Награден со „круната на животот“
НА АПОСТОЛОТ Јован му било речено да му напише на ангелот на собранието во Смирна: „Покажи се верен дури до смрт, и јас ќе ти ја дадам круната на животот“ (Откровение 2:8, 10, NW). Затоа, и жално и радосно е следново известување дека Фредерик Вилијам Франц, претседателот на Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania и на Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc., како и на бројни други теократски тела, го заврши својот земски пат изутрината на 22. декември 1992.
Жална е поради тоа што се работи за еден многу сакан и истакнато верен Јеховин слуга кој ја напушта земската сцена. Сепак, тоа е и радосно известување затоа што на нашиот драг брат Франц сега можат да се применат зборовите од Откровение 14:13: „Блажени се мртвите, кои отсега умираат во Господа! Да — вели духот — нека се одморат од трудот свој, оти делата нивни ги следат“. Брат Франц беше скромен и понизен, вреден и многу продуктивен слуга кого Јехова Бог моќно го употребуваше како член на „верниот и разумен роб“ за да помага во обезбедувањето на духовна храна за „домашните“ и нивните придружници (Матеј 24:45-47, NW).
Брат Франц е роден на 12. септември 1893 во Ковингтон (Кентаки). Во допир со вистината дошол преку својот постар брат. Во тоа време тој го посетуваше универзитетот на Синсинати, каде се подготвуваше да стане презбитеријански слуга. Наместо тоа, се одделил од Презбитеријанската црква и им се придружил на Истражувачите на Библијата, како што тогаш се викаа Јеховините сведоци. Се крстил на 30. ноември 1913, и наредната година го напуштил универзитетот и стапил во колпортерското (пионерското) дело. На 1. јуни 1920 стана член на бруклинската бетелска фамилија. Наскоро беше поставен на местото координатор на кореспонденцијата и архивирањето во врска со колпортерските активности, а во 1926 беше префрлен во уредничкото одделение, каде што служеше најплодно. Во 1945 стана потпретседател на Watch Tower Society и други придружни тела. По смртта на тогашниот претседател Натан Х. Нор во 1977, тој стана претседател на Watch Tower Society. Во ова својство служеше сѐ до својата смрт. Во текот на својот живот, брат Франц виде како бројот на Сведоците расте од неколку илјади до околу четири и пол милиони. Тој уживаше многу предности на службата, меѓу кои држење говори на меѓународни конгреси и посетување на подружници и мисионерски домови во многу краеви на светот. Неговата животна приказна излезе во Стражарска кула од 1. мај 1987 (англ.).
Во понеделникот навечер, на 28. декември 1992, во Царската сала на бруклинскиот Бетел беше одржана комеморација. Мошне срдечен и духовно изградувачки говор одржа брат Алберт Д. Шредер од Водечкото тело. Со телефон беа поврзани бетелските фамилии на Watchtower фармите, во Патерсон, на Mountain фармите и на Царските фарми, како и бетелската фамилија во канадската подружница.
На сите, а особено на оние кои блиску соработуваа со него, многу ќе им надостига братот Франц. Тој беше полн со разбирање, охрабрувачки и стрплив спрема секого со кого служеше и патуваше. Навистина, соверниците му одговорија во духот на Евреите 13:7 (NW): „Сеќавајте се на оние кои го преземаат водството меѓу вас, кои ви ја говореле речта Божја, и додека размислувате за исходот на нивното однесување, имитирајте ја нивната вера“.
На 30. декември 1992, брат Милтон Г. Хеншел беше избран за петти претседател на Друштвото, на местото на брат Франц.
[Слики на страници 31 и 32]
Фредерик В. Франц во 1913
Во фабриката на Друштвото на Myrtle Avenue во 1920
Со Натан Х. Нор на Yankee Stadium во 1953