ПОГЛАВЈЕ 97
Споредбата за работниците на лозјето
„ПОСЛЕДНИТЕ“ РАБОТНИЦИ НА ЛОЗЈЕТО СТАНАЛЕ „ПРВИ“
На оние што го слушале во Переја, Исус им рекол дека ‚мнозина кои биле први, ќе станеле последни, а последните, први‘ (Матеј 19:30). За подобро да им објасни што мислел со тоа, им ја раскажал следнава споредба:
„Со небесното царство е како со човек, домаќин, кој излезе рано наутро за да најми работници за своето лозје. Кога се погоди со работниците по денариј на ден, ги испрати во своето лозје. Кога излезе повторно околу третиот час, виде други како стојат на плоштадот без работа, па им рече: ‚Појдете и вие во лозјето, па ќе ви дадам колку што е праведно‘. И отидоа. Повторно излезе околу шестиот и деветтиот час и го направи истото. На крајот излезе околу единаесеттиот час и најде други како стојат, па им рече: ‚Зошто стоите овде цел ден без работа?‘ Тие му одговорија: ‚Затоа што никој не нѐ најми‘. А тој им рече: ‚Одете и вие во лозјето‘“ (Матеј 20:1-7).
Кога луѓето ги чуле зборовите „небесното царство“ и „домаќин“, најверојатно веднаш помислиле на Јехова Бог. Во светите списи, Јехова понекогаш бил претставен како сопственик на лозје, коешто го претставувало израелскиот народ (Псалм 80:8, 9; Исаија 5:3, 4). Оние што биле под сојузот на Законот, Исус ги споредил со работници на лозјето. Но, тој не зборувал за минатото, туку сакал да ја опише моменталната состојба.
Верските водачи како, на пример, фарисеите кои пред некое време се обиделе да го искушаат Исус со едно прашање за разводот, наводно постојано биле посветени на службата за Бог. Тие биле како работниците најмени за цел ден што очекувале да добијат цела дневница, која изнесувала еден денариј.
Свештениците и некои други сметале дека останатите Евреи помалку му служат на Бог, односно дека работат помалку часови во неговото лозје. Во споредбата на Исус, тие биле претставени со оние што дошле на лозјето „околу третиот час“ (9 часот) и со оние кои дошле уште подоцна — во шестиот, деветтиот и единаесеттиот час (17 часот).
Луѓето што го следеле Исус биле сметани за „проклет“ народ (Јован 7:49). Поголемиот дел од својот живот, тие биле рибари или обични работници. Но, есента 29 год. од н.е., „господарот на лозјето“ го испратил Исус да ги повика таквите понизни луѓе да работат за Бог како Христови ученици. Тие биле претставени со „последните“ работници на лозјето што дошле во единаесеттиот час.
Потоа Исус ја довршил својата споредба така што раскажал што се случило на крајот од денот: „Кога се свечери, господарот на лозјето му рече на својот настојник: ‚Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните па до првите‘. Кога дојдоа оние од единаесеттиот час, секој прими по денариј. А кога дојдоа првите, си помислија дека ќе добијат повеќе, но и тие добија по денариј. Штом ја примија платата, почнаа да му приговараат на домаќинот: ‚Овие последниве работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, а ние цел ден напорно работевме и ја трпевме жегата‘. А тој му одговори на еден од нив: ‚Пријателе, јас тебе не те онеправдувам. Зарем не се погоди со мене за денариј? Земи си го своето и оди си! На последниов сакам да му дадам исто колку и тебе. Зарем немам право да правам што сакам со она што е мое? Зарем твоето око е зло затоа што сум добар?‘ Така последните ќе бидат први, а првите последни“ (Матеј 20:8-16).
Учениците на Исус сигурно се прашувале што значел крајот на споредбата. Во која смисла еврејските верски водачи, кои се сметале за „први“, ќе станеле „последни“? И како учениците на Исус ќе станеле „први“?
Учениците на Исус, кои за фарисеите и за другите биле „последни“, ќе станеле ‚првите‘ што ќе добиеле цела плата. По смртта на Исус, земниот Ерусалим ќе бил отфрлен и Бог ќе изберел нов народ, „Израелот Божји“ (Галатите 6:16; Матеј 23:38). Јован Крстител мислел на тој нов народ кога рекол дека некои ќе бидат крстени со свет дух. Тие што биле „последни“ станале први затоа што први биле крстени со свет дух и ја добиле честа да му бидат сведоци на Исус „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:5, 8; Матеј 3:11). Со оваа споредба, Исус укажал на големата промена што ги очекувала неговите ученици. Таа ќе предизвикала огромно незадоволство кај верските водачи, за кои рекол дека од „први“ на крајот ќе бидат „последни“.