Што се случува кога некој ќе умре?
„Сите души се бесмртни, дури и душите на злобните... Казнети со вечна одмазда во неугаслив оган, тие не умираат, и затоа е невозможно да им дојде [крајот] на нивните маки“ (Клемент од Александрија, писател кој живеел при крајот на 2 и на почетокот на 3 век од н.е.)
ИСТО како Клемент, оние што веруваат дека пеколот е место на маки, веруваат и дека душата на човекот е бесмртна. Дали Библијата го поткрепува ова учење? Размисли што вели Божјата реч како одговор на следниве прашања.
Дали првиот човек, Адам, имал бесмртна душа? Еве што вели за создавањето на Адам македонскиот православен превод: „Го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2:7, Превод на МПЦ). Забележи дека овој библиски стих не вели дека на Адам му била дадена душа.
Што се случило со Адам откако згрешил? Казната што ја одредил Бог не била вечно мачење во пекол. Наместо тоа, во истиот превод стои дека Бог рекол: „Со пот од лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!“ (нагласено од нас; 1. Мојсеева 3:19, Превод на МПЦ). Од овие зборови што ги кажал Бог воопшто не може да се изведе заклучок дека некој дел од Адам продолжил да живее по неговата смрт. Кога умрел Адам, умрел Адам како душа.
Дали постои човек со бесмртна душа? Бог му рекол на пророкот Езекиел: „Која душа греши, таа ќе умре“ (Језекиил 18:4, Превод на МПЦ). А апостол Павле напишал: „Гревот влезе во светот преку еден човек [Адам], а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12, Превод на МПЦ). Ако сите луѓе грешат, тогаш логичен заклучок е дека сите души умираат.
Дали мртвата душа знае или чувствува нешто? Божјата реч вели: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат“ (Проповедник 9:5, Превод на МПЦ). Кога објаснува што се случува со човекот кога ќе умре, Библијата вели: „Тој се враќа во земјата своја: во тој ден исчезнуваат сите негови помисли“ (Псалм 146[5]:4, Превод на МПЦ). Ако мртвите „ништо не знаат“ и сите ‚нивни мисли исчезнуваат‘, како би можеле да го чувствуваат мачењето во пеколот?
Исус Христос ја споредил смртта со спиење, а не со некакво свесно постоењеa (Јован 11:11-14). Но, некои можеби ќе приговорат дека Исус кажал дека во пеколот е жешко и дека во него одат грешниците. Да видиме што навистина рекол Исус за пеколот.
[Фуснота]
a За подетално разгледување на оваа тема, види ја статијата „Што учиме од Исус — за надежта за оние што умреле“, на страници 16 и 17.