Дали може оваа вечера да има значење за тебе?
ПОЛНА Месечина ја опсипува околината со мека светлина. Во една горна дневна соба, во древниот Ерусалим, дванаесет мажи се собрани околу една трпеза. Единаесеттемина задлабочено посматраат додека нивниот Учител воведува еден многу значаен обичај и им кажува зборови од голема важност. Еден извештај вели:
„Исус [Христос] зеде леб, го благослови и рече: ‚Земете, јадете, ова е [ова значи, New World Translation of the Holy Scriptures] Моето тело.‘ И како ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: ‚Пијте од неа сите; зашто ова е [ова значи, NW] Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите. И вам ви велам, оти отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.‘ И откако испеаја благодарствена песна, се искачија во Елеонската Гора“ (Матеј 26:26-30).
Ова се случило по зајдисонце на 14. ден од еврејскиот месец низан во 33. г. нашата ера. Исус и неговите апостоли штотуку ја прославиле Пасхата во знак на сеќавање на ослободувањето на Изреал од египетско ропство во 16. век п. н. е. Христос го отпуштил Јуда Искариотски кој требало да го издаде. Затоа, биле присутни само Исус и неговите 11 верни апостоли.
Оваа вечера не била продолжување на еврејската Пасха. Таа била нешто ново и требало да биде наречена Господова Вечера. Во врска со овој обичај, Исус им заповедал на своите следбеници: „Правете го ова за Мој спомен!“ (Лука 22:19, 20; 1. Коринтјаните 11:24-26). Зошто го рекол ова? И како би можел овој со векови стар настан да има значење за тебе?