Дали има премногу да се учи?
Седнати на плажата, една брачна двојка мисионери во Западна Африка ја гледаат месечината како трепери со сребреникав сјај на ноќното небо. „Колку знае човекот за месечината, а којзнае уште колку има да се дознае?“ — размислувајќи вели сопругот.
„Замисли си да можевме да ја гледаме Земјата вака како што сега ја гледаме месечината!“ — се надоврзува сопругата. „Колку знаење луѓето веќе насобрале, а уште колку ли има да се учи! И кога ќе размислиш, не се движи само Земјата околу Сонцето, туку и целиот Сончев систем е во постојано движење. Тоа значи дека, најверојатно, никогаш повеќе нема да сме овде, во оваа иста точка во вселената. Всушност, каде се наоѓаме во моментов, проценуваме само во однос на Сонцето и на некои ѕвезди. За некои работи имаме стекнато толку многу знаење но, од друга страна, на некој начин не знаеме ни каде сме точно во вселената!“
РАЗМИСЛУВАЊАТА на оваа брачна двојка имаат допирни точки со некои основни вистини. Се чини дека има да се научат толку многу работи. Се разбира, сите ние секојдневно учиме нешто ново. Сепак, колку и да учиме, изгледа дека никако не можеме да постигнеме да го научиме сето она што би сакале да го знаеме.
Освен способноста да примаме нови информации, многу е зголемен и капацитетот за складирање на сето тоа знаење. Благодарение на технологијата, обемот на знаењата што човештвото ги насобрало досега достигнал невидени размери. Компјутерските хард дискови сега имаат толку голема меморија што морале да се измислат нови математички термини за тие големини. Во еден едноставен CD-ROM може да се внесе огромна количина информации — неговиот капацитет изнесува и над 680 мегабајти. Едно обично DVD (дигитален видеодиск) може да содржи и седумпати повеќе информации, а веќе се достапни и дискови со уште поголем капацитет.
Средствата со кои современиот човек може да пренесе информации се над нашата способност за разбирање. Ротационите машини работат со неверојатна брзина, печатејќи весници, списанија и книги. За оној што користи Интернет, само едно кликнување на компјутерското глувче може на екранот да му исфрли бесконечно многу информации. На вакви и на многу други начини, информациите се шират побрзо отколку што човек може да ги прими. Ова количество податоци понекогаш се споредува со море, кое е толку големо што мораме да научиме да пливаме во него, но не треба да се обидуваме целото да го испиеме. Бидејќи има толку многу информации, мораме да бидеме пребирливи.
Друга причина зошто треба да бидеме пребирливи е тоа што многу од информациите кои се достапни не се баш корисни. Всушност, некои од нив се дури и непожелни, не вреди да ги знаеме. Имај на ум дека знаењето е поврзано со информациите — а тие можат да бидат точни или погрешни, корисни или бескорисни. Уште повеќе збунува тоа што некои работи кои мнозина ги сметаат за факти едноставно не се точни. Колку само често се случува дури и изјави од високо ценети стручњаци подоцна да се покажат погрешни, или неточни! Земи го примерот со градскиот писар во древниот Ефес, кого, без сомнение, луѓето во тоа време го сметале за учен службеник. Тој тврдел: „Луѓе ефешани, кој, всушност, од луѓето не знае дека градот на ефешаните е храмскиот чувар на великата Артемида и на ликот кој падна од небото?“ (Дела 19:35, 36). Иако се чини дека ова било нешто кое сите го знаеле — за многу од нив сигурно и неоспорно — не е точно дека тој лик паднал од небото. Библијата со право ги предупредува христијаните да се чуваат од она што ‚лажно е наречено „спознание“ ‘ (1. Тимотеј 6:20).
Уште една силна причина зошто треба да бидеме пребирливи кога станува збор за знаењето е тоа што моментално нашиот живот е многу краток. Без оглед на твојата возраст, сигурно има многу полиња за кои би сакал да учиш и да истражуваш, но сфаќаш дека едноставно нема да живееш доволно долго за да постигнеш да го направиш тоа.
Дали овој клучен проблем некогаш ќе се смени? Дали постои некој вид знаење што ќе ни помогне да живееме многу подолго, па дури и вечно? Дали веќе ни стои на располагање такво знаење? Ако да, ќе ни биде ли достапно на сите? Ќе дојде ли ден кога сето знаење ќе биде она што секој од нас го сака — чиста вистина? Двојката мисионери што беа спомнати погоре нашле задоволувачки одговори на овие прашања, а можеш да ги најдеш и ти. Те молиме, прочитај ја следната статија — таа зборува дека има можност да продолжиш да учиш засекогаш.