Прашања од читателите
◼ Дали младата Израелка Естера имала неморални односи со персискиот цар за да ја добие неговата милост и на тој начин да стекне корист?
Некои можеби дошле до овој заклучок од делумниот извештај, но сигурниот запис во Библијата ѝ противречи на оваа претпоставка.
Еврејскиот историчар Флавиј Јосиф набавил делумен извештај дека персиската царица Вашти одбила да се појави пред својот маж, Ахасвер. Потоа, царот очигледно Ксеркс I од 5. век п. н. е. гневно ја отфрлил Вашти и се одлучил да бара нова царица по целата империја. Биле собрани млади девојки и биле подложени на подолга козметичка нега за разубавување.
”Тогаш, откако [царскиот евнух] заклучил дека девиците добиле доволно нега . . . и штом ќе биле подготвени да дојдат во креветот на царот, секој ден испраќал по една да спие со царот, и откако ќе водел љубов со неа, веднаш ја враќал назад кај евнухот. Но, кога дошла Естера кај него, тој бил задоволен од неа, а откако се вљубил во неа, ја направил своја законска жена и направиле венчавка.“ Еврејски старини, книга XI, стр. 184-202, превод од Ралф Маркус, (книга 11, поглавје 6, пас. 1, 2, според преводот на Вилијам Вистон).
Овој делумен опис би можело да наведе некого да помисли дека девиците учествувале во неморал со царот и дека единствената разлика во случајот на Естера била што нејзиниот неморал довел до брак и што станала царица. Сепак, Библијата ни дава попрецизни и уверливи информации.
После описот на третманот на разубавување, Библијата вели: ”Така под овие услови [секоја] млада жена сама влегуваше кај царот (. . .) Навечер самата ќе влезеше, а наутро сама се враќаше во втората женска куќа под придружба на Шашгаз, царевиот евнух, стражарот на конкубините. Повеќе не би дошла кај царот освен ако царот не бил одушевен од неа и ако би била повикана по име“ (Естира 2:13, 14).
Писмото вели дека Естера ”била одведена“ во ”женската куќа“ според прописите за одржување на убавината. ”Тогаш Естера беше одведена во куќата на царот Ахасвер (. . .) И царот ја засака Естера повеќе од сите други жени, така што доби поголема благонаклоност и љубезна доброта пред него отколку сите други девици. И тој намисли да ѝ го стави царскиот накит на главата и да ја направи царица наместо Вашти.“ (Естира 2:8, 9, 16, 17).
Дали забележа од библискиот извештај каде биле одведувани жените откако ќе ја поминеле ноќта со царот? ’Во втората женска куќа, под придружба на стражарот на конкубините.‘ Значи, тие станувале конкубини (љубовници). Мардохеј, пишувачот на книгата за Естера, бил Евреин, и некогаш меѓу неговиот народ конкубината имала социјален статус на втора жена. Божествениот закон допуштал Израелците да земаат туѓи девојки кои биле заробувани во војните, и кои станувале нивни конкубини или втори жени кои уживале права и законска заштита (5. Мојсеева 21:10-17; спореди 2. Мојсеева 21:7-11.) Децата родени од таквите конкубини биле законски и можеле да добијат наследство. Јаковлевите 12 синови, прататковците на 12 израелови племиња, биле потомство од неговите жени и законски конкубини (1. Мојсеева 30:3-13).
Постапката била таква, што откако девиците биле со персискиот цар, заминувале во куќата на конкубините. Тоа покажува дека тие станувале негови втори жени.
А што е со Естера? Библијата не кажува дека спиела со царот и дека на тој начин ја добила неговата наклоност. Не кажува дека била одведена во куќата на конкубините, туку едноставно вели: ”Потоа Естера беше одведена кај царот Ахасвер во неговата царска куќа (. . .) И царот ја засака Естера повеќе од сите други жени.“ Сети се дека претходно, без каков и да е сексуален компромис со нејзината моралност и девственост, таа ја придобила ”љубезната доброта“ на ”Хегај, стражарот на жените“. Понатаму: ”За сето време Естера постојано стекнуваше благонаклоност во очите на секого којшто ќе ја видеше.“ (Естира 2:8, 9, 15-17). Така Естера очигледно го импресионирала царот и ја придобила неговата почит, па дури и почитта на другите.
Колку благодарни можеме да бидеме што можеме да ги имаме фактите и увидот кои Библијата ни ги дава! Иако од овие настани нѐ делат илјадници години, сепак имаме причини за доверба дека Естера се однесувала со вистинска моралност и во согласност со божествените начела.