Се сеќаваш ли?
Дали внимателно ги читаше последните неколку броеви од Стражарска кула? Види дали можеш да одговориш на следниве прашања:
Во која смисла примерот на Соломон може да биде предупредување за нас?
Бог го благословувал и го користел цар Соломон. Но, во текот на неговото владеење, тој престанал да ги слуша Божјите совети. Се оженил со ќерката на фараонот, си зел и многу други жени кои не биле Израелки и дозволил постепено да го наведат да се сврти кон лажни богови. И ние мора да внимаваме да не развиеме погрешни ставови или склоности (5. Мој. 7:1-4; 17:17; 1. Цар. 11:4-8; 15/12, страници 10-12).
Зошто може да се каже дека Сара била побожна жена и добра сопруга?
Кога Бог му заповедал на Авраам да го напуштат Ур, тоа значело дека треба да ги остават роднините, пријателите и удобниот живот, и да одат на некое ново и непознато место. И покрај тоа, Сара спремно заминала, со доверба дека Јехова ќе ја благослови. Го почитувала Авраам и покажала дека има убави особини (1/1, страница 8).
Зошто Јехова побарал од Авраам да го жртвува својот син?
Важно е да имаме на ум дека Бог не дозволил Авраам да оди до крај и навистина да го жртвува Исак. Преку тој настан, Јехова, всушност, сакал да предочи дека ќе го жртвува својот Син, Исус, иако тоа ќе било многу болно за Него (1/1, страница 23).
Што покажува дека, од првиот век наваму, секогаш имало некои вистински помазани христијани на Земјата?
Во споредбата на Исус за „пченицата“ и „каколот“, „доброто семе“ ги претставувало „синовите на царството“ (Мат. 13:24-30, 38). Каколот требало да расте заедно со пченицата сѐ до жетвата. Затоа, иако не може да кажеме точно кои поединци или групи ја сочинувале „пченицата“, сигурни сме дека, сѐ до нашево време, на Земјата секогаш имало вистински помазаници (15/1, страница 7).
Кои настани ќе водат директно до Армагедон?
Светските водачи ќе го објават следниов значаен повик: „Мир и сигурност!“ (1. Сол. 5:3) Различни влади ќе ја нападнат лажната религија (Отк. 17:15-18). Потоа ќе бидат нападнати оние што му служат на вистинскиот Бог. Тогаш ќе дојде крајот (1/2, страница 9).
Како може да се бориме со склоноста да им завидуваме на другите?
Треба да ја продлабочуваме љубовта кон браќата и сестрите, да се дружиме со луѓе што му служат на Бог, да правиме добро и ‚да се радуваме со оние што се радуваат‘ (Рим. 12:15; 15/2, страници 16-17).
Кој го зборува јазикот нахуатл, и што се прави за тие луѓе?
Тоа бил јазикот на древните Астеци, кој сѐ уште го зборуваат околу 1,5 милион луѓе во Мексико. Сведоците проповедаат на нахуатл, и некои наши публикации се преведени на овој јазик (1/3, страници 13-14).
Кои начела треба да ги имаме на ум кога даваме совети?
Потруди се да стекнеш целосна слика. Не избрзувај со советот. Понизно примени ја Божјата Реч. Користи ги библиските публикации. Не донесувај одлуки наместо другите (15/3, страници 7-9).
Што сакал да каже Исус кога ги поттикнал оние што го слушале да одат уште една милја? (Мат. 5:41)
Во тоа време, Римјаните, кои биле на власт во Израел, можеле да присилат некого да врши одредена служба. Кога ги поттикнал оние што го слушале да одат уште една милја, Исус сакал да им каже дека требало без никаква огорченост да ги извршуваат службите што властите со право ги барале од нив (1/4, страница 9).