Места за обожавање — дали ни се потребни?
,Илјадници аџии во разнобојни облеки од различни делови на земјата, групи Индијанци што на ритамот на тапаните ги повторуваат танците што наводно се од времето пред Шпанците и верници што во болка се пробиваат на коленици низ толпата до предворјето каде што е светилиштето со моштите и до улиците околу базиликата.‘
ВАКА весникот El Economista ја опиша огромната толпа во декември 2001. Во тоа време, околу три милиони луѓе ја посетија базиликата во Мексико Сити за да ја покажат својата вера во Девицата од Гвадалупе. И други религиозни зданија, како што е базиликата на Свети Петар во Рим, привлекуваат мноштва посетители.
Религиоизните објекти заземаат посебно место во срцата на мнозина што сакаат да го обожаваат Бог. „За мене црквата беше место каде што можев да бидам близу до Бог“, вели Марија од Бразил. „Тоа беше свето место. Верував дека одењето в црква ја прочистува душата и дека е грев ако секоја недела не одам на миса и ако не се исповедам.“ Консуело од Мексико раскажува: „Црквата создаде во мене длабоко чувство; многу ја ценев. Додека бев таму, чувствував дека сум на небо“.
Иако некои им придаваат големо значење на црквите, други се сомневаат во тоа дали има потреба тие да служат како места за обожавање. Говорејќи за слабата посетеност на црквите, Питер Сиберт, католички свештеник од Англија, вели: „Луѓето си ги избираат оние делчиња од религијата што ним им се допаѓаат. Многу од постарите се католици и живеат во склад со својата вера — но, кај помладите нема никакво чувство на обврска“. Лондонски Daily Telegraph од 20 ноември 1998, забележува: „Од 1979 наваму, во Англија беа затворени околу 1.500 цркви наспроти 495-те што беа отворени и 150-те што беа обновени“.
Во 1997, весникот Süddeutsche Zeitung од Минхен (Германија) извести: „Цркви претворени во кина и во станови: верниците не доаѓаат, местата за обожавање се преобраќаат . . . Она што веќе стана традиција во Холандија и во Англија се случува и во Германија“. Тој додаде: „Во последниве неколку години, имаше 30 или 40 спектакуларни продажби на цркви во Германија“.
Дали религиозните објекти се навистина неопходни за да се обожава Бог? Дали базиликите и накитените цркви имаат свој претходник во Библијата? Какви видови објекти се поврзани со обожавањето на вистинскиот и жив Бог? Што можеме да научиме од нив во врска со потребата од места за обожавање и во врска со она што треба да се прави таму?