Евангелизатор
Евангелизатор е проповедник на евангелието или на добрата вест; гласник на добро. Грчкиот збор еугелистес (евангелизатор) е тесно поврзан со зборот еугелион, „добра вест“ или „евангелие“. Јехова е Големиот Евангелизатор, или Носител на добра вест. Откако Адам западнал во грев, добра вест било да се дознае, во 1. Мојсеева 3:15, дека ќе има едно семе кое ќе ѝ ја смачка главата на змијата! Тоа му дало надеж на човештвото (Римјаните 8:20). Проширувајќи го ветувањето за семето, Јехова му објавил на Авраам добра вест (Галатјаните 3:8; 1. Мојсеева 12:1—3). Во Исаија 52:7 било проречено дека ќе има некој кој ќе ‚носи добра вест‘ (NW) во врска со враќањето на Евреите од Вавилон. Овој стих го цитирал апостол Павле во врска со делото на евангелизирање кое ќе го вршат христијаните (Римјаните 10:15).
Иако сите христијани имаат заповед да бидат евангелизатори, овој збор на посебен начин е употребен во Ефесјаните 4:8, 11, 12, каде што Павле ги опишува ‚даровите во облик на луѓе‘ (NW) кои Христос му ги дал на собранието кога се вознел на висините: „Даде некои како апостоли, некои како пророци, некои како евангелизатори, некои како пастири и учители . . . за изградувањето на Христовото тело“. Конкретно дело на тие евангелизатори било да бидат мисионери. Тие честопати отворале нови терени каде што добрата вест претходно не била проповедана. При набројувањето во Ефесјаните 4:11, евангелизаторите им претходат на пастирите и учителите, бидејќи откако ќе биде проповедана добрата вест и ќе бидат направени ученици, понатамошното дело на изградување го вршат пастири и учители.