Свадби кои му донесуваат чест на Јехова
Следнава статија за христијанските свадби првобитно беше подготвена во Етиопија на амхарски јазик за да обезбеди корисно водство за мнозина во таа земја, кои од неодамна станале Јеховини сведоци. Зборува за некои локални обичаи и постапки кои можеби се разликуваат од оние каде што живееш ти. Веројатно, контрастот ќе ти биде доста интересен. Истовремено, статијата изнесува урамнотежен библиски совет за кој ќе видиш дека е применлив, иако свадбените обичаи во твоето место се поинакви.
„ХРИСТИЈАНСКИ свадби кои донесуваат радост“ беше насловот на една убава студиска статија во Стражарска кула од 1 август 1984 година. Следната статија во тоа издание имаше наслов „Биди урамнотежен во веселбата на свадбените гозби“. (Ако некој размислува за брак, додатен мудар совет се наоѓа во книгите Making Your Family Life Happy [Направи го среќен семејниот живот], поглавје 2, и во Your Youth—Getting the Best Out Of It [Твојата младост — извлечи го најдоброто од неа], поглавја 19 и 20.)a Мнозина станале Јеховини сведоци после излегувањето на тие статии, па затоа сакаме да повториме некои точки кои се особено применливи на нашето подрачје, како и некои други соодветни точки кои ќе ни помогнат свадбите да ги направиме прилики кои му донесуваат чест на Јехова, Основачот на бракот.
Едно прашање кое би можело најпрво да се разгледа е: Кога треба да се одржи свадбата? Дали треба датумот да се управува според датумите на традиционалните локални свадбени сезони? Локално верување е дека секој брак што е склучен во кое и да е друго време од годината, нема да биде успешен. Тоа претставува неосновано суеверие, бидејќи многу брачни двојки кои среќно и обединето му служат на Јехова, не се венчале во текот на традиционалната сезона. Ние не веруваме во добра или лоша среќа (Исаија 65:11, НС; Колосјаните 2:8). Не би им помогнале на роднините кои не се соверници да ја видат разликата помеѓу вистината и лагата доколку одредиме датум за свадба според нивните суеверија. Факт е дека христијаните можат да се венчаат во кој и да било месец.
Кога после неопходната граѓанска церемонија се подготвува свадбен говор, би било мудро да нема некаква временска пауза од многу денови помеѓу двата настана. Ако двојката би сакала да има свадбен говор во Салата на Царството, таа треба доста однапред да им пријде на собраниските старешини за да побара да ја употреби салата. Локалните старешини ќе потврдат дека подготовките за церемонијата им оставаат мирна совест. Времето треба да се одреди така што да нема конфликт со каква и да е собраниска активност. Братот кој е избран да го одржи свадбениот говор, претходно ќе се сретне со идниот младоженец и со невестата за да понуди корисен совет и да се увери дека не постојат морални или законски пречки за бракот и дека тој се согласува со плановите за каков и да е друштвен собир што ќе уследи. Свадбениот говор треба да биде долг отприлика половина час и да се одржи на достоинствен начин, истакнувајќи го духовниот аспект. Свадбениот говор е апсолутно поважен од каков и да било пречек што би можел да следи.
Христијанската свадба е добра прилика да се покаже дека ние ‚не сме дел од светот‘ (Јован 17:14, НС; Јаков 1:27). Треба да дојде до израз нашата уредност. Ова би значело дека ќе бидеме точни, а не да дозволиме луѓето да чекаат и можеби да им пречиме во собраниските активности. Ова е нешто што треба особено да го сфати невестата, затоа што световните роднини би можеле да ја тераат да доцни — како да ќе ѝ се зголеми важноста. Со тоа што е точна, една зрела христијанка може да покаже дека духовните особини, како што се понизноста и обѕирноста, ѝ се важни! Исто така, кога се повикува фотограф за да ја снима приликата, важна е уредноста. Добро ќе биде да побараме фотографот да дојде облечен во сако, вратоврска и во свечени панталони и да не пречи во говорот кога слика. За време на молитвата не треба да се слика. Нашата уредност ќе му донесе чест на Јехова и ќе даде убаво сведоштво. Нема потреба да се обидуваме да се прилагодуваме на друштвените формалности кои би го засениле вистинското значење на настанот.
