ПОГЛАВЈЕ 15
Како да се справам со врсниците?
„На училиште има толку искушенија — цигари, дрога, секс. Знаеш дека она на што те тераат другите е глупаво. Но, некогаш доаѓаш до точка кога едноставно сакаш да докажеш дека не си кукавица“ (Ева).
НОРМАЛНО Е да сакаш другите да те прифатат. Притисокот од врсниците има толкаво влијание токму поради таа желба. На пример, ако си воспитан како христијанин, знаеш дека предбрачниот секс, претераното пиење и слични работи се погрешни (Галатите 5:19-21). Но, многу твои врсници те тераат да им се придружиш во тоа. Дали самите одлучиле да ги прават тие работи откако претходно добро размислиле? Тешко. Обично паѓаат под влијание на другите. Сакаат да бидат прифатени и затоа им дозволуваат на другите да им го обликуваат мислењето. Дали е тоа случај и со тебе? Или ти имаш доволно храброст да се држиш за своите уверувања?
Арон, братот на Мојсеј, попуштил на притисокот од другите барем еднаш. Кога Израелците се собрале околу него и го терале да им направи бог, тој направил така како што барале (2. Мојсеева 32:1-4). Замисли си — тоа бил истиот човек што смело застанал пред фараонот и му ја пренел Божјата порака (2. Мојсеева 7:1, 2, 16). Но, кога го притиснале неговите сонародници, Арон попуштил. Изгледа дека му било полесно смело да се соочи со царот на Египет отколку со оние што биле рамни на него!
Како е со тебе? Дали понекогаш ти е тешко да се држиш за она што знаеш дека е исправно? Би сакал ли да можеш да му се спротивставиш на притисокот од врсниците без да изгледаш напнат и уплашен? Па, можеш! Клучот е во тоа однапред да увидиш дека ќе наидеш на притисок и да решиш како ќе реагираш кога ќе се случи тоа. Следуваат четири чекори што ќе ти помогнат во ова.
1. Очекувај (Изреки 22:3). Честопати, однапред можеш да видиш дека ќе дојде до некоја незгодна ситуација. На пример, им се приближуваш на една група деца од училиштето и забележуваш дека пушат. Колкава е веројатноста и тебе да ти понудат цигара? Ако очекуваш проблем, ќе бидеш подготвен или да го избегнеш или да се соочиш со него.
2. Размислувај (Евреите 5:14). Би можел да размислиш: ‚Како ќе се чувствувам подоцна ако постапам како другите?‘ Точно, можеби во тој момент врсниците ќе те прифатат. Но, како ќе се чувствуваш подоцна, кога ќе бидеш со своите родители или со сохристијаните? Спремен ли си да го жртвуваш своето пријателство со Бог само за да им угодиш на врсниците?
3. Одлучи (5. Мојсеева 30:19). Кога-тогаш сите што му служат на Бог мораат да изберат дали ќе бидат верни и ќе добијат благослови или, пак, ќе бидат неверни и ќе пожнеат тешки последици. Луѓе како Јосиф, Јов и Исус го направиле исправниот избор, а изборот на Каин, Исав и Јуда бил лош. Сега тебе ти е редот да донесеш одлука. Што ќе избереш ти?
4. Спроведи. Можеби си мислиш дека ова е најтешкиот дел. Но, не е! Ако веќе добро си размислил за последиците и си донел одлука како да постапиш, ќе се изненадиш колку е лесно — и корисно — да си го кажеш ставот (Изреки 15:23). Не грижи се — не мора да им одржиш библиско предавање на своите врсници. Може да биде доволно и едно едноставно, но одлучно ‚не‘. Или, за јасно да го кажеш својот цврст став, би можел да речеш:
„Не сметајте на мене!“
„Јас такво нешто не правам!“
„Џабе си го трошите времето на мене!“
Поентата е во тоа да одговориш брзо и уверливо. Ако постапиш така, можеби ќе се изненадиш колку брзо врсниците ќе те оставаат на раат! Но, што ако те исмеваат? Што ако ти речат: „Што — да не ти е страв?“ Сфати дека ваквите задевања се само уште еден начин на кој врсниците ти вршат притисок. Како би можел да реагираш во ваква ситуација? Имаш најмалку три опции.
● Би можел да се сложиш со исмевањето. („Во право сте, страв ми е!“ Потоа накратко кажи зошто ти е страв.)
● Би можел да го одбиеш притисокот со тоа што јасно ќе го кажеш својот став, но нема да се расправаш.
● Би можел да возвратиш на притисокот. Кажи зошто одбиваш да направиш нешто и потоа повикај се на разумот на твоите врсници. („Мислев дека си доволно паметен за да не пушиш!“)
Ако продолжат да те задеваат, замини си! Колку подолго остануваш со нив, толку посилен ќе биде притисокот. Дури и ако мораш да си заминеш, запамти: Ти си имал контрола над ситуацијата. Не си дозволил врсниците да те стават во својот калап!
