Приближи му се на Бог
Тој ги наградува сите што му служат
„ТИ БЛАГОДАРАМ.“ Кој не сака да ги чуе овие зборови за некоја работа што добро ја завршил или за подарок што го дал од срце? На сите нас ни значи ако другите, а особено тие што ги сакаме, го ценат она што го правиме за нив. Се разбира, најмногу го сакаме нашиот Бог, Јехова. Дали тој го цени она што го правиме за него? Да видиме како постапил со Авде-Мелех, човек кој си го ризикувал животот за да спаси еден од Божјите пророци. (Прочитај Еремија 38:7-13 и 39:16-18.)
Кој бил Авде-Мелех? Тој веројатно служел во дворецот на Седекија, царот на Јуда. Авде-Мелех живеел во исто време со Еремија, кого Бог го испратил да објави дека неверната Јуда ќе биде уништена. Иако живеел меѓу безбожни кнезови, Авде-Мелех го сакал Бог и многу го почитувал Еремија. Убавите особини на Авде-Мелех биле ставени на испит кога злобните кнезови лажно го обвиниле Еремија за предавство и го фрлиле во јама со тиња, за таму да умре (Еремија 38:4-6). Што направил Авде-Мелех?
Тој постапил храбро и решително, без да се плаши дека кнезовите ќе му се одмаздат. Отишол директно кај Седекија и пред сите ја изнел неправдата која му била нанесена на Еремија. Можеби со прстот вперен во виновниците, му рекол на царот: ‚Овие луѓе му направиле зло на Еремија‘ (Еремија 38:9). Седекија се уверил во зборовите на Авде-Мелех и му заповедал да поведе со себе 30 луѓе и да го спаси Еремија.
Потоа, Авде-Мелех покажал уште една многу убава особина: добрина. Тој зел ‚износени облеки и стари крпи, па со јажиња му ги спуштил на Еремија‘. Зошто биле потребни облеки и крпи? За да може Еремија да ги стави под пазувите и така да ја ублажи болката од триењето на јажето со кое го извлекувале од јамата со тиња (Еремија 38:11-13).
Бог го забележал она што го направил Авде-Мелех. Дали го ценел тоа? Преку Еремија, му кажал на Авде-Мелех дека Јуда во скоро време ќе биде уништена. Потоа, му дал силна гаранција на Авде-Мелех дека ќе го спаси. Јехова му рекол: „Ќе те избавам... нема да бидеш предаден во рацете на луѓето... навистина ќе те избавам, па нема да паднеш од меч. Ќе ја добиеш својата душа како плен“. Зошто на Авде-Мелех му било дадено ова ветување? Јехова му рекол: „Бидејќи се надеваше на мене“ (Еремија 39:16-18). Јехова знаел дека Авде-Мелех го направил тоа не само од грижа за Еремија туку и затоа што имал цврста доверба и вера во Бог.
Поуката е јасна: Јехова го цени она што го правиме за него. Библијата нѐ уверува дека тој не ги заборава ни најмалите работи што ги правиме поттикнати од срце полно со вера (Марко 12:41-44). Сакаш ли да се зближиш со еден таков Бог? Биди уверен дека тој навистина ќе си го одржи зборот дека ќе ги „награди оние што ревносно го бараат“, како што пишува во неговата Реч (Евреите 11:6).
Читање на Библијата во мај: