Зошто да се испита точноста на Библијата?
Како ти гледаш на Библијата? Некои цврсто веруваат дека таа е откровение на Бог за човекот. Некои веруваат дека е само една обична книга, додека други, пак, се неодлучни. Ако имаш некакви сомневања за потеклото на Библијата, тогаш постојат оправдани причини зошто би требало да го испиташ тоа и да го решиш спорот.
СЀ ДО 18. век, во земјите на т. н. христијанство, Библијата во голема мера била почитувана како Реч од Бога. Но, од 19 век па наваму, сѐ поголем број педагози, научници, па дури и теолози и црковни водачи почнале јавно да ги изразуваат своите сомневања во врска со точноста на Библијата.
Како резултат на тоа, библискиот критицизам станал толку раширен што многумина дале свој суд без воопшто и да ја познаваат содржината на Библијата. Наместо на Библијата, многу луѓе во т. н. христијанство сега се надеваат на човечките филозофии. Меѓутоа, современата филозофија не создала побезбеден или посреќен свет. Тоа е една добра причина да се испита Библијата и да се увиди дали нејзиното водство води кон среќа и успех.
Друга причина за испитување на точноста на Библијата е прекрасниот изглед што таа го пружа за човештвото. На пример, Псалм 36:29 наведува: „Праведниците ќе ја наследат земјата и ќе живеат на неа вечно“ (Откровение 21:3-5). Каков впечаток оставаат врз тебе ваквите ветувања? Секако дека тие се доволна причина да се испита Библијата и да се види дали може да ѝ се верува.
Ова списание секогаш ја потврдувало вистинитоста на Библијата и честопати пружало доказ за нејзината точност. Постојат бројни подрачја на кои точноста на Библијата може да се испита. Различни изданија на Стражарска кула ќе ти помогнат да добиеш одговор на следниве прашања: Се совпаѓаат ли познатите факти за древната историја со Библијата? Точни ли се нејзините пророштва? Дали нејзиниот совет е практичен и дали современите педагози и филозофи докажале дека Библијата е застарена?
Географијата е друго подрачје на кое можеш да ја испиташ точноста на Библијата. Паганските митови честопати се судруваат со географските факти. На пример, многу древни народи имаат приказни за патување во божемниот свет на мртвите. Што се однесува до старите Грци, книгата A Guide to the Gods објаснува: „Земјата се сметала за рамна површина опкружена со огромна водена површина наречена Океан. После него се наоѓал Идниот свет, темна пустелија преполна со мрак и неплодни билки“. Кога тоа се покажало како мит, паганските филозофи морале да го преместат нивниот божемен иден свет. „Било пронајдено соодветно место, под земјата, а со овој свет било поврзано преку разновидни јами“, објаснува авторот Ричард Карлајон. Денес знаеме дека и тоа е мит. Не постои таков подземен свет или премин.
За разлика од митовите на древните народи, Библијата не содржи заблудни сфаќања дека Земјата е рамна. Наспроти тоа ја наведува научната вистина дека Земјата е тркалезен предмет и не е прицврстена за ништо (Јов 26:7; Исаија 40:22). Но што е со останатите географски описи кои се споменуваат во Библијата? Дали се тие митолошки и дали е можно со точност да се предочат настаните од Библијата ако го посетиме денешен Египет, вклучувајќи го и Синајскиот Полуостров како и денешен Израел?
[Слика на страница 3]
„Он е Оној, Кој седи над кругот на земјата“ (Исаија 40:22)
„Ја закачил земјата на ништо“ (Јов 26:7)