Кој верува во зли духови?
ДАЛИ веруваш дека невидливи духови можат да влијаат на твојот живот? Многумина ќе одговорат одречно. Таквите се потсмеваат на сфаќањето за натчовечки предизвикувачи на злото, иако го признаваат постоењето на Бог.
Во западниот свет, раширеното неверување во духови главно се должи на влијанието на т. н. христијанство кое со векови научувало дека Земјата е центар на универзумот, сместена меѓу небото и подземниот пекол. Според ова учење, ангелите се радуваат на небеската среќа, додека демоните управуваат со настаните во пеколот.
Научните откритија придонеле луѓето да ги отфрлат погрешните претстави за структурата на вселената, но придонеле и верувањето во духовните суштества да стане застарено. The New Encyclopædia Britannica наведува: „Како последица на коперниканската револуција од 16. век (која се темели на теоријата на полскиот астроном Коперник), со која . . . Земјата повеќе не била сметана за центар на вселената, туку за планета во сончевиот систем која е само многу мал дел од галаксија во еден очигледно бесконечен универзум — сфаќањето за ангели и демони повеќе не одговарало“.
Иако многумина не веруваат во зли духови, постојат милиони кои веруваат. Паднатите ангели играат главна улога во многу религии како во минатото, така и во сегашноста. Покрај нивната улога како расипувачи на духовноста, овие зли ангели повеќе се сметаат за пратеници на неволји, како војна, глад и земјотреси, а и за предизвикувачи на болест, ментални пореметувања и смрт.
Сатана Ѓаволот, главниот зол дух во христијанството и јудаизмот, е наречен Иблис кај муслиманите. Во древната персиска религија на зороастријанизмот се јавува како Ангра Маинју. Во гностичката религија која цветала во вториот и третиот век н. е, бил сметан за Демиург, израз кој му бил даден на еден љубоморен и подреден бог кого човечките маси го обожаваат во незнаење.
Подредени зли духови фигурираат повеќе во источните религии. Хиндусите веруваат дека асурите (демоните) им се спротивставуваат на деваите (боговите). Особено страшни меѓу асурите се ракшасасите — страшни суштества кои посетуваат гробишта.
Будистите ги замислуваат демоните како персонализирани сили кои го спречуваат човекот да постигне Нирвана или згаснување на желбите. Главен искушувач меѓу нив е Мара со неговите три ќерки, Рати (Желба), Рага (Задоволство) и Тана (Немир).
Кинеските обожаватели употребуваат клади, факели и петарди за да се заштитат од квеи, демоните на природата. И во јапонските религии се верува дека постојат многу демони, меѓу кои се и страшните тенгу — духови кои престојуваат во луѓето сѐ додека не бидат истерани од страна на свештеник.
Во религиите кои немаат писмен јазик, во Азија, Африка, Океанија и двете Америки, се верува дека духовните суштества можат да бидат корисни или штетни според околностите и нивното моментално расположение. Луѓето ги почитуваат овие духови за да се заштитат од несреќа и да добијат наклоност.
Кога на сето ова ќе го додадеме и раширениот интерес за магија и спиритизам, станува јасно дека верувањето во злите духови има долга и широка историја. Но, дали е разумно да се верува дека такви суштества постојат? Библијата вели дека тие постојат. Меѓутоа, ако тие навистина постојат, зошто Бог им дозволува да влијаат врз човекот на негова штета?