Писмо до Ное
„ДРАГ Ное, неколкупати сум читала во Библијата за тебе и за тоа како си изградил арка во која ти и твоето семејство сте се спасиле од Потопот.“
Вака почнува едно писмо што една 15-годишна девојка по име Минамарија го приложила на еден натпревар за писмен состав за ученици помеѓу 14 и 21 година. Натпреварот го организирале Финска поштенска служба, Сојузот на наставници по фински јазик и Финското книжевно друштво. Кандидатите требало да напишат писмо кое ќе се темели на некоја книга. Писмото можело да биде упатено до авторот на книгата или до некој лик во неа. Наставниците избрале повеќе од 1.400 писма од писмата на нивните ученици и потоа ги предале на жирито на натпреварот. Жирито го избрало најдобриот есеј, десет второпласирани и десет третопласирани есеи. Минамарија била пресреќна што нејзиното писмо било во третата група.
Зошто Минамарија, тинејџерка, го напишала своето писмо до Ное, човек што живеел пред околу 5.000 години? Таа вели: „Библијата беше првото нешто што ми падна на памет. Библиските ликови ми станаа многу блиски. Имам прочитано толку многу за нив што ми изгледаат речиси живи. Го избрав Ное затоа што неговиот живот е толку возбудлив и толку поинаков од мојот“.
Писмото на Минамарија до Ное завршува со зборовите: „Ти сѐ уште си пример за вера и послушност. Твојот живот ги охрабрува сите што ја читаат Библијата да постапуваат во склад со нивната вера“.
Ова писмо од еден млад читател на Библијата е добар доказ дека Библијата навистина е „жива и врши силно влијание“ врз луѓето, и млади и стари (Евреите 4:12).