Прашања од читателите
Дали можеме да кажеме колку точно пророштва за Месијата се запишани во Хебрејските списи?
Ако внимателно ги проучуваме Хебрејските списи, ќе видиме дека во нив има десетици пророштва кои се исполниле на Исус Христос. Тие ни откриваат детали во врска со Месијата — од каде и од чија лоза ќе дојде, кога ќе се појави, што ќе прави, како ќе постапуваат другите со него и каква улога ќе има во Јеховината намера. Сите овие пророштва заедно сочинуваат една величествена слика која ни помага да сфатиме дека Исус навистина бил Месијата. Сепак, не можеме точно да го одредиме вкупниот број на месијански пророштва во Хебрејските списи.
Постојат различни гледишта за тоа кои стихови навистина содржат пророштва за Месијата. Во една своја книга, еврејскиот изучувач Алфред Едершајм напишал дека, според древните рабински списи, 456 стихови од Хебрејските списи се однесуваат на Месијата, иако во многу од нив не е директно спомнат (The Life and Times of Jesus the Messiah). Меѓутоа кога внимателно ќе се проучат сите овие стихови, се појавува прашањето дали некои од нив воопшто се однесуваат на Исус Христос. На пример, според Едершајм, Евреите сметале дека стихот од 1. Мојсеева 8:11 е пророштво за Месијата. Тие верувале дека „гулабицата го донела маслиновиот лист од гората на Месијата“. Овој изучувач го спомнал и стихот од 2. Мојсеева 12:42, во врска со кој Евреите го донеле следниов погрешен заклучок: „Исто како што Мојсеј дошол од пустината, така и Месијата ќе дошол од Рим“. На многу изучувачи и на други луѓе им е тешко да ги поврзат со Исус Христос овие два стиха и нивното погрешно толкување.
Дури и ако се задржиме само на оние пророштва што вистински се исполниле на Исус Христос, пак е тешко да се одреди нивниот точен број. Да го земеме за пример 53. поглавје од Исаија, кое содржи неколку пророчки детали за Месијата. Во Исаија 53:2-7 за него било претскажано: „Нема достоинствен лик... Беше презрен и избегнуван од луѓето... Тој ги понесе нашите болести... Беше прободен за нашиот престап... Го одведоа како јагне на колење“. Дали овој опис од Исаија 53. поглавје треба да се смета за едно месијанско пророштво или секој детаљ треба да се смета за одделно пророштво?
Друг пример би бил Исаија 11:1, каде што стои: „Фиданка ќе изникне од пенушката на Јесеј, подник од неговиот корен ќе донесува плод“. Во 10. стих е дадено речиси истото пророштво. Дали овие стихови треба да ги сметаме за две одделни пророштва или за едно пророштво кое се повторува двапати? Очигледно, вкупниот број на месијански пророштва ќе зависи од начинот на кој ги броиме пророчките описи од Исаија 53. и 11. поглавје.
Според ова, треба да избегнуваме да наведуваме конкретна бројка кога зборуваме за тоа колку месијански пророштва содржат Хебрејските списи. Во нашите публикации има списоци со десетици пророштва кои се исполниле на Исус.a Можеме да ги проучуваме и да ги користиме во служба. Тие нѐ уверуваат дека сѐ што вели Јехова ќе се исполни. Освен тоа, многуте месијански пророштва, без оглед на нивниот број, се цврст доказ дека Исус е Христос или Месијата.
[Фуснота]
a „Све је Писмо надахнуто од Бога и корисно“, страници 343-344 и Што навистина учи Библијата?, страница 200.