Некои твои врсници можеби те исмеваат и ти велат дека не мислиш со своја глава. Но, не е така! Всушност, Јехова сака самиот да се увериш дека за тебе е најдобро да ја вршиш неговата волја (Римјаните 12:2). Затоа, зошто да им дозволиш на врсниците да си играат со тебе како со марионета? (Римјаните 6:16). Цврсто држи се за она што знаеш дека е исправно!
Да бидеме реални — не можеш да избегаш од притисокот од врсниците. Но, можеш да знаеш што сакаш, да си го кажеш ставот и да ги држиш работите под контрола. Значи, изборот е твој! (Исус Навин 24:15).
ПОВЕЌЕ ИНФОРМАЦИИ ИМА ВО ТОМ 1, ПОГЛАВЈЕ 9
Водиш двоен живот? Може ли да излезе нешто добро ако твоите родители дознаат за тоа?
КЛУЧЕН СТИХ
„Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“ (Изреки 13:20)
ПРЕДЛОГ
За да собереш храброст, во публикациите читај ги искуствата на денешните слуги на Јехова кои цврсто се држеле за она што е исправно.
СИ ЗНАЕЛ ЛИ ДЕКА...?
Малкумина од твоите соученици ќе останат во контакт со тебе само една година откако ќе матурирате. Мнозина можеби нема ни да се сеќаваат на твоето име. Но, на твоето семејство — и пред сѐ, на Јехова Бог — секогаш ќе му бидеш важен (Псалм 37:23-25).
ПЛАН!
Би можел да се подготвам за притисокот од врсниците така што ․․․․․
Ако врсниците се обидат да ме натераат да направам нешто погрешно, ќе ․․․․․
Во врска со оваа тема, би сакал да ги прашам родителите ․․․․․
ШТО МИСЛИШ?
● Во кои ситуации може да ти бидат од помош четирите чекори разгледани во ова поглавје?
● Што може да се случи ако попуштиш на притисокот од врсниците?
● Како можеш да реагираш на притисокот од врсниците?
[Истакната мисла на страница 131]
››Многу деца знаат дека сум Сведок и ме почитуваат. Ако сакаат да зборуваат за некои расипани работи, ми велат: ‚Мики, ќе зборуваме нешто, па ако сакаш, подобро оди си‘‹‹ (Мики)
[Табела на страници 132 и 133]
Прашалник
Како против притисокот од врсниците
Мостра
1 Очекувај
Што е притисокот? Пушење цигари.
Каде веројатно ќе наидам на ваков притисок? Во училишните тоалети.
2 Размислувај
Што ќе се случи ако попуштам?
Ќе ги разочарам Јехова и родителите. Ќе ме мачи совеста. Ќе ми биде потешко да кажам ‚не‘ следниот пат.
Што ќе се случи ако одбијам?
Можеби ќе ме задеваат или ќе ми измислуваат разни прекари. Некои можеби ќе ме избегнуваат. Но, ќе го израдувам Јехова и ќе станам поцврста личност.
3 Одлучи
Ако попуштам, тоа ќе се случи затоа што
не сум доволно подготвен да се соочам со притисок од врсниците. Повеќе ми значи да ме прифатат врсниците отколку Јехова.
Ќе одбијам затоа што
знам дека Јехова не го сака тоа и затоа што пушењето може да ми го наруши здравјето.
4 Спроведи
Ќе
речам ‚не‘ и ќе си заминам.
Провокации
Ако некој ми рече: „Ајде бе, запали една цигара. Или ти е страв?“
На задевањето од врсниците би можел да реагирам така што
Ќе се сложам
„Во право си. Страв ми е да пушам. Не сакам да добијам рак на белите дробови.“
Ќе го одбијам
„Не си ги троши цигарите на мене.“
Ќе возвратам
„Не, фала. Мислев дека си доволно паметен за да не пушиш!“
ЗАБЕЛЕШКА: Брзо замини си ако продолжат да те задеваат. Колку подолго остануваш со нив, толку поголеми се шансите да попуштиш под нивниот притисок. Сега пополни го истиот прашалник на следната страница.
Како против притисокот од врсниците
Копирај!
1 Очекувај
Што е притисокот? ․․․․․
Каде веројатно ќе наидам на ваков притисок? ․․․․․
2 Размислувај
Што ќе се случи ако попуштам?
․․․․․
Што ќе се случи ако одбијам?
․․․․․
3 Одлучи
Ако попуштам, тоа ќе се случи затоа што...
․․․․․
Ќе одбијам затоа што...
․․․․․
4 Спроведи
․․․․․
Ќе...
․․․․․
Провокации
Ако некој ми рече: ․․․․․
На задевањето од врсниците би можел да реагирам така што
Ќе се сложам
․․․․․
Ќе го одбијам
․․․․․
Ќе возвратам
․․․․․
Со некој од родителите или со некој зрел пријател вежбај како ќе одговориш.
[Слика на страница 135]
Ако попуштиш на притисокот од врсниците, ќе им станеш марионета