Пречекот не претставува некаков услов за успешна свадба, но не постои библиски приговор за една таква радосна прилика. Меѓутоа, еден таков собир на вистинските христијани треба да се разликува од световните пречеци што се обележани со екстраваганција, пијанчење, прејадување, дива музика, сугестивно танцување, па дури и тепачки. Библијата ги категоризира ‚лумпувањата‘ во делата на телото (Галатјаните 5:21, НС). Полесно е да се има исправна контрола кога собирот не е многу голем. Нема потреба да се подига шатор за да се задоволат локалните обичаи. Доколку некој одлучи да употреби шатор поради простор или поради времето, тоа е лична работа.
Искуството покажало дека еден добар начин за ограничување на бројот на гостите е да се користат посебни писмени покани. Помудро е да се поканат поединци отколку цели собранија и, како уредни христијани, треба да ги почитуваме таквите ограничувања. Писмените покани исто така ни помагаат да избегнеме да ни биде непријатно ако на пречекот се појави некое исклучено лице зашто, ако се случи тоа, многу браќа и сестри можеби ќе одлучат да си отидат (1. Коринтјаните 5:9—11). Ако една двојка покани роднини или познаници кои не се соверници, тие несомнено ќе бидат ограничени во бројот, придавајќи им поголема важност на оние кои ни се ‚свои по верата‘ (Галатјаните 6:10). Наместо на пречекот, некои избрале световните познаници или роднините кои не се соверници да ги поканат на свадбениот говор. Зошто? Па, имало случаи кога световните роднини создале таква непријатна ситуација на свадбениот пречек, што многу браќа и сестри заклучиле дека не можат да останат. Некои двојки средиле да имаат само мала вечера со блиските членови на семејството и со христијанските пријатели.
Во склад со Јован 2:8, 9, практично е да се избере ‚управник на гозбата‘ (НС). Младоженецот ќе сака да избере некој доверлив христијанин кој ќе се погрижи да се задржат уредноста и високите мерила. Таму каде што пријателите донесуваат подароци, тоа треба да се прави без ‚упадливо излагање‘ (1. Јованово 2:16, НС). Музиката може да биде радосна и без да е извалкана со сомнителни текстови, претерано бучна или со див ритам. Мнозина утврдиле дека е најдобро да дозволат еден старешина однапред да ја преслуша музиката што ќе се свири. Играњето може да донесе замки, затоа што многу традиционални танци се изведени од играњето за плодност и истакнуваат неприкладна сладострасност. „Моментот за тортата и шампањското“ понекогаш биле сигнал за световните луѓе да се откачат. Всушност, многу христијански двојки одлучувале да немаат никаков алкохол на свадбените пречеци, и на тој начин избегнуваат проблеми.
