ПОГЛАВЈЕ 47
Едно девојче оживеало
МАТЕЈ 9:18, 23-26; МАРКО 5:22-24, 35-43; ЛУКА 8:40-42, 49-56
ИСУС ЈА ВОСКРЕСНАЛ ЌЕРКАТА НА ЈАИР
Кога Исус ја излекувал жената која крвавела, Јаир бил таму и видел што се случило. Тоа сигурно го уверило дека Исус можел да ѝ помогне и на неговата ќерка, иако го плашела помислата дека ‚веќе била умрена‘ (Матеј 9:18). Дали сепак имало надеж за неа?
Додека Исус разговарал со жената што ја излекувал, кај Јаир дошле некои луѓе од неговиот дом и му рекле: „Ќерка ти умре!“ Потоа додале: „Зошто да го мачиш учителот?“ (Марко 5:35).
Колку мора да го скршила таа вест! Тој човек, кој во општеството имал големо влијание, сега бил потполно беспомошен. Неговата ќерка единица била мртва. Но, кога Исус слушнал што му рекле луѓето на Јаир, се свртел кон него и го охрабрил: „Не плаши се, само верувај!“ (Марко 5:36).
Тогаш Исус тргнал со Јаир кон неговата куќа. Кога пристигнале, затекнале голем метеж. Биле собрани многу луѓе кои на сет глас плачеле и тажеле. Исус влегол внатре и рекол нешто многу чудно: „Детето не е умрено, туку спие“ (Марко 5:39). Кога го слушнале тоа, луѓето почнале да му се потсмеваат бидејќи знаеле дека девојчето било мртво. Но, со моќта што ја добил од Бог, Исус покажал дека некој што умрел можело да биде вратен во живот исто толку лесно како што можело да биде разбуден некој што длабоко спиел.
Исус им рекол на луѓето да излезат од собата. Со него останале само Петар, Јаков, Јован и родителите на девојчето. Со тие петмина влегол таму каде што лежело девојчето. Ја фатил за раката, и рекол: „,Талита куми‘, што значи: ‚Девојче, тебе ти велам, стани!‘“ (Марко 5:41). Девојчето веднаш станало и почнало да оди. Замисли си ја радоста на Јаир и неговата жена! За уште повеќе да ги увери другите дека девојчето навистина било живо, Исус им рекол да ѝ дадат нешто да јаде.
На луѓето што ги излекувал пред тоа, Исус им велел никому да не кажуваат што направил за нив, а истото им го рекол и на Јаир и неговата жена. И покрај тоа, пресреќните родители и другите ја рашириле веста „по целиот тој крај“ (Матеј 9:26). Зарем не би го направил и ти истото доколку некој од твоите сакани воскресне од мртвите? Ова е вториот библиски запис за тоа дека Исус некого воскреснал.