Дали ни е потребен Месија?
ВЕРОЈАТНО и ти се прашуваш: „Дали ни е потребен Месија?“ Да, логично е да се запрашаш дали еден Месија воопшто би променил нешто во твојот живот.
Некои од оние чие мислење го почитуваш ќе те уверуваат дека одговорот е јасен и гласен: апсолутно ти треба Месија, како што им треба и на сите други. Еден познавач на еврејскиот закон во првиот век го напишал следново за Месијата: „Колку и да ги има Божјите ветувања, тие преку него станаа Да“. Со тоа, тој ја нагласил клучната улога што ја има Месијата во намерата на нашиот Творец да ги благослови сите народи на Земјата (2. Коринќаните 1:20). Улогата на Месијата е толку важна што неговото доаѓање и живот на Земјата се главна тема на библиските пророштва. Во еден прирачник, што во последните 70 години го имаат користено милиони луѓе, Хенри Х. Хали изјавил: „Стариот завет бил напишан за да создаде исчекување и да го подготви патот за доаѓањето на [Месијата]“. Но, дали е неопходно тој да дојде? Зошто е тоа важно за тебе?
„Месија“ всушност значи „Помазаник“, исто што и добро познатиот израз „Христос“. Овој „Помазаник“, кого изданието на Encyclopædia Britannica од 1970 година го нарекува „најголемиот откупител“, морал да дојде поради престапот на првиот човечки пар, Адам и Ева. Тие биле создадени совршени, и имале прекрасна можност вечно да живеат во Рај, но ја изгубиле. Еден бунтовен ангел, кој станал познат како Сатана Ѓаволот, ги навел да мислат дека нивниот Творец премногу ги ограничува и дека би им било многу подобро ако самите си одлучуваат што е добро а што зло (Битие 3:1-5).
Ева била измамена и поверувала во таа лага. Адам, кој очигледно повеќе го ценел друштвото на својата сопруга отколку лојалноста кон Бог, станал соучесник во бунтот што го поттикнал Ѓаволот (Битие 3:6; 1. Тимотеј 2:14). Со овој потег, тие не само што ја прокоцкале можноста да живеат вечно во рајски услови туку на своите неродени потомци им оставиле во наследство грев и, последицата од него, смрт (Римјаните 5:12).
Нашиот Творец, Јехова, веднаш одредил на кој начин ќе ги отстрани лошите последици од низата настани, кои започнале со побуната. Тоа требало да го постигне преку она што подоцна станало правно начело во Мојсеевиот закон — око за око (Второзаконие 19:21; 1. Јованово 3:8). Ова правно начело морало да биде задоволено за да можат несреќните потомци на Адам и Ева вечно да живеат на рајска Земја, во склад со намерата на нивниот Творец. Така доаѓаме до Месијата.
Кога ја изрекувал пресудата врз Ѓаволот, во првото библиско пророштво Јехова Бог објавил: „Ќе поставам непријателство помеѓу тебе и жената, помеѓу твоето семе и нејзиното Семе: Тој ќе ти ја сотрува главата, а ти ќе Му ја сотруваш петицата“ (Битие 3:15). Еден изучувач на Библијата рекол дека „приказната за месијанските ветувања дадени во Библијата започнува со [оваа] изјава“. Друг изучувач изјавил дека Месијата е Божјето средство коешто „ќе им стави крај на сите несреќи што ги донел гревот“, и во исто време ќе донесе благослови за човештвото (Евреите 2:14, 15).
Сепак, сигурно си свесен дека денес човештвото е сѐ освен благословено. Луѓето се западнати во состојба на очај и безнадежност. Затоа, The World Book Encyclopedia вели дека „многу Евреи сѐ уште очекуваат да дојде Месијата“ и дека тој „ќе ги исправи сите неправди и ќе ги победи непријателите на човештвото“. Меѓутоа, Библијата вели дека Месијата веќе дошол. Дали постои причина да веруваме во она што го вели Библијата? Одговорот на ова прашање ќе го добиеме во следната статија.