Смрт — застрашувачка реалност!
„ОТКАКО ќе се роди човек, смртта постојано му виси над глава“, напишал британскиот историчар Арнолд Тојнби. Тој додал: „И факт е: на крајот, секој човек мора да умре“. Колкава е само тагата кога ќе ни умре некој близок во семејството или некој драг пријател!
Веќе илјадници години смртта претставува застрашувачка реалност за луѓето. Кога ќе ни умре некој од најмилите, се чувствуваме потполно беспомошни. Никој од нас не може да ѝ побегне на смртта — таа нѐ погодува сите. Пред неа стоиме немоќни како мали деца — неспособни да промениме нешто. Ниту богатството ниту моќта не можат да ни ја надоместат загубата на саканото лице. Мудрите и умните немаат одговор. Силните плачат исто како слабите.
Цар Давид од древниот Израел почувствувал ваква силна болка кога загинал син му Авесалом. Штом слушнал за неговата смрт, царот заплакал и повикал: „Сине Авесаломе, сине мој! Сине мој Авесаломе! Ох, да умрев јас место тебе! Авесаломе, сине мој, сине мој!“ (2. Самоил 18:33). Еден моќен цар, кој покорил силни непријатели, не можел да стори ништо друго освен беспомошно да посакува самиот да паднел покосен од ‚последниот непријател‘ на местото на својот син (1. Коринќаните 15:26).
Дали има лек за смртта? Ако има, каква надеж постои за мртвите? Дали некогаш повторно ќе ги видиме нашите најмили што умреле? Следната статија ни ги дава библиските одговори на овие прашања.