Прашања од читателите
Зошто Библијата вели дека едно лице треба да вика ако е во опасност да биде силувано?
Секој што лично не го доживеал ужасот од тоа да се биде сурово нападнат од силувач, никогаш не би можел сосем да разбере колку може тоа да уништи нечиј живот. Тоа искуство е толку ужасно за жртвата што може да ја мачи до крајот на животот.a Една млада христијанка, која пред неколку години била нападната од силувач, раскажува: „Не може да се опише со зборови апсолутниот ужас што го почувствував таа вечер или траумата со која морам да се борам оттогаш“. Се разбира, мнозина не сакаат дури ни да размислуваат на оваа страшна тема. Сепак, во овој злобен свет опасноста од силување е реалност.
Библијата отворено известува за некои случаи на силување и обиди за силување што се случиле во минатото (Битие 19:4—11; 34:1—7; 2. Самоил 13:1—14). Но, таа, исто така, советува што треба некој да направи кога е во опасност да биде силуван. Она што Законот го кажува за оваа работа се наоѓа во Второзаконие 22:23—27. Ова опфаќа две ситуации. Во првиот случај еден млад човек наишол на млада жена во градот и легнал со неа. Но, жената не викала за помош. Како резултат на тоа, била прогласена за виновна ‚зашто не викала за помош од градот‘. Да повикала, можеби луѓето што биле во близина ќе можеле да ѝ притрчаат на помош. Во вториот случај, еден маж наишол на млада жена во полето, каде што ‚насила легнал со неа‘. Бранејќи се, жената ‚викала, но немало никој да ѝ прискокне на помош‘. За разлика од жената во првиот случај, оваа жена очигледно не попуштила пред постапките на напаѓачот. Таа енергично му се спротивставила викајќи за помош, но била совладана. Тоа што викала покажало дека била жртва против сопствена желба; таа не била виновна за престап.
Иако денес христијаните не се под Мојсеевиот закон, начелата што се спомнати во него им даваат упатства. Извештајот што беше спомнат нагласува колку е важно да се спротивставиме и да викаме за помош. Сѐ уште се смета за практично да викаме кога сме во опасност да бидеме силувани. Еден експерт за спречување на криминалот рекол: „Ако некоја жена е нападната, нејзиното најдобро оружје сѐ уште ѝ се белите дробови“. Викањето на жената може да привлече други, што тогаш можат да ѝ помогнат, или може да го исплаши напаѓачот и да го натера да избега. Една млада христијанка што била нападната од силувач рекла: „Викав колку што ме држеше гласот, и тој се повлече. Кога пак тргна накај мене, викав и бегав. Порано често си мислев: ‚Како може викањето да ми помогне кога ќе ме зграпчи некој голем маж што има само една работа на ум?‘ Но, сфатив дека тоа функционира!“
Дури и во жалосен случај кога некоја жена е совладана и силувана, тоа што се бори и вика за помош не е залудно. Напротив, тоа докажува дека таа направила сѐ што можела за да му се спротивстави на напаѓачот (Второзаконие 22:26). И покрај тоа што поминува низ такво тешко искуство, таа сѐ уште може да има неизвалкана совест, самопочит и да биде сигурна дека е чиста во Божји очи. Страшното искуство можеби ќе остави емоционални рани, но тоа што знае дека направила сѐ што можела за да му се спротивстави на нападот многу ќе придонесе тие рани полека да зараснат.
За да ја разбереме примената на Второзаконие 22:23—27, мораме да сфатиме дека овој краток извештај не ги опфаќа сите можни ситуации. На пример, во него не се коментира за ситуација кога нападнатата жена не може да вика затоа што е нема, без свест или парализирана од страв, или насила е спречена да вика затоа што ѝ ставиле рака или леплива лента на устата. Меѓутоа, затоа што Јехова може да ги процени околностите, вклучувајќи ги и мотивите, тој постапува со разбирање и праведност во таквите случаи, зашто „сите негови патишта се правда“ (Второзаконие 32:4, NW). Тој знае што навистина се случило и е свесен за напорите на жртвата да му се спротивстави на напаѓачот. Затоа, жртвата што не можела да вика, но што направила сѐ што можела во тие околности, може да ги остави работите во Јеховини раце (Псалм 55:22; 1. Петрово 5:7).
Сепак, некои христијанки што биле нападнати и силувани постојано се измачувани од чувство на вина. Кога гледаат наназад, мислат дека требало да направат повеќе за да спречат тоа да се случи. Меѓутоа, наместо да се обвинуваат, таквите жртви може да му се молат на Јехова, да бараат помош од него и да имаат доверба во неговата изобилна оддадена љубезност (Излез 34:6; Псалм 86:5).
Според тоа, христијанките што сега се борат со емоционални рани кои се резултат на силување можат да бидат уверени дека Јехова потполно ги разбира болните чувства со кои се соочуваат. Божјата реч ги уверува: „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето; а ги спасува оние што се здробени во духот“ (Псалм 34:18, NW). Помош за да се справат со својата траума може да добијат и со тоа што ќе ги прифатат искреното разбирање и љубезната поддршка на соверниците во христијанското собрание (Јов 29:12; 1. Солуњаните 5:14). Освен тоа, и напорот што самите жртви го вложуваат за да се сосредоточат на позитивни мисли ќе им помогне да го искусат „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Филипјаните 4:6—9).
[Фуснота]
a Иако оваа статија зборува за женските жртви, начелата за кои се дискутира се однесуваат и на мажите кои се во опасност да бидат силувани.