Поучете ги своите деца
Ревека сакала да го радува Јехова
РЕВЕКА е вообичаено име во многу места денес. Познаваш ли некој што се вика така?—a Ревека била важна личност што се спомнува во најпрочуената книга на светот, Библијата. Што знаеш за неа?— Убаво е да научиме нешто за Ревека затоа што нејзиниот пример може да ни помогне да му служиме на вистинскиот Бог, Јехова.
Ревека е втората жена за која Библијата кажува дека му служела на Јехова. Знаеш ли која била првата таква жена?— Тоа била Сара, жена му на Авраам. Таа го родила Исак, нејзиното единствено дете, кога веќе била остарена. Ајде сега да видиме како Ревека покажала дека била спремна да го прави она што му се допаѓа на Јехова и како се запознала со Исак.
Поминале повеќе од 60 години откако Бог им рекол на Авраам и Сара да заминат од Харан и да отидат во земјата Ханаан. Кога тие биле многу стари, Бог им ветил дека ќе им се роди дете што ќе се вика Исак. Можеш ли да си замислиш колку многу родителите го сакале тоа дете? Кога Сара умрела на возраст од 127 години, Исак веќе бил возрасен човек и многу тагувал поради загубата на својата мајка. Авраам не сакал Исак да земе жена од Ханаан затоа што тие луѓе не му служеле на Јехова. Затоа, го испратил својот слуга, најверојатно Елиезер, да избере жена за Исак од роднините на Авраам кои живееле во Харан — кој бил оддалечен повеќе од 800 километри! (1. Мојсеева 12:4, 5; 15:2; 17:17, 19; 23:1).
По некое време, Елиезер пристигнал во Харан. Со него биле и други слуги на Авраам, како и десет камили натоварени со подароци за невестата и со сѐ што им требало за патот. Застанале на еден бунар затоа што Елиезер знаел дека секое попладне луѓето доаѓаат таму да нацрпат вода за добитокот и за целото семејство. Тогаш Елиезер во молитва рекол дека ќе ја избере за жена на Исак онаа што, кога ќе ѝ побара да се напие вода, ќе му рече: „Пиј, и твоите камили ќе ги напојам“.
Токму тоа и се случило! На бунарот дошла младата Ревека, која била „многу убава“. Кога Елиезер ѝ побарал да му даде вода, таа му рекла: „И на твоите камили ќе им црпам вода“. Додека одела повеќепати „до бунарот да нацрпи вода“, тој ја гледал со чудење. Замисли си ја таа сцена! За да ја згаси жедта на десет камили, Ревека требало да им однесе 1.000 литри вода!
Елиезер ѝ дал убави подароци и дознал дека таа му е ќерка на Ветуил, кој му бил роднина на Авраам. Ревека ги поканила Елиезер и неговите пријатели ‚да преноќеваат‘ во домот на нејзиното семејство. Потоа, брзо отишла пред нив за да им раскаже на домашните за гостите што ги испратил Авраам од далечниот Ханаан.
Кога брат ѝ на Ревека, Лаван, ги видел скапите подароци што ги добила неговата сестра и дознал кој е Елиезер, го поканил внатре. Но, Елиезер рекол: „Нема да јадам додека не го кажам она што имам да го кажам“. Тогаш објаснил зошто го испратил Авраам. Ветуил, неговата жена и Лаван се израдувале и се согласиле на тој брак.
Откако вечерале, Елиезер и оние што биле со него ја поминале ноќта таму. Следното утро, Елиезер рекол: „Пуштете ме да се вратам кај мојот господар!“ Но, мајка ѝ и брат ѝ на Ревека сакале да остане „барем десет дена“. Кога ја прашале Ревека дали сака веднаш да замине, таа одговорила: „Сакам“. Без одлагање заминала со Елиезер. Кога стигнале во Ханаан, таа се омажила за Исак (1. Мојсеева 24:1-58, 67).
Што мислиш, дали на Ревека ѝ било лесно да се раздели од семејството и пријателите и да отиде на некое далечно место, иако знаела дека можеби никогаш повторно нема да ги види?— Не, воопшто не ѝ било лесно. Меѓутоа, таа била благословена затоа што сакала да го прави она што го радува Јехова. Ревека станала дел од лозата во која се родил нашиот Спасител, Исус Христос. И ние ќе бидеме благословени ако — исто како неа — сакаме да го правиме она што го радува Јехова (Римјаните 9:7-10).
[Фуснота]
a Ако читаш со деца, долгата црта значи дека треба да запреш и да ги пуштиш децата да одговорат на прашањето.
ПРАШАЊА:
▪ Која била Ревека, и каде ја сретнал Елиезер?
▪ Зошто Авраам не сакал Исак да земе жена од Ханаан?
▪ На кој начин Ревека покажала дека ќе биде добра сопруга?
▪ Што треба да правиме за да бидеме како Ревека?