Твоите сакани кои умреле — каде се?
АЛЕК бил срушен. Во текот на една седмица загубил двајца пријатели. Невил, едниот од нив, бил застрелан. Другиот, Тони, загинал во сообраќајна несреќа. Прашања кои никогаш порано не го вознемирувале, сега го измачувале 14-годишното момче од Јужна Африка. ‚Зошто мораат луѓето да умрат? И, што се случува после смртта?‘, се прашувал тој.
На патот до Невиловиот погреб, Алек искрено се надевал дека ќе добие одговор на овие прашања. „Но“, се присеќава тој, „свештеникот само прочита од една книга, па рече дека Невил отишол на небото. Потоа, кај гробот спомна дека го очекуваме воскресението. Бев збунет. Ако Невил бил на небото, како може да чека воскресение?“
Истиот ден подоцна, Алек присуствувал на погребот на Тони. Обредната миса била одржана на јазик кој не можел да го разбере. Сепак, хистеричното однесување на некои ужалени го уверило дека не добиле никаква утеха. „Таа ноќ“, објаснува тој, „бев ужасно вознемирен. Се чувствував беспомошно и изгубено. Никој не можеше да ми даде задоволувачки одговор на моите прашања. За првпат во мојот живот вистински се прашував дали постои Бог.“
Секоја година, на милиони како Алек смртта им одзема некои од нивните сакани. „Во 1991 година ширум светот умреле 50.418.000 лица“, објаснува 1992 Britannica Book of the Year. А уште колку милиони други оттогаш умреле? Претстави си ги реките солзи што ги пролеале ужалените кои останале живи! Покрај нивната жалост, тие се збунети поради противречните гледишта за смртта.
Според тоа, многумина како Алек се разочаруваат и се сомневаат дека постои било каква основа за надеж во живот после смртта. Според Encyclopedia of Religions, „во сите векови, луѓето кои размислувале се одвојувале од мнозинството, . . . сомневајќи се како може душата или животот да постои одвоено од мозокот и телото“.
Интересно, горенаведената енциклопедија признава дека религиозната теорија за бесмртност на душата која живее одвоено од телото, нема поткрепа во Библијата. Точно е дека на неколку места Библијата зборува за „душата“ на човекот дека го напушта, па дури и се враќа во мртвото тело, но во овие случаи „душа“ се користи во смисла на „живот“, изгубен или повторно вратен (1. Мојсеева 35:16-19; 3. Царства 17:17-23). Во Библијата зборот „душа“ почесто се користи за да се опишат видливите суштества составени од месо и крв; да, живите суштества (1. Мојсеева 1:20; 2:7). Затоа, Библијата често пати изјавува дека душите умираат (Језекиил 18:4, 20; Дела 3:23; Откровение 16:3). Божјата Реч вели дека, кога душите ќе умрат, тие „ништо не знаат“ (Проповедник 9:5, 10).
Од друга страна, Библијата содржи извештај за умрени кои биле вратени во живот. Во случајот на Лазар, тоа се случило четири дена после неговата смрт (Јован 11:39, 43, 44). Меѓутоа, што ќе се случи со оние кои умреле пред стотици или илјадници години? Дали нивната надеж за иден живот бара Бог да го воскресне истото тело кое го имале пред смртта?
Не. Таквото мислење противречи на она што се случува со атомите од кои е составено едно мртво тело. Со текот на времето, некои од овие атоми се апсорбирани од вегетацијата, а неа пак ја конзумираат други суштества така што станува дел од нивните тела.
Дали ова значи дека нема никаква надеж за луѓето кои се одамна умрени? Не. Творецот на нашиот огромен универзум има неограничена меморија, меморија која влева стравопочитување. Во рамките на неговата совршена меморија, тој ја има способноста да ги складира карактерните и наследни особини на секој мртов човек за кого ќе одлучи да се сети. Освен тоа, Јехова Бог ја има моќта повторно да создаде едно човечко тело со точниот генетски код на една личност која некогаш живеела. Исто така, во него може да ги стави меморијата и карактерните црти на оној на кого ќе се сети, како на пример Авраам.
Скоро две илјади години по смртта на Авраам, Исус Христос го дал следново уверување: „А дека мртвите ќе воскреснат, тоа го посведочи и Мојсеј при капината, кога го нарече Господа — Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов. А Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи“ (Лука 20:37, 38). Освен Авраам, Исак и Јаков, милиони други умрени се живи во Божјата меморија, чекајќи го претстојното воскресение. „Ќе има воскресение на мртвите, на праведните и на неправедните“, тврди Библијата (Дела 24:15).
Неколку недели по болниот губиток, Алек ги пронашол одговорите на неговите прашања. Еден Јеховин сведок го посетил во неговиот дом и му покажал што вели Божјата Реч за смртта и за воскресението. Тоа го утешило и му дало нова смисла на неговиот живот.
Дали би сакал и ти да дознаеш повеќе за надежта за воскресение која се темели на Библијата? На пример, дали поголемиот дел од воскресението ќе се одвива на небото или на земјата? И, што мора да стори еден човек за да добие Божје одобрение и да го искуси исполнувањето на Неговото прекрасно ветување дека луѓето ќе можат повторно да се соединат со нивните сакани кои умреле?