Борба околу едно „свето“ место
НА 15 јули 1099, Првата крстоносна војна овластена од римскиот папа, ја постигнала својата цел — ја презела контролата над Ерусалим. Колежот бил ужасен! Единствени преживеани жители биле управителот и неговиот телохранител, и тоа откако било платено големо мито. Во својата книга The Crusades, свештеникот Ентони Бриџ известува што се случило со останатите муслимански и еврејски жители: „Штом на крстоносците им било дозволено да се олабават во градот, тие подлегнале на една огромна и ужасна страст за крв . . . Го убивале секој маж, жена и дете кое ќе го нашле во градот . . . Кога веќе немало кого да убиваат, победниците отишле во поворка низ градските улици . . . до Црквата на светата гробница за да му изразат благодарност на Бог“.
Од победата на крстоносците, присуството на христијанскиот свет во Ерусалим било одбележано со неслагање меѓу римокатоличката, источната православна и другите таканаречени христијански религии. Во 1850, еден спор меѓу водачите на различни цркви заради светите места во Ерусалим и неговата околина, бил главниот фактор кој водел до Кримската војна. Англија, Франција и Отоманската држава се бореле против Русија по цена на половина милион животи.
Војната не донела крај на недоразбирањата во христијанскиот свет околу Ерусалим и неговите свети места. Турците, кои ја контролирале земјата тоа време, се обиделе да донесат мир на тој начин што ги поделиле светите места меѓу различните вери. „Ова начело“, објаснува д-р Менаше Хар-ел во својата книга This Is Jerusalem, „беше прифатено . . . од Обединетите нации со Резолуцијата за поделба од ноември 1947. На тој начин, тоа е дел од меѓународниот закон“. Како резултат на тоа, Црквата на светата гробница била поделена меѓу римокатолиците, православните Грци, Ерменците, Сиријците и Коптите. На крај, Етиопјаните полагале право на оваа црква бидејќи некои нивни членови живееле во колиби на покривот. Многумина гледале на Црквата на светата гробница како на најсвето место во христијанскиот свет. Таа е полна со олтари, слики и икони. Некои протестанти почитуваат едно друго таканаречено свето место, Гордонова калварија, како наводна локација каде што Исус бил погубен и погребан.
На една жена која верувала во светите места, Исус уште одамна ѝ кажал: „Иде часот, кога ни во оваа планина, ниту во Ерусалим ќе се поклонувате на Отецот . . . вистинските поклоници ќе Му се поклонуваат на Отецот со дух и вистина“ (Јован 4:21—24). Затоа, вистинските христијани не ги возвишуваат светите места. Уништувањето на неверниот Ерусалим од страна на римските војски во 70 н. е. стои како предупредување за христијанскиот свет. Неговото идолопоклонство, поделби и вина за крв го побиваат неговото тврдење дека е христијански. Затоа, тој ќе ја доживее судбината која ја претскажал Бог за сите религии кои го сочинуваат Големиот Вавилон (Откровение 18:2—8).