Натписи со посебно значење
„IEHOVA SIT TIBI CUSTOS“
ОВИЕ зборови испишани на предниот ѕид на една куќа од 17. век, во Селерина (источна Швајцарија), значат „Јехова нека биде твој заштитник“. Во ова планинско место не е необично да се најде Божјето име врежано или испишано на вековно стари куќи, цркви или жупни дворци. Како името Јехова станало толку познато?
Древна Ретија (која ги опфаќала деловите од денешна југоисточна Германија, Австрија и источна Швајцарија) станала Римска провинција во 15. година пр. н. е. Жителите почнале да зборуваат романски, јазик со латинско потекло кој се развил на неколку дијалекти кои сѐ уште се зборуваат во некои Алпски долини на Швајцарија и северна Италија.
Со текот на времето, делови од Библијата биле преведени на романски јазик. Изданието Biblia Pitschna ги содржело Псалмите и Христијанските Грчки списи. Во оваа Библија, издадена во 1666, името Iehova се појавува повеќе пати низ Псалмите. Бидејќи Библијата била основен материјал кој се читал во домовите, читателите на Biblia Pitschna биле запознати со името на Творецот.
Меѓутоа, следните генерации изгубиле интерес за библиските работи. Многумина не биле заинтересирани да дознаат што значи зборот „Iehova“, ниту, пак, свештенството се потрудило да го објасни. Според тоа, овие натписи станале само украсни обележја на една измината ера.
Во поново време се случува една забележителна промена во разбирањето. Јеховините сведоци доаѓаат од низините во овие прекрасни долини каде што ги поминуваат одморите и прават посебни напори да ги поучат жителите за Бог чие име е Јехова. Некои сведоци дури и се преселиле во оваа област за да поминат повеќе време во разговор со луѓето за прекрасните намери на Творецот во врска со Земјата и човекот. Затоа, овие архаични романски натписи добиваат ново значење за овие луѓе додека учат за вистинскиот Бог, Јехова.
[Слики на страница 32]
IEHOVA PORTIO MEA: Јехова е мој дел. (Види Псалм 118:57.)