Објавителите на Царството известуваат
Библиските вистини и понатаму се проповедаат во Ирска
ВО ПОСЛЕДНИВЕ години, живописната земја Ирска беше сцена на мошне големо превирање. Истовремено, ирскиот народ поволно се оѕвиваше на библиската порака на надеж што им ја донесуваа Јеховините сведоци. Тоа го потврдуваат следниве искуства од Ирска.
■ Еден Јеховин сведок и неговата мала ќеркичка учествувале во делото на проповедање од врата до врата во Даблин. Сретнале една жена по име Кети, која била многу зафатена со своите многубројни деца. Сведокот прашал дали би можела неговата ќерка, која се учела како да проповеда, да сподели само една кратка порака со неа. Кети се сложила и малото девојче изнело една јасна, добро промислена презентација. Кети била трогната од очигледната искреност и учтивост на малечката и ја прифатила понудата на еден библиски трактат.
Подоцна Кети размислувала за добрата подготовка и за манирите на нејзината малечка посетителка. „Бев импресионирана од тоа што едно мало девојче можеше да сподели една таква интересна порака без да е предвреме созреано“ — рекла таа. „Одлучив, следниот пат кога ќе дојдат Јеховините сведоци, да ги слушам.“
Во меѓувреме, Кети се преселила во едно гратче во југозападна Ирска, близу границата на грофовиите Корк и Кери. Некое време подоцна, на нејзината врата дошле Јеховини сведоци и таа ги поканила внатре. Прифатила редовна студија на Библијата и сега присуствува на собраниските состаноци со неколку свои деца. Кети е благодарна за искрената желба на малото девојче да ја сподели добрата вест со неа.
■ Во подрачјето Таламор, во период од седум години, Сведоците имале библиски дискусии со една жена по име Џин. Понекогаш таа покажувала интерес и земала литература, но во други прилики нејзиниот интерес се губел. Еден ден, кога една жена Сведок по име Франсис и една придружничка навратиле кај Џин, ја нашле во многу одбојно расположение. „Без разлика што ќе речевме“ — известува Сведокот — „таа стануваше сѐ полоша. Најпосле, ни рече да се чистиме оттука и ја тресна вратата.“
Франсис се прашувала дали натамошните посети само би предизвикале сличен прием. ‚Можеби повеќе не вреди да ја посетуваме, ако таа навистина не е заинтересирана за пораката‘ — си мислела Франсис. Меѓутоа, поразговарала за работата со својот сопруг, Томас, и тој имал поголема надеж. Следниот пат кога биле во тоа подрачје, била направена уште една посета кај Џин. Таа била пријателски настроена и зела примероци од списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Натамошните посети биле исто толку пријатни, а Томас и Франсис започнале редовна домашна библиска студија со неа.
Зошто таа промена? Џин објаснува дека во времето кога била толку неучтива спрема Сведоците, кратко пред тоа се породила и само што излегла од болница. Поради тоа што го доела своето новороденче и го хранела со лажичка своето постаро бебе, ноќе успевала да спие само час и половина. „Последното нешто што сакав да го правам“ — вели Џин — „беше да зборувам за религија.“
Два месеца Џин присуствувала на сите собраниски состаноци, а по четири месеци учествувала и во службата на подрачјето. По десет месеци од времето кога ја почнала својата библиска студија, таа се крстила. Сега личното искуство ѝ помага на Џин во службата. Таа раскажува: „Ако сретнам некого кој е многу груб, се трудам да имам поголемо разбирање. Секогаш го забележувам тоа. Можеби ситуацијата ќе се промени додека навратам пак; можеби лицето ќе се чувствува подобро и ќе биде поприемчиво“.