Прашања од читателите
Што може да направи христијанинот ако тој или таа не може да најде прикладен брачен партнер?
Иако сме предадени христијани, можеби и понатаму се вознемируваме кога искрено се надеваме на нешто што всушност не се случува. Нашите чувства добро се опишани во книгата Соломонови изреки 13:12, каде што вели: „Надежта, долго неостварена, го изнемоштува срцето“. Вака се чувствуваат некои христијани кога имаат желба да стапат во брак, а не можат да најдат соодветен партнер. Ова е особено случај со оние коишто апостол Павле ги опишал како „распламтени од страст“ (1. Коринтјаните 7:9, NW).
Јехова ја всадил во луѓето желбата да најдат вистинско дополнување со некој од спротивниот пол. Оттука, не е за изненадување што такви чувства се јавуваат кај многу христијански самци (1. Мојсеева 2:18). Овие нормални чувства можат да бидат нагласени во средини каде што многу се нагласува важноста на женидбата (или женидба на одредени години), или кога христијаните самци се опколени со среќно оженети двојки во собранието. Како и да е, не е добро да дозволиме загриженоста да потрае низ подолг временски период. Тогаш, како може еден искрен христијанин да се фати во костец со ситуацијата без да биде прекумерно загрижен?
Тоа не е лесно, а другите не треба таа загриженост да ја сметаат за обично претерување или за една безначајна потешкотија. Но, во голема мера способноста да се соочи со ситуацијата или да ја реши зависи од чекорите што ги презема самецот.
Клучот се наоѓа во следново практично библиско начело: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела апостолски 20:35, NW). Тоа го рекол самецот Исус Христос, а тој добро знаел што зборува. Да се прави нешто за другите од несебични мотиви е одлично решение кое ќе му помогне на секого од нас да го совлада чувствата кои доаѓаат од одолжено чекање. Што значи тоа за христијанинот самец кој е во таква состојба?
Напрегај се да правиш дела на доброљубивост за семејството и за другите во собранието и зголеми ја својата активност во службата. Тоа не значи само да речеш: ‚Бави се со нешто, и ќе ја заборавиш желбата да се жениш‘. Не. Додека си зафатен во вакви продуктивни христијански активности, ќе откриеш дека си станал ‚утврден во своето срце, дека имаш власт над својата волја‘, и дека своите сегашни околности можеш да ги употребиш на корисен начин (1. Коринтјаните 7:37, NW).
Некои кои имаат силна желба да се оженат, дозволиле оваа желба да им стане голема преокупација. Отишле толку далеку што давале огласи во весници и барале брачен другар. Но, колку е подобро кога повеќе се нагласува користа што доаѓа од времето на самештвото. (Те молиме, види ги статиите „Самец, но за Божјата служба пригоден“ и „Самештвото — наградувачки животен пат“ во Стражарска кула од 1. март 1988, и „Дали е бракот единствениот клуч до среќата?“ во Стражарска кула од 15. мај 1992).
Моли го Јехова да истраеш како самец (Филипјаните 4:6, 7, 13). Многу неоженети христијани заклучиле дека со тоа што го употребуваат своето време да проучуваат и медитираат за Божјата Реч и да присуствуваат и учествуваат на христијанските состаноци, уживаат додатна „закрепа за своите души“ (NW), како што им ветил Исус на оние кои го следат (Матеј 11:28-30). Тоа им помогнало да развијат духовност, така што ќе бидат подобри сопрузи или сопруги ако со текот на времето најдат прикладен брачен другар.
Никогаш не заборавај дека Јехова ја разбира ситуацијата на секој самец што му служи. Тој знае дека твојата моментална ситуација не е онаква каква што ти би сакал да биде. Нашиот љубезен небесен Татко е исто така свесен што е за твоја најдобра долготрајна корист, како духовно така и емоционално. Од друга страна, можеш да бидеш убеден во следново: Ако стрпливо чекаш на Јехова и ги применуваш начелата од неговата Реч во секојдневниот живот, тогаш можеш да бидеш сигурен дека тој ќе ја задоволи твојата најголема потреба на начин што ќе биде за твое вечно добро. (Спореди Псалми 144:16.)