Поради тоа што сакаме да му донесеме чест на Јехова, ќе избегнуваме упадливо истакнување за да привлечеме претерано внимание кон себе. Дури и световните публикации зборувале против популарниот дух да се биде екстравагантен. Колку само немудро би било една двојка да влезе во долгови поради една луксузна свадба, а потоа со години да трпи оскудица за да ги отплати трошоците за тој еден ден! Се разбира, секој фустан што се носи во таа прилика треба да биде скромен и уреден, кој му прилега на едно лице кое тврди дека длабоко го почитува Бог (1. Тимотеј 2:9, 10). Статијата „Христијанските свадби треба да одразуваат разумност“ (Стражарска кула од 15 јануари 1969, англ.) ги навела следниве интересни коментари во врска со облекувањето:
„Свадбата на едно лице претставува посебна прилика, па затоа обично се посветува внимание да се изгледа радосно и атрактивно. Но, тоа не значи дека некој мора да носи одреден тип фустан или костум. Добро е да се земат во обѕир локалните стилови, трошоците и личните вкусови . . . Сепак, дали би било разумно да се купи некој толку скап костум со што би си наметнал финансиски товар себеси или на другите? . . Некои невести радо го користеле фустанот од некоја драга пријателка или роднина. На други, пак, им причинувало големо задоволство тоа што самите си го сошиле својот невестински фустан со што можеле да имаат облека која би можела да се користи и во други прилики во иднина. А сосема е на место една двојка да се венча во својата најатрактивна нормална облека . . . Други, кои би можеле да си дозволат детално разработена свадба, можеби лично сакаат да имаат една ‚мирна свадба‘ поради критичноста на времињата“.
На сличен начин, свадбената придружба (пријателите на младоженецот и женските пријателки на невестата) не мора да биде голема. И тие исто така не би сакале да свртуваат непотребно внимание кон себе со својата облека и постапките. Иако на едно исклучено лице може да му се дозволи да присуствува на говорот во Салата на Царството, Стражарска кула од 1 август 1984 година навела: „Не би било на место во свадбената придружба да бидат луѓе кои се исклучени или чиј скандалозен начин на живот [флагрантно] се судира со библиските начела“.
Иако Исус присуствувал на една свадба, не можеме да си замислиме дека тој би го одобрил популарниот обичај да се има свечена поворка од автомобили што кружат низ градот со голема врева; полицијата дури и казнила некои возачи поради трубење во свадбена поворка. (Види Матеј 22:21.) Сѐ на сѐ, наместо да го копираат упадливото излагање или типичните постапки на луѓето од нациите, христијаните ја покажуваат мудроста која е кај скромните (Изреки 11:2, НС).
Но, како е со присуствувањето на свадби на соседи, световни колеги или далечни роднини и познаници? Секој христијанин мора лично да одлучи околу тоа. Добро е да се има на ум дека нашето време е скапоцено, бидејќи за нашата служба, за лична студија и за други семејни и собраниски тежнеења ни треба време (Ефесјаните 5:15, 16). За време на викендите имаме состаноци и служба на теренот, кои не сакаме да ги испуштаме (Евреите 10:24, 25). Термините на многу свадби се поклопуваат со конгресите или со посебните напори за служба поврзани со Господовата вечера. Не треба да си дозволиме да бидеме одвратени од вложувањето на истите посебни напори што ги вложуваат и нашите браќа ширум светот за да присуствуваат на Господовата вечера. Пред да дојдеме до спознанието за вистината, ние сме поминувале многу време со световните луѓе, можеби во околности кои го обесчестувале Бог (1. Петрово 4:3, 4). Сега, нашите приоритети се поинакви. Секогаш е можно на една световна двојка да ѝ посакаме среќа испраќајќи ѝ картичка или навраќајќи во некој друг ден заради куса посета. Некои ги искористиле таквите прилики за да дадат сведоштво, споделувајќи некои стихови кои се прикладни за младоженците.
Една свадба на која духовните аспекти доминираат над световните обичаи, навистина ќе му донесе чест на Јехова. Ако се погрижат да бидат одвоени од светот со неговите празноверија и претерувања, ако не дозволуваат тие да се мешаат со редовните теократски активности, и ако покажуваат скромност наместо упадливо излагање, христијаните ќе уживаат во приликата. Освен тоа, ќе бидат во можност да се присеќаваат на настанот со мирна совест и со драги спомени. Покажувајќи мудрост и разумност, нека сите наши христијански свадби им даваат сведоштво на посматрачите со чесни срца.
[Фуснота]
a Издадени од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страници 24 и 25]
Христијаните не го следат ропски секој локален свадбен обичај