Писмо од Ирска
Внимателна потрага
ВРЕМЕТО беше благо тој ден. Ситниот дождец паѓаше по предното стакло на автомобилот и ми го замаглуваше погледот на околниот предел. По 16 километри возење, стигнав до врвот на еден рид од кој се гледаше Вестпорт, мало крајбрежно гратче во западна Ирска. По некое време, сонцето ја растера маглата и на хоризонтот се појавија десетици островчиња распрснати низ заливот, убави како смарагди наредени на сино кадифе. Населени се само неколку од нив, а овдешните сточари ја пренесуваат стоката со траект за да пасе на некои од нив.
Ако се оди кон запад, по должината на брегот се нижат ритчиња наредени едно по друго. Обраснати во папрат, тресет и врес, ридовите блескаа на попладневното сонце како изгланцан бакар. Во далечината јасно се гледаше Кро Патрик, конусен врв што во тоа место е познат како Рик. Возев низ прометните, тесни улици на Вестпорт, го одминав Рик и стигнав до една населба во која ретко одат Јеховини сведоци.
Човекот што сакав да го посетам не знаеше дека доаѓам тој ден. Јас имав добиено писмо во кое пишуваше дека тој неодамна се преселил овде и сакал да ги продолжи своите разговори за Библијата со Сведоците. Се прашував: ‚На која возраст е? Дали е женет? Што го интересира во животот?‘ Погледнав во чантата за да се уверам дали си зедов Библија и различни библиски публикации. Размислував што да кажам за да го заинтересирам уште повеќе за пораката за Царството.
Сега Рик беше зад мене. Оттаму па сѐ до морето, како некоја сложувалка беа распослани полиња оградени со камени ѕидови, од кои повеќето биле подигнати за време на Големиот глад во 19 век. Еден осамен галеб го сечеше небото со својот лет. На хоризонтот, глогинки и трнинки, наведнати и свиткани како некои дедовци, растеа во куп вртејќи му грб на ветрот.
Во ова селско место нема куќни броеви ниту имиња на улици. Адресата што ја добив се состоеше од име на куќата и на населбата. Меѓутоа, прво сакав да го најдам човекот што сигурно знаеше каде живее секој жител — а тоа беше поштарот. По половина час ја најдов поштата — соба адаптирана за таа намена во еден ред лепенки. На вратата висеше знакот „Затворено“. Тоа не ме обесхрабри. Се распрашав во едно дуќанче и ме упатија во близина на населбата.
Откако возев уште 8 километри, го најдов ориентирот што го барав — остра кривина на десно со тесно патче на левата страна. Чукнав на вратата на една блиска куќа. Ми отвори една постара жена и гордо ми рече дека таа живее овде цел живот, но со големо разочарување ми призна дека не знае каде би можел да го најдам човекот за кого прашував. Рече дека ќе се јави да се распраша и ме покани да влезам.
Додека зборуваше, постојано ме погледнуваше, без сомнение прашувајќи се кој сум и што барам тука. Забележав мала статуа на Богородица крај вратата, а на ѕидот имаше голема слика на Христос. На масата лежеа бројаници. За да ја успокојам, едноставно ѝ реков: „Треба да му пренесам една важна порака од некои пријатели“.
Дојде и нејзиниот сопруг и почна да ми раскажува за историјата на тоа место. Во меѓувреме, жената не успеа да дознае ништо при првиот телефонски повик и инсистираше да почекам за да им се јави и на други луѓе да се распраша. Изгледаше како никој да не чул ниту за тој човек ниту за неговата куќа. Погледнав во часовникот. Беше доцна попладне. Сфатив дека ќе треба повторно да се обидам друг пат. Им се заблагодарив за помошта, се вратив во колата и тргнав на долг пат за дома.
Следната седмица повторно отидов. Овојпат го сретнав поштарот и добив јасни упатства. По 15 минути ја најдов раскрсницата што ми ја опиша. Свртив лево и возев горе-долу по патчето, барајќи го следното место што ќе ми го покаже патот — еден стар камен мост. Но, не го најдов. На крајот, дојдов до последниот знак, а таму, на врвот на ридот, беше куќата што се изнамачив да ја најдам.
Застанав за миг да размислам како да ја пренесам добрата вест. Вратата ја отвори еден постар човек. „Жал ми е“, ми рече тој, „но куќата што ја барате е онде.“ Ми покажа една куќа скриена меѓу дрвјата. Со нетрпение отидов до таму и тропнав на вратата. Додека чекав, се загледав во Атлантскиот Океан, кој беше на оддалеченост од само неколку стотини метри. Ветрот се засили, а брановите се пенеа кога ќе удреа по прекрасниот, долг брег. Немаше никого ниту во околината ниту во куќата.
Појдов уште двапати сѐ додека не најдов еден млад човек. „Ова е куќата што ја барате“, ми рече тој, „но претходниот станар, човекот што ви треба, се исели и не знам каде е сега.“ Му објаснив зошто сум дојден и дознав дека овој млад човек никогаш дотогаш немал сретнато Јеховини сведоци. Некогаш го ограбиле и се прашувал зошто Бог дозволил да се случи тоа, како и други неправди. Веднаш ги зеде најновите броеви на Стражарска кула и Разбудете се!, во кои имаше статии баш на таа тема.
Библијата ни заповеда внимателно да ги бараме луѓето што искрено сакаат да ја дознаат вистината. За жал, јас не го најдов човекот што го барав. Сепак, воопшто не сметам дека трудот ми беше залуден. Во Ирска, многу луѓе желно сакаат да ја чујат пораката за Царството, и со благослов од Јехова, семето на вистината што е посеано во тој млад човек еден ден можеби ќе даде плод.