и уредно.
Има ли некоја работа што ти можеш да ја направиш, а која ќе биде благослов за целото семејство?— Можеш да помогнеш да се постави масата, да се измијат садовите, да се фрли ѓубрето, да си ја исчистиш собата и да си ги собереш играчките. Можеби веќе правиш некои од овие работи. Тоа навистина е благослов за семејството.
Ајде да видиме како може некоја од овие работи да биде благослов. Откако ќе си играш, играчките треба да се соберат. Што мислиш, зошто е важно ова?— Тоа помага дома да биде уредно, а помага и да се спречат несреќи. Ако не си ги собереш играчките, еден ден мама може да помине со полни раце и да згазне на некоја од нив. Може да се спрепне, да падне и да се повреди. Можеби дури и ќе мора да оди во болница. Зарем тоа не би било страшно?— Затоа, кога си ги собираш играчките откако ќе играш, тоа е благослов за сите.
Децата можат да прават и други работи. На пример, училишната работа. На училиште учиш да читаш. На некои деца читањето им е забавно, но други велат дека е тешко. Дури и ако тоа во почетокот изгледа тешко, ќе ти биде мило ако научиш добро да читаш. Кога знаеш да читаш, има многу интересни работи што можеш да ги научиш. Ќе можеш дури и сам да ја читаш книгата од Бог, Библијата. Значи, кога добро ја вршиш својата училишна работа, тоа навистина е благослов, нели?—
Има некои луѓе што избегнуваат да работат. Можеби знаеш некој што го прави тоа. Но, бидејќи Бог нѐ направил да работиме, ние треба да научиме да уживаме во тоа. Колку многу уживал Големиот Учител во својата работа?— За него тоа било исто како да го јаде своето омилено јадење. И за која работа зборувал тој?— Да им се кажува на другите за Јехова Бог и за тоа како можат да добијат вечен живот.
Па, еве нешто што може да ни помогне да уживаме во работата. Прашај се: ‚Зошто треба да се направи оваа работа?‘ Кога знаеш зошто нешто е важно, тогаш е полесно да го правиш. И, сеедно дали работата е голема или мала, направи ја како што треба. Ако ја направиш така, ќе можеш да се радуваш на својата работа, како што се радувал и Големиот Учител.
Библијата може да помогне човек да стане добар работник. Прочитај што вели таа во Пословици 10:4; 22:29; Проповедник 3:12, 13 и Колошаните 3:23.