Прашања од читателите
Што означуваат различните бројки во годишниот извештај за службата?
Секоја година во Годишникот и во Нашата служба за Царството од февруари излегува годишниот извештај за службата. Се радуваме кога дознаваме што постигнува Божјиот народ во делото на проповедање и поучување низ целиот свет. Но, за да можеме добро да го разбереме извештајот, мора да знаеме што означуваат различните бројки. Да разгледаме неколку примери.
Службена година. Почнува во септември и трае до август следната година. Во Нашата служба излегува извештајот за претходната службена година. На пример, во Нашата служба од февруари 2011 излезе извештајот за 2010 службена година која траеше од 1 септември 2009 до 31 август 2010.
Најголем број на објавители и просек на објавители. Во „објавители“ спаѓаат сите крстени Сведоци на Јехова, како и оние што не се крстени, но ги исполнуваат условите да проповедаат. Бројката што стои во колоната „најголем број на објавители“ се зема од месецот во кој дале извештај најмногу објавители. Во оваа бројка можат да бидат вклучени и некои извештаи кои биле дадени со задоцнување и не биле пресметани во претходниот месец. На тој начин, некои објавители можеби ќе бидат избројани двапати. Но, во таа колона не се вклучени објавителите кои проповедале, а заборавиле да дадат извештај. Затоа е важно секој објавител навреме да го даде својот месечен извештај за служба. Бројката што стои во колоната „просек на објавители“ се добива кога вкупниот број на извештаи за сите месеци ќе се подели со 12.
Вкупно часови. Според извештајот за 2010 год., Јеховините сведоци поминале повеќе од 1,6 милијарди часови во службата. Во оваа бројка не е пресметано времето што го користиме за други духовни активности, како што се пастирските посети, собраниските состаноци и личното проучување на Библијата.
Потрошени средства. Во 2010 службена година Јеховините сведоци потрошија повеќе од 155 милиони долари за поддршка на специјалните пионери, мисионерите и патувачките надгледници во нивната служба. Во оваа бројка не се пресметани парите потрошени за печатење на нашите библиски публикации, како и за потребите на повеќе од 20.000 доброволци кои служат во Бетелите низ целиот свет.
Број на лица што зеле од симболите. Во него се вклучени сите крстени Сведоци што земаат од симболите на Спомен-свеченоста низ целиот свет. Но, не мора да значи дека има токму толку помазаници на Земјата. На пример, некои можат погрешно да заклучат дека имаат небесен позив под влијание на своите поранешни верски убедувања или, пак, затоа што имаат умствени или емоционални проблеми. Според тоа, не е можно да се знае точниот број на помазани христијани на Земјата, а и нема потреба да го знаеме. Водечкото тело нема список со имиња на сите што земаат од симболите.a
Едно е сигурно — кога во големата неволја ќе бидат пуштени ветровите на уништувањето, на Земјата ќе има некои помазани „робови на нашиот Бог“ (Отк. 7:1-3). Сѐ дотогаш, помазаниците ќе предводат во делото на проповедање и поучување. Годишниот извештај ни покажува какви резултати се постигнуваат со ова најважно дело во човечката историја.
[Фуснота]
a Види ја статијата „Верниот управител и неговото Водечко тело“ во Стражарска кула од 15 јуни 2009, страница 24.