Стравот од мртвите е надалеку раширен
Сонцето веќе поодамна зашло. Се враќаш дома малку подоцна отколку што би сакал. Додека патот те води покрај локалните гробишта, срцето почнува да ти чука малку побрзо. Тишината на мрачната ноќ те прави осетлив и на најслабиот шум. Ненадејно, во далечината слушаш еден продорен застрашувачки звук. Ги забрзуваш чекорите — и твојот пулс се забрзува — додека иташ кон безбедноста на домот.
ДАЛИ некогаш си го осетил чувството на страв кога си се наоѓал во гробишта или близу нив? Ако да, можеби си бил под влијание на религиозното сфаќање кое е вообичаено ширум светот — дека духовите на мртвите можат да им помогнат или да им наштетат на живите.
Многу суеверни обичаи се развиле како резултат на верувањето дека на мртвите им е потребна помошта од живите или дека можат да им наштетат на живите ако не бидат успокоени. На пример, во некои Латиноамерикански земји, многумина имаат обичај да изградат куќичка со крст на местото каде што некое лице загинало во несреќен случај. Луѓето таму палат свеќи и ставаат цвеќиња, обидувајќи се да покажат интерес за нив или да ѝ помогнат на душата или на духот на мртвиот поединец. Во некои случаи, кога ќе се рашират озборувања за „чудесните“ одговори на молитвите, луѓето почнуваат редовно да го посетуваат местото на анимита — мала куќичка за душата или духот на мртвото лице. Таму тие прават мандас, или ветувања дека ако мртвото лице им помогне да извршат или да добијат нешто — можеби некакво чудесно излекување — тогаш тие ќе ја покажат својата благодарност на посебен начин. Од друга страна, може да се зборува дека душата на лицето се појавува во темнината на ноќта плашејќи ги присутните. Обично се вели дека таквите души се пенандо, кои им додеваат на живите поради случките од минатото.
Во многу земји луѓето вложуваат огромен напор да ги смират „духовите“ на мртвите. Се приготвуваат големи гозби, се принесуваат жртви, се изговараат смирувачки зборови — сето тоа во настојување да се заштитат од одмаздата на духот на мртвото лице. Се смета дека смирувањето на духот ќе резултира со награди и благослови за живите.
„Многумина веруваат дека ниту еден настан не се случува како нешто ‚вообичаено или природно‘“, вели еден извештај од Африка. „За било каква несреќа — било да е тоа болест, катастрофа, неплодност, економски потешкотии, прекумерни врнежи или прејако сонце, несреќни случаи, семејно неединство, смрт — се смета дека е предизвикана од невидливите духови, кои имаат натчовечка моќ“. Еден друг извештај вели: „Луѓето веруваат дека духовите на нивните претци си зафатиле место на небото и дека постојано ги набљудуваат своите живи роднини на Земјата. Се верува дека претците поседуваат натчовечка моќ која можат да ја искористат за да ги благословат и заштитат своите роднини на Земјата или да ги казнат, во зависност од тоа дали роднините ги почитуваат или ги запоставуваат мртвите“.
Но, дали е ова во склад со Божјата Реч? Какво е твоето мислење?
[Слика на страница 4]
Една „анимита“ во Чиле