Дали сте знаеле?
Кој бил „храмскиот заповедник“, и што правел тој?
Меѓу еврејските верски водачи што наредиле да бидат уапсени апостолите Петар и Јован додека проповедале, бил и „храмскиот заповедник“ (Дела 4:1-3). Библијата не кажува кои биле одговорностите на храмскиот заповедник, но некои историски документи ни даваат интересни информации во врска со тоа.
Изгледа дека во времето на Исус таа положба му била доделувана на свештеник кој имал авторитет веднаш по првосвештеникот. Храмскиот заповедник одржувал ред во и околу храмот во Ерусалим. Ја надгледувал службата во храмот, како и една група луѓе кои служеле како храмска полиција. Други заповедници, кои биле под негов надзор, ги надгледувале стражарите што ги отворале храмските порти наутро и ги затворале навечер, воделе сметка никој да не влезе онаму каде што не му бил дозволен пристап и ја чувале храмската ризница.
Свештениците и левитите што работеле во храмот биле организирани во 24 групи. Секоја од нив служела по една седмица кога ќе ѝ дошол редот, двапати годишно. Веројатно секоја група си имала свој заповедник (1. Летописи 24:1-18).
Овие храмски заповедници биле влијателни луѓе. Тие се спомнати заедно со главните свештеници кои сковале завера да биде убиен Исус. Исто така, ги испратиле луѓето што биле под нивна надлежност да го уапсат Исус (Лука 22:4, 52).
Во Матеј 3:4 пишува дека Јован Крстител јадел ‚скакулци и див мед‘. Дали во тоа време било вообичаено да се јадат скакулци?
Некои не веруваат дека Јован навистина јадел инсекти, и тврдат дека Матеј зборувал за мешунките на дрвото рогач, за диво овошје, па дури и за најразлични риби. Меѓутоа, грчкиот збор што го употребил Матеј се однесува на една фамилија скакулци што денес е позната како Acrididae. Во Израел бил вообичаен пустинскиот скакулец, познат по тоа што се собирал во јата и нанесувал огромни штети (Јоил 1:4, 7; Наум 3:15).
Скакулците се сметале за деликатес кај древните народи како, на пример, кај Асирците и Етиопјаните, но некои Бедуини, а и Евреите од Јемен, ги јадат до ден-денес. Во Израел, скакулците се сметале за храна на сиромашните. Откако ќе му се отстранеле главата, нозете и стомакот, останатиот дел од скакулецот се јадел суров, печен или сушен на сонце. Понекогаш скакулците се посолувале или се натопувале во оцет или мед. Историчарот Хенри Даниел-Ропс вели дека имаат вкус на морски ракчиња.
Бидејќи Јован проповедал во пустината, веројатно лесно можел да најде скакулци (Марко 1:4). Тие содржат околу 75 отсто протеини, па затоа, во комбинација со див мед, претставувале многу хранлив оброк.
[Слика на страница 28]
Асирски слуги носат скакулци и калинки
[Извор на слика]
Од книгата Discoveries Among the Ruins of Nineveh and Babylon (1853)