„Бисерот на цела Галилеја“
НА САМО шест и пол километри северозападно од Назарет, гратчето каде што пораснал Исус, постоел град што никогаш не е спомнат во евангелијата. Сепак, познатиот еврејски историчар од првиот век, Јосиф Флавиј, го нарекол „бисерот на цела Галилеја“. Тоа бил градот Сепфор. Што знаеме за овој град?
По смртта на Ирод Велики, веројатно во 1. година пр.н.е., жителите на Сепфор се побуниле против Рим, поради што нивниот град бил уништен. Иродовиот син, Антипа, ги наследил Галилеја и Переја, и одлучил својот нов главен град да го подигне врз урнатините на Сепфор. Градот бил повторно изграден во грчко-римски стил, но населението било главно еврејско. Според професорот Ричард А. Батеј, тој станал „главен административен центар од кој владата ги контролирала Галилеја и Переја“, сѐ додека Антипа не ја изградил Тиверијада, околу 21. година од н.е., со што го заменил Сепфор како главен град. Во ова време Исус живеел во близина на тој град.
Професорот Џејмс Стрејнџ, кој вршел ископувања кај Сепфор, смета дека градот некогаш имал архива, ризница, складиште за оружје, банки, јавни згради и пазари каде што се продавала керамика, стакло, метални предмети, накит и разновидна храна. Имало и ткајачи и трговци со облека, како и продавници каде што можеле да се купат кошници, мебел, парфеми и други производи. Се проценува дека градот во тоа време имал меѓу 8.000 и 12.000 жители.
Дали Исус некогаш бил во оваа прометна метропола, оддалечена еден час одење од Назарет? Евангелијата не ни даваат одговор. Меѓутоа, во The Anchor Bible Dictionary пишува дека „за да се дојде од Назарет до Кана Галилејска логично би требало да се мине низ Сепфор“ (Јован 2:1; 4:46). Од Назарет можел да се види ридот Сепфор, кој се издигал скоро 120 метри над долината. Некои сметаат дека Исус веројатно го имал овој град на ум кога ја кажал споредбата: „Не може да се скрие град кој се наоѓа на планина“ (Матеј 5:14).
По падот на Ерусалим во 70 година од н.е., Сепфор станал главен еврејски град во Галилеја, а подоцна таму се наоѓал еврејскиот виш суд, Синедрионот. Некое време тој цветал како центар на еврејската ученост.
[Карта/слика на страница 32]
(Види во публикацијата)
Галилејско Море
ГАЛИЛЕЈА
Кана
Тиверијада
СЕПФОР
Назарет
ПЕРЕЈА
[Извор на слика на страница 32]
Грнчарија: Ископано од Wohl Archaeological Museum, Herodian Quarter, Jewish Quarter. Во сопственост на Company for the Reconstruction of the Jewish Quarter in the Old City of Jerusalem, Ltd