Поглед одблизу на некои митови за смртта
НИЗ историјата, човекот стоел збунет и преплашен пред мрачниот изглед да умре. Згора на тоа, стравот од смртта бил поттикнуван од мешавина на лажни религиозни идеи, популарни обичаи и закоравени лични верувања. Проблемот со стравот од смртта е во тоа што тој може да парализира нечија способност да ужива во животот и може да му ја поткопа довербата во тоа дека животот има смисла.
Општо прифатената религија посебно заслужува прекор за унапредувањето на голем број популарни митови што се однесуваат на смртта. Испитувајќи неколку од нив во светло на библиската вистина, види дали твоите лични согледувања за смртта можат да бидат разјаснети.
Мит 1: Смртта е природен крај на животот.
„Смртта е . . . составен дел од нашиот живот“, вели книгата Death—The Final Stage of Growth (Смртта — последната фаза на развојот). Ваквите коментари се одраз на верувањето дека смртта е нормален, природен крај на сите живи организми. Резултатот бил тоа што таквото верување поттикнало нихилистичка филозофија и опортунистичко однесување кај многумина.
Но, дали смртта навистина е природен крај на животот? Сите истражувачи не веруваат во тоа. На пример, Калвин Харли, биолог кој го проучува стареењето кај луѓето, во едно интервју рекол дека не верува дека луѓето „се програмирани да умрат“. Имунологот Вилијам Кларк забележал: „Смртта не е нераскинливо испреплетена со дефиницијата за животот“. А Сејмор Бензер, од Институтот за технологија во Калифорнија, размислува дека „стареењето може подобро да се опише не како часовник туку како сценарио кое можеме да се надеваме да го смениме“.
Кога ја проучуваат градбата на луѓето, научниците се збунети. Откриваат дека сме надарени со вештини и способности што далеку ги надминуваат потребите на нашиот животен век од 70 или 80 години. На пример, научниците откриле дека човечкиот мозок има огромна способност за памтење. Еден истражувач проценил дека нашиот мозок може да складира информации што „би исполниле околу дваесет милиони томови, толку колку што има во најголемите светски библиотеки“. Некои невронаучници веруваат дека во текот на еден просечен животен век, човек користи само 1/100 од 1 процент (0,0001) од потенцијалниот капацитет на мозокот. Соодветно е да се прашаме: ‚Зошто имаме мозок со толкав капацитет, кога во еден просечен животен век користиме само делче од него?‘
Размисли, исто така, колку неприродно реагираат луѓето на смртта! За повеќето, смртта на сопругата, сопругот или детето може да биде најпотресното искуство во животот. Целосната емоционална конституција на луѓето честопати е вознемирена долго после смртта на некоја многу сакана личност. Дури и на оние што тврдат дека смртта е природна за луѓето им е тешко да ја прифатат идејата дека нивната сопствена смрт ќе значи крај на сѐ. British Medical Journal зборувал за една „општо позната претпоставка дека секој сака да живее колку што е можно подолго“.
Имајќи ја предвид човечката вообичаена реакција на смртта, неговиот зачудувачки потенцијал за памтење и учење, и неговиот внатрешен копнеж за вечност, зарем не е јасно дека тој бил создаден да живее? Навистина, Бог не ги создал луѓето со смртта како природен резултат туку со изглед да живеат неограничено. Забележи каква иднина поставил Бог пред првиот човечки пар: „Плодете се и множете се и наполнете ја земјата, и потчинете ја! Владејте над рибите во морето и над птиците во воздухот и над сите живи суштества што лазат по земјата“ (Битие 1:28). Каква само прекрасна, трајна иднина е тоа!
Мит 2: Со смртта Бог ги зема луѓето за да бидат со него.
Една 27-годишна мајка, која била на умирање и оставала три деца зад себе, на една католичка калуѓерка ѝ рекла: „Немој да ми доаѓаш овде и да ми кажуваш дека ова е Божјата волја за мене . . . Мразам кога некој ќе ми го каже тоа“. Сепак, многу религии го поучуваат за смртта токму тоа — дека Бог ги зема луѓето за да бидат близу до него.
Зарем Творецот е навистина толку суров што бесчувствително би задал смрт, знаејќи дека тоа ќе ни го скрши срцето? Не, не Богот на Библијата. Според 1. Јованово 4:8 „Бог е љубов“. Забележи, овде не се вели дека Бог има љубов или дека Бог е полн со љубов туку се вели дека Бог е љубов. Божјата љубов е толку силна, толку чиста, совршена, толку целосно ја исполнува неговата личност и неговите постапки што за него може со право да се каже дека е вистинско олицетворение на љубовта. Тој не е Бог што со смртта ги зема луѓето за да бидат близу до него.
Лажната религија оставила мнозина збунети во врска со тоа каде се мртвите и каква е нивната состојба. Небо, пекол, чистилиште, лимб — овие и разни други одредишта може да бидат од неразбирливи до сосема застрашувачки. Библијата, од друга страна, ни кажува дека мртвите не се свесни; тие се во состојба што најдобро може да се спореди со спиење (Проповедник 9:5, 10; Јован 11:11—14). Затоа, не треба да се грижиме што ќе се случи со нас после смртта, како што не сме загрижени ни кога ќе видиме како некој мирно спие. Исус зборувал за време кога „сите оние што се во спомен-гробовите“ ќе „излезат“ во обновен живот на рајската Земја (Јован 5:28, 29; Лука 23:43).
Мит 3: Бог зема мали деца за да станат ангели.
Елизабет Кублер-Рос, која проучувала неизлечиво болни лица, се осврнала на уште едно општопознато гледиште кај религиозните луѓе. Опишувајќи еден вистински настан, изјавила дека е „немудро да му се каже на мало девојченце кое го изгубило своето братче дека Бог толку многу ги сака малите момчиња што го земал малиот Џони на небото“. Таквата изјава фрла лошо светло врз Бог и не ја одразува неговата личност и неговото однесување. Д-р Кублер-Рос продолжила: „Кога ова мало девојче стана жена, никогаш не го надмина својот гнев кон Бог, а последица од тоа беше психотична депресија кога го изгуби својот син три децении подоцна“.
Зошто Бог би одземал дете за да добие уште еден ангел — небаре на Бог детето му е потребно повеќе отколку на неговите родители? Кога би било вистина дека Бог ги зема децата, зарем тоа не би значело дека е нељубезен, себичен Творец? Спротивно на таквото гледиште, Библијата вели: „Љубовта е од Бог“ (1. Јованово 4:7). Зарем еден Бог на љубов би предизвикал загуба што дури ни луѓе со колкав-толкав морал не би ја толерирале?
Тогаш, зошто децата умираат? Еден дел од библискиот одговор е запишан во Проповедник 9:11 (NW): „Времето и непредвидениот настан им се случуваат на сите нив“. А, Псалм 51:5 ни кажува дека сме несовршени, грешни уште од зачнување, и дека крајниот резултат за сите луѓе сега е смрт од голем број причини. Понекогаш смртта погаѓа пред раѓањето, што резултира со мртвороденче. Во други случаи, децата подлегнуваат на трагични околности или доживуваат несреќи и умираат. Бог не е одговорен за таквите резултати.
Мит 4: Некои луѓе се мачени по смртта.
Многу религии поучуваат дека злобните ќе одат во огнен пекол и дека вечно ќе бидат мачени. Дали ова учење е логично и библиско? Човечкиот животен век е ограничен на 70—80 години. Дури и ако некој во текот на целиот свој живот е виновен за неизмерна злоба, дали вечното мачење би било праведна казна? Не. Би било крајно неправедно да мачиш човек засекогаш поради гревовите што ги направил во еден краток животен век.
Само Бог може да открие што се случува кога луѓето ќе умрат, а тоа и го сторил во својата пишана Реч, Библијата. Еве што вели Библијата: „Како гинат едните [ѕверовите], така гинат и другите [луѓето]; и дишат со еднаков здив . . . И едните и другите заминуваат на исто место; сите станаа од прав и се враќаат во правот“ (Проповедник 3:19, 20). Овде не се спомнува пеколен оган. Кога ќе умрат, луѓето се враќаат во прав — во непостоење.
За некој да биде мачен, мора да биде свесен. Дали мртвите се свесни? Повторно Библијата го дава одговорот: „Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо [не се свесни за ништо, NW], ниту имаат веќе награда, зашто се заборава и споменот за нив“ (Проповедник 9:5). Невозможно е мртвите, кои „не се свесни за ништо“, некаде да доживуваат агонија.
Мит 5: Смртта значи траен крај на нашето постоење.
Кога ќе умреме, престануваме да постоиме, но тоа не значи неизбежен крај на сѐ. Верниот човек Јов знаел дека кога ќе умре, ќе оди во гробот, во Шеол. Но, слушни ја неговата молитва до Бог: „О, кога би сакал да ме скриеш во Шеолот, да ме засолниш додека Ти помине гневот, да ми определиш рок, кога ќе си спомниш за мене! Зашто, кога човекот умре, зар може да оживее? . . Би ме повикал, а јас би се одѕвал“ (Јов 14:13—15).
Јов верувал дека ако останел верен до смрт, Бог ќе се сетел на него и ќе го воскреснел во право време. Сите Божји слуги од древни времиња верувале во ова. И самиот Исус ја потврдил таа надеж и покажал дека Бог ќе го искористи него за да ги подигне мртвите. Христовите зборови ни го даваат ова уверување: ‚Доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат, оние кои правеле добро, за воскресение на живот, а оние кои практикувале подли работи, за воскресение на суд“ (Јован 5:28, 29).
Наскоро Бог ќе ја отстрани сета злоба и ќе воспостави нов свет под небесно владетелство (Псалм 37:10, 11; Даниел 2:44; Откровение 16:14, 16). Резултатот ќе биде рај на целата Земја, населен со луѓе што му служат на Бог. Во Библијата читаме: „Чув еден силен глас од престолот како вели: ‚Гледај, Божјиот шатор е со луѓето, и тој ќе престојува со нив, и тие ќе бидат негови народи. И самиот Бог ќе биде со нив. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа‘“ (Откровение 21:3, 4).
Ослободени од стравот
Спознанието за надежта за воскресение заедно со спознанието за Оној што е извор на таа подготовка, може да те утеши. Исус ветил: „Ќе ја спознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Тоа вклучува и ослободување од стравот од смртта. Јехова е единствениот што всушност може да ги промени процесот на стареење и умирање и да ни даде вечен живот. Можеш ли да веруваш во Божјите ветувања? Да, можеш затоа што Божјата реч секогаш се исполнува (Исаија 55:11). Те поттикнуваме да дознаеш повеќе за Божјите намери за човештвото. Јеховините сведоци ќе се радуваат да ти помогнат.
[Истакната мисла на страница 6]
Проблемот со стравот од смртта е во тоа што тој може да парализира нечија способност да ужива во животот
[Табела на страница 7]
НЕКОИ ОПШТО ПОЗНАТИ МИТОВИ ЗА СМРТТА ШТО ВЕЛИ ПИСМОТО?
● Смртта е природен крај на (Битие 1:28; 2:17; Римјаните 5:12).
животот
● Со смртта Бог ги зема луѓето (Јов 34:15; Псалм 37:11, 29; 115:16).
за да бидат со него
● Бог зема мали деца (Псалм 51:5; 104:1, 4;
за да станат ангели Евреите 1:7, 14).
● Некои луѓе се мачени (Псалм 146:4; Проповедник 9:5, 10;
по смртта Римјаните 6:23).
● Смртта значи траен крај (Јов 14:14, 15; Јован 3:16; 17:3;
на нашето постоење Дела 24:15).
[Слика на страница 8]
Тоа што ја знаеме вистината за смртта нѐ ослободува од стравот
[Извор на слика на страница 5]
Barrators—Giampolo/Илустрациите на Доре за Божествената комедија на Данте/Dover Publications Inc.