Дали си спасен?
ЏОНИ имал десет години кога во еден забавен парк го запрел некој човек и го прашал: „Младичу, дали го прифаќаш Исус Христос за свој Господ и Спасител?“ Тоа прашање му зазвучело некако чудно на Џони, бидејќи тој отсекогаш верувал во Исус. Затоа одговорил: „Секако дека верувам“. „Фали го Господ!“, извикал човекот за да го чујат сите. „Уште една душа е спасена за Христа!“
Дали спасението е навистина така едноставно? Дали Џони бил „спасен“ од моментот кога ги кажал овие зборови, без оглед на тоа што би правел во остатокот од својот живот? Многумина искрени луѓе би одговориле со „да“. Некои религиозни трактати велат да си го запишеш датумот кога си бил „спасен“ за да можеш да го запомниш.
Еден свештеник напишал дека во „моментот кога едноставно ќе поверуваш во Христа . . . трајно се одредува твојата судбина“. Тој тврдел дека според Библијата, спасението зависи од еден единствен, единечен „чин на вера, а не од континуитетот на верата“. Еден друг религиозен писател напишал: „Тоа претставува свршен чин. Веќе си го постигнал . . . Твоето ‚војување завршило‘. Твојот ‚грев е отстранет‘“. Но, дури и луѓето кои се цврсто уверени дека тоа е точно, би можеле да видат еден проблем во ова. Очигледно е дека многу луѓе на кои им е речено дека се „спасени“, не живеат онака како што вели Библијата. Вообичаено објаснување е дека можеби не го „прифатиле“ Христа вистински.
Тогаш, што навистина значи да го „прифатиш“ Исус? Дали е тоа единечен чин на вера или, пак, постојан начин на живот? Мора ли нашето верување да биде доволно силно за да нѐ мотивира на акција? Можеме ли навистина да ги прифатиме користите од Исусовата жртва без одговорност да го следиме?
Многу луѓе го сакаат благословот, но не и одговорноста да го следат и слушаат Исус. Всушност, зборот „слуша“ честопати ги вознемирува. Но, Исус рекол: „Дојди и врви по Мене [Биди мој следбеник, НС]“ (Лука 18:18-23). А Библијата наведува: „Кои не се покоруваат на Благовестието на нашиот Господ Исус Христос . . . со вечна погибел ќе бидат казнети“ (2. Солунјаните 1:8, 9; Матеј 10:38; 16:24).
Библијата кажува многу работи кои покренуваат сериозни прашања околу она што се учи за спасението. Ако сакаш да провериш што навистина вели Библијата за оваа тема, следните страници особено ќе те интересираат. Отвори ја својата Библија и прочитај ги наведените стихови за да видиш што поучувале Исус и неговите апостоли во врска со оваа животоважна